Хашкиот трибунал, на Воислав Шешељ, ќе му именува правен застапник за претстојната жалбена постапка, бидејќи Шешељ одби да се врати во Хаг.
Радоша Милутиновиќ, Белград
Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, соопшти дека ќе му именува правен застапник на лидерот на Српската радикална партија (СРП), кој ќе ги штити неговите права во претстојната жалбена постапка.
Тој застапник нема да може да влегува во јадрото на случајот, односно „во името на Шешељ да одговара на суштината на жалбата на Обвинителството“.
Шешељ, кој сам се бранеше за време на судењето, не се изјасни официјално дали ќе присуствува на жалбената расправа.
Лидерот на СРП, минатиот месец повтори дека нема доброволно да се врати во Хаг, откако судот во 2014 година го пушти на привремена слобода заради лекување.
По ослободувањето, Шешељ се врати во политичкиот живот во Србија и денес е пратеник.
Образложувајќи ја одлуката на ММКТ, судијата Теодор Мерон изјави дека одбивањето на обвинетиот да учествува во расправата е „попречување на процесот, со кој се оправдува неговото право сам да се застапува, а кое во овој случај ќе биде ограничено“.
Шешељ во март беше ослободен од обвинението за злосторства против несрпското население во Хрватска, Војводина и во Босна и Херцеговина.
Обвинителството со жалбата побара, ослободителната пресуда да биде поништена, а Шешељ да биде прогласен за виновен и осуден на 28 години затвор.