Портрет

Груевски – Автократот од наше маало

Нема веќе дилеми, Никола Груевски од синоќа е само партиски лидер. Уверен е дека со фанфари ќе се врати во барокниот дворец и кристално јасно е дека сите карти ги фрлил на избори на кои ќе ја престигне Катица Јанева. Договорот од Пржино ќе одбележи декада од неговото владеење, точка од која многу појасно се гледаат неговите политики.

Десет години го моделираше Македонецот, онака како што Господ во Библијата го создал човекот – според својата лика и прилика | Фото: МИА

Има ли нешто што не знаеме за премиерот чија што „времена“ оставка стана реална? Крие ли тајни ликот кој долго време, како негатив-фотографија, останува во зениците, откако ќе го исклучиме телевизорот? Изненади ли Груевски со прекршување преку колено на пржинскиот јазол фрлајќи ги сите карти на избори на кои ќе ја престигне Катица Јанева?

Години отсега, различни луѓе крајно внимателно ќе посегаат по сосема различни сегменти од неговото владеење и со тоа или ќе го глорифицираат или ќе го ничкосуваат, ама веројатно никој нема да негира дека Груевски беше најмоќниот политички лидер во последнава декада во Македонија, алфа и омега на анестезираната политичка сцена, човек кој сите сегменти од општеството херметички ги затвори во една стаклена божиќна топка, потресувајќи го тој кревок кристален свет кога и како сакаше и предизвикувајќи „снежни бури“.

Она што тој сакаше да го сподели за себе, трпеливо, од пи-ар аспект хируршки прецизно и пред сè успешно, го сервираше на тацна преку медиумите речиси десет години, додека неговата темна страна срамежливо се откриваше во политиките што ги спроведуваше, во изјавите и во секој премолчен одговор пред новинарите.

Опозицијата се обиде да го открие целиот портрет со „бомбите“, во еден миг да го симне белиот превез од лицето на политичарот и на човекот Никола Груевски, а историјата на веќе познат начин да си поигра со уште еден водач кој заспа на тронот, заблуден дека може самиот да го конструира сопствениот мит.

Монашки скромен и чесен младич

Кежуал за викенди, зелено за Жабени | Фото: МИА

Ја вајаше сликата за себе со приказната дека е чесен и монашки скромен младич од нашето маало, работлив и патриот кого го красат моќта на Александар Македонски и мудроста на еден Гоце Делчев. Токму затоа овие квалификативи беа и стратешка цел што опозицијата ја „бомбардираше“ во процесот „Вистината за Македонија“, процес што на моменти повеќе прилегаше на обид за откривање на вистината за Груевски.

Чесноста и скромноста на премиерот во оставка мораа да имаат референти точки од минатото, позиции со кои карактерот на Груевски ќе се споредува од некакви си хималајски морални височини и затоа уште во 2006 медиумската машинерија очекувано го компарираше со разузданата олигархија од деведесеттите („која ги искраде фабриките“) и со човекот „виновен за сè“ – Бранко Црвенковски.

Затоа не се пресели во премиерската вила на Водно туку остана да живее во станот на неговата мајка, да покаже дека премиерот Никола Груевски не се разликува по ништо од човекот што се одѕива на истото име и презиме. Затоа на Денот без автомобили, едно септемвриско утро со извежбаната детска насмевка на лицето пешачеше од дома до „Илинденска“ во директен пренос на А1 телевизија додека сè уште беше во добри односи со газда Велија.

Затоа не пропушташе бадникарски оган во Мичурин, мал фудбал со другарите од Ѓорче и затоа секој од преку 450-те премиерски викенди се појавуваше на телевизија во кежуал варијанта, макар и по цена Фејсбук и Твитер да се исмеваат до смрт на неговата виолетова маица со темно сини линии и џемпер со тонови од мочуриште, што ги носеше при посетата на индустриската зона Жабени.

Веројатно затоа СДСМ ја лансираше „бомбата“ со луксузниот „мајбах-мерцедес“ вреден повеќе од половина милион евра со телевизори на задните седишта.

