Регион

Хашим Тачи останува во притвор

Хашим Тачи . Фото: ССК/Скриншот.

Апелацискиот совет на Специјализираните совети на Косово – ССК вчера го одби барањето на Тачи, за условно ослободување од притвор, со образложение дека сѐ уште постои можност тој да избега.

Тачи во својот поднесок истакнува дека судијата за претходна постапка згрешил кога заклучил дека тој сѐ уште има значајна улога, влијание и авторитет на Косово.

Тој нагласи дека сега е во најслаба позиција во неговата политичка кариера, бидејќи неговата партија, Демократската партија на Косово (ДПК), поминала лошо на овогодишните избори и „веќе не може да привлече доволно поддршка за да стане одржлива опозиција“. ПДК освои само 19 од 120 места во Собранието.

Тачи истакна дека неговиот статус како висок поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) „сам по себе не му овозможил автоматски да има позиција на влијание или авторитет по завршувањето на конфликтот“.

Судијата за претходна постапка на ССК, формирани за да им судат на поранешни припадници на ОВК за злосторства извршени за време и по војната во Косово 1998-2000 година, наведе дека постои можност Тачи да избега, да го опструира напредокот на постапката пред Специјалниот суд или да изврши други злосторства над оние за кои се верува дека биле против ОВК, вклучително и врз потенцијалните сведоци.

Судијата за претходна постапка ги наведе како пример, како што рече, „обидите на Тачи да ги поткопа ССК и неговата понуда за бенефиции на лицата повикани од СОК (Специјализираното обвинителство на Косово)“, како и постоењето на „висок ризик од заплашување или влијание врз сведоците и/или членовите на нивните семејства“ и „постојаната клима на заплашување на сведоците и мешање во кривичните постапки, што се водат  против поранешни припадници на ОВК“.

Апелацискиот совет утврди дека „е разумно што судијата за претходна постапка сметал дека Тачи несомнено и натаму има одреден степен на влијание врз неговите поранешни подредени и покрај неговата неодамнешна оставка како претседател на Косово“. Тачи поднесе оставка откако беше обвинет за воени злосторства.

Апелацискиот совет, исто така, истакна дека „секоја неодамнешна промена на политичкиот пејзаж во Косово е од мала важност“ во однос на влијанието на Тачи на Косово.

Советот нагласи дека Тачи „не докажал“ оти одлуката за негово притворање, во оваа фаза од постапката, била неразумна и ја отфрлил неговата жалба.

Тачи и останатите тројца обвинети се товарат за низа воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и за незаконско притворање, тортура, убиства, присилни исчезнувања и прогон најмалку од март 1998 до септември 1999 година.

Во обвинението се наведува дека обвинетите биле дел од заеднички злосторнички потфат, со цел преземање на контролата над цело Косово, со користење на средства како „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.

Најголем дел од злосторствата, наводно, биле извршени во објекти за притвор на ОВК во Косово и во Албанија.

Сите четворица изјавија оти не се виновни.