Регион

Косово: Уапсени две лица, осомничени за поврзаност со убиството на Ивановиќ

Оливер Ивановиќ во Белград, во 2011 година. Фото: Медиа центар

Косовската полиција соопшти дека рано утрово, во Северна Митровица, уапсила две лица, од кои едното е полициски службеник, поради сомнение дека се поврзани со нерешеното убиство на Оливер Ивановиќ.

Полицијата трага по уште едно осомничено лице, исто така, полициски службеник.

„Можам да потврдам дека во раните утрински часови косовската полиција спроведе операција во Северна Митровица, во врска со убиството на Оливер Ивановиќ“, се вели во соопштението на портпаролот на косовската полиција, Баки Келани.

При апсењето, кај еден од осомничените е пронајдено оружје. „Покрај тоа, во операцијата беа пронајдени уште две парчиња оружје и муниција“, се додава во соопштението на Келани.

Во него се нагласува оти и двајцата полициски службеници се Срби.

Косовапрес и Танјуг објавија дека уапсениот полицаец е Раде Басар, кој работел на случајот Ивановиќ и за кого постои сомневање дека скрил докази, додека лицето по кое се трага е Жељко Бојиќ, командир на оперативната косовска полиција, задолжен за северот.

Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, ја обвини косовската полиција оти „се игра со мирот“ и додаде дека „синот на Бојиќ, Василије Бојиќ, го одвелa во непозната насока“.

„Нивната намера (на косовската полиција) е да ги обвини Србите за убиството“, нагласи Ѓуриќ за Танјуг.

Специјалниот обвинител кој работи на случајот Ивановиќ, Суље Хоџа, за БИРН вели дека двајцата полициски службеници се „осомничени за прикривање докази и организиран криминал“.

„Р.Б. беше уапсен. додека Ж.Б. не беше пронајден, но полицијата го уапси неговиот син, бидејќи кај него било пронајдено оружје, иако за него немаше налог за апсење“, рече Хоџа.

Ивановиќ, лидер на партијата „Слобода, демократија, правда“, беше убиен пред седиштето на неговата партија во Митровица, северно Косово, на 16 јануари 2018 година.

Во ноември 2018, косовските власти уапсија четири лица во врска со овој случај. Двe од нив сѐ уште се во притвор.

Тие, исто така, го именуваа Милан Радоичиќ, потпретседател на политичката партија на Србите од Косово, Српска листа, како осомничено лице.

Радоичиќ, познат бизнисмен, нашироко се смета за вистински носител на моќта  во северно Косово.

Тој, во ноември 2018, го избегна апсењето и замина во Србија. Српските власти соопштија оти е невин, а и самиот Радоичиќ негираше дека е вмешан во убиството.

Ивановиќ, кој претходно се сметаше за тврдокорен националист, стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.

Тој стана и гласен критичар на Владата во Белград.

Пред да биде убиен, нему, во обновената постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната на Косово во 1999 година. Тој се изјасни дека не е виновен.