Како Груевски стана #Ж

Многумина не знаат зошто корисниците на Фејсбук и на Твитер Груевски го нарекуваат „Ж“. Тој го доби прекарот од твитерџиите, откако „Нова Македонија“ во текст за политичарите што твитаат, наместо @nikolagruevski, неговиот профил по грешка го напиша како Жnikolagruevski.

Денес на скромноста не ѝ прилега да биде во иста реченица со карактерните особини на Груевски. Минаа десет години во кои под неговото будно око студиозно се релоцираше крупниот капитал во рацете на неколку луѓе од доверба и се формираше октоподска офшор-олигархија, чии пипала од сите егзотични страни на компасот допираат до ликот и делото на Сашо Мијалков, неговиот прв братучед.

Аурата на чесност го донесе на лидерското место во ВМРО-ДПМНЕ во 2004, по краткиот престој во Белград како советник на српскиот министер за финансии, Божидар Ѓелиќ. Во раните 2000-ти, Груевски беше доживуван како вистински антипод на Љубчо Георгиевски за кого се залепија сите корупциски афери, a по успешната промоција на ДДВ-то, беше перципиран и како прототип на модерен политичар опериран од идеологија.

Тогаш уживаше огромна поддршка од медиумите, во 2000-та магазинот „Форум“, кој беше гласен критичар на Љубчо Георгиевски и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, го прогласи за Човек на годината и го вброја меѓу десетте најпосакувани ергени.

Тој, сепак, не излезе без „опашки“ од овој период, му се влечат становите на неговата мајка кои опозицијата ги проблематизира и ги множи со два и контроверзната приватизација на Национална платежна картичка (НПК) на чело со помладиот братучед Владимир Мијалков, а интересно е и дека официјалната премиерска биографија е посиромашна за информацијата дека во 1998 работел во „Балканска банка“, која се поврзуваше со спорниот бугарски холдинг „Мултигруп“.

Боголидер на држава-корпорација

Груевски ја водеше Македонија како да е директор на компанија, кој менаџерство научил од неколку скапи курсеви или, пак, од книгите по теркот на онаа на Доналд Трамп, „Размислувај како шампион“ – агресивно и постојано, како во некоја вечна предизборна кампања. Само во таква држава-корпорација им се крати од платата на пратениците кои го бојкотираа Собранието по инцидент како што беше оној на 24 декември 2012.

Лидерот израснат на фрази од популарната бизнис-литература ја откри својата природа во едно од ретките интервјуа во кое говори за себе, во емисијата „Пулс“ на Алфа ТВ. Се пофали дека не прифаќа неговите соработници да му велат „не можам“ и „невозможно е“, а сите знаеме дека ја зборувал вистината откако ја чувме „дил ориентед бомбата“ со Миле Јанакиевски.

Станува збор за микроменаџер кој под мотото „не ветувам многу, ама тоа што ќе го ветам го остварувам“ во тефтерот водеше сметка за секој проект што го спроведуваа неговите министри и директори.

Го спушти патриотското сидро на страницата 146 од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ | Фото: МИА

Ваквиот берзански пристап во политиката нема многу допирни точки со демократијата, онаква каква што ја знаеме од учебниците туку повеќе одговара на автократските режими каде сите го слушаат лидерот, а тој не ферма никого.

Затоа голем дел од политиките што ги спроведуваше Груевски се рефлексија на неговиот светоглед, а не на некаква демократска процедура која тој треба да ја олеснува. Цели десет години го моделираше Македонецот, онака како што Господ во Библијата го создал човекот – според својата лика и прилика:

Груевски не пуши, затоа никој нема да пуши во затворено. Груевски не пие алкохол, затоа ќе се забрани продажбата по седум часот. Груевски завршил факултет во Прилеп, затоа секој град ќе има универзитет. Неостварена желба му е да студира режија во Прага, затоа нашите студенти сега можат да си ги дозволат студиите на истиот универзитет, благодарение на стипендиите.

