Министерот за правда на Косово, Абелард Тахири, вчера вечер потврди дека Специјализираното обвинителство го повикало да дојде на разговор, на крајот на октомври.
„Пред две недели добив повик од специјализираниот обвинител да одам таму на крајот од овој месец, како сведок“, изјави Тахири, за приштинската телевизија Дукаѓини.
„Очекував ова да се случи, бидејќи во 2018 година, како министер за правда, имав интензивна комуникација со Специјализираното обвинителство. Видов дека (повикот) може да се случи поради оваа комуникација, но не можам да зборувам за тоа, бидејќи тоа се доверливи документи и нивното откривање е кривично дело“, нагласи тој, без да даде дополнителни детали за природата на комуникацијата со обвинителите.
Повикот до Тахири доаѓа скоро три месеци откако обвинителството го сослуша членот на неговиот кабинет, Рилинд Бериша.
Специјализираното обвинителство на Косово има задача да спроведе истраги за злосторствата, наводно, извршени од припадниците на ОВК, од почетокот на 1998 до крајот на 1999 година, кои вклучуваат убиства, киднапирања, нелегални апсења и сексуално насилство.
На оние, против кои ќе биде поднесено обвинение, ќе им се суди пред Специјализираните совети. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.
Од минатата година, обвинителството сослуша повеќе од 40 поранешни припадници на ОВК, меѓу кои и неколку актуелни високи политичари. Многумина изјавија дека сакаат да им докажат на обвинителите, оти војната на ОВК против српските сили, била легитимна и „чиста“.
Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, во јули годинава, откако обвинителите го повикаа на сослушување во својство на осомничен, поднесе оставка.
Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство (пошироко познати како специјален суд) на Косово, се дел од правниот систем на Косово и функционираат во согласност со косовското право, со ангажман на меѓународни судии и обвинители. Во Косово нашироко постои негативен став кон овој суд, бидејќи многумина ја сметаат ОВК за војска која ги ослободила од српското владеење.