Регион

Шешељ нема намера да присуствува на жалбеното рочиште

Националистичкиот политичар, Воислав Шешељ, го отфрли предупредувањето од Хашкиот трибунал, дека ќе му биде назначен бранител по службена должност, доколку не присуствува на жалбеното рочиште.

Лидерот на Српската радикална партија (СРП), Воислав Шешељ, во средата изјави дека нема доброволно да се врати во Хашкиот трибунал и дека судот за воени злосторства нема овластување да му назначи бранител без негово одобрение, како што беше најавено од судот.

Шешељ, на чија ослободителна пресуда обвинителството поднесе жалба, за српските медиуми изјави дека Трибуналот може да му додели само „резервен бранител“, кој нема право да зборува во негово име.

„Им бев на располагање 12 години, не можеа да докажат ниту едно кривично дело, не беа во состојба да ме осудат, не барав да ме пуштат дома, тие ме истера брутално“, изјави, како што јавува новинска агенција Бета, Шешељ.

Повтори дека нема да се врати во притвор, освен ако „не го екстрадираат режимот на прогресивците и Александар Вучиќ“.

Да потсетиме, меѓународниот суд во понеделник го предупреди Шешељ, дека ќе му биде доделен бранител по службена должност, доколку не се појави на жалбеното рочиште, како што не присуствуваше на изрекувањето на пресудата.

Трибуналот во март минатата година, го ослободи Шешељ по сите точки од обвинението, кое го товареше за воени злосторства извршени во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Војводина.

Судскиот совет утврди дека тој не е виновен за прогон, депортација, тортура, безобѕирно уништување и ограбување, во периодот од август 1991 до септември 1993 година.

Шешељ, во ноември 2014 година, откако му беше дијагностициран рак, беше привремено ослободен заради лекување и оттогаш е во Белград.

Се врати на српската политичка сцена и стана пратеник во српското Собрание.

На изрекувањето на пресудата не се појави. Изјави дека никогаш нема да се врати во Хашкиот трибунал.

Инаку, Шешељ, како учесник во реалното шоу кое во саботата се емитуваше на ТВ Пинк, облече судска одора и изрекуваше „санкции“, исмевајќи го судот.

Објавено и на Балканска транзициска правда