Сидро спуштено на стр. 146 од „Преродбата“

Неговиот однос кон религијата повеќе изгледа како да е на ниво на дарување зејтин и чорапи в црква | Фото: МИА

Не се сеќаваме дека некој мандатар пред него го затворал експозето со Господ, повеќе верски празници ги подигна во државни и неработни, изгради десетици и десетици православни храмови, меѓутоа преку своите постапки никогаш не емитира спиритуалност, неговиот однос кон религијата повеќе изгледа како да е на ниво на дарување зејтин и чорапи в црква.

Во поновата македонска историја не е забележан политичар што успеал толку време да опстојува високо со рејтингот меѓу граѓаните. Покрај скапо платениот медиумски полумрак кој му слугува само нему, Груевски во анкетните облаци го држеа и неговите соработници и новокомпонираните експерти. Од устата на експремиерот никогаш не излегуваа „лошите вести“, нив ги соопштуваа подредените министри или наредените стручњаци кои беа наградувани со амбасадорски места.

Хипокрит и алтруист

За некого лапсусите откриваат многу за нивната личност, други, пак, сметаат дека на сите може да им излета погрешен збор. Груевски ќе остане запомнет по два лапсуса, прво наместо Хипократова, рече Хипокритова заклетва, а наместо аутист, Црвенковски во една прилика го нарече алтруист.

Признавањето на Косово и контроверзното писмо до Бан Ки-мун за името, отидоа на контото на тогашниот министер Милошоски, додека амнестијата на Хашките случаи лично Груевски им ја припиша на пратениците со една „не сум оттука“ изјава.

Од него ретко слушавме албанофопска, или каква било дискриминирачка изјава и покрај тоа што таа реторика пали кај гласачите, меѓутоа Груевски се погрижи неговите ставови на сензитивни теми посредно да стигнуваат до поддржувачите. Затоа беше редовен гостин кај оние што гласно ги прокламираа, со тоа легитимирајќи ги сите свои и сите нивни проблематични ставови.

Во нечии мемоари ќе читаме кој на што се согласил за време на НАТО-самитот во Букурешт 2008, меѓутоа Груевски го искористи моментот да го спушти патриотското сидро на страницата 146 од Програмата на ВМРО-ДПМНЕ и мирно да ги пречекува бурите, додека го подигнуваше Александар Македонски на скопскиот плоштад мантрајќи дека „името не го даваме“.

Иронијата на една боксерска метафора

Се однесуваше како да ќе владее 100 години, ама се подготвуваше како уште наредниот ден да ќе има избори | Фото: МИА

Водеше политиката на база на адреналин, во атмосфера на една полувонредна ситуација, се однесуваше како да ќе владее 100 години, ама се подготвуваше како уште наредниот ден да ќе има избори. Како во секоја студена војна, тој цинично ги презираше непријателите, цврсто до себе ги држеше соработниците што филигрански ги избра уште кога беше министер и крајно брутално се пресметуваше со „предавниците“ од своите редови.

Политичките противници ужасно згрешија кога го потценија. Тој секако не е генијален ум, не може ниту да се чалами со образование оформено меѓу тврдините на некој светски универзитет, има мала говорна маана и необичен ôд, намерно или не се служи со речник со кој не може да прескокне две запирки во една иста реченица, меѓутоа додека опонентите го исмеваа, тој неверојатно упорно си ја бркаше работата, онака како што си имаше зацртано.

Во една прилика ќе каже дека, всушност, од боксот научил многу лекции за животот, како онаа никогаш да не го потценува противникот, а на темата животни лекции од оваа „благородна вештина“, Груевски сигурно ја знае и онаа од филмот „Роки“, дека е многу поважно да ги издржиш силните удари, отколку да удираш силно.

Токму оваа порака сакаше да ја испрати во неговото последно интервју кога се поистовети со боксерот Мохамед Али во борбата со Џорџ Форман, иако мечот го раскажуваше во стилот „му ја скрши кичмата“ на Цацко Конопишки,.

Сосема друга приказна е што во неговата боксерска метафора има силна иронија, бидејќи легендарниот меч помеѓу Али и Форман се одигра во 1974 во африканската држава Конго, тогашен диктаторски Заир.