Регион

Хрватска: Поништена ослободителна пресуда за воени злосторства

Врховниот суд на Хрватска. Фото: БИРН.

Врховниот суд на Хрватска  соопшти дека ја поништил судската одлука, со која Марко Царевиќ (66) беше ослободен од обвинението дека дал наредба за убиство на постар Хрват, во населбата Каблара, во октомври 1991 година.

Во својата одлука, Врховниот суд образложува дека „не стојат“ заклучоците на првостепениот суд  оти не можело со сигурност да се утврди дека Царевиќ го наредил убиството на цивилот и наложи повторно судење.

Судот ја потврди пресудата со која второобвинетиот во овој предмет, 64-годишниот поранешен припадник на српските паравоени единици, Љубан Линта, беше осуден. Тој во моментов им е недостапен на хрватските власти.

Убиството е извршено за време на окупацијата на Каблара, населба во градот Карловац, за време на конфликтот меѓу Хрватската војска и Југословенската народна армија и српските паравоени единици.

Според обвинението, членовите на српската паравоена група Горни Сјеничак, го уапсиле 83-годишниот Иван Гргиќ, во дворот на неговиот семеен дом и го однеле кaj Царевиќ.

Откако Гргиќ бил сослушан, Царевиќ му рекол на еден од припадниците на единицата да го убие. Но, тој одбил, па затоа Царевиќ му ја дал истата наредба на Линда, тврдеа обвинителите.

Припадниците на единицата потоа го убиле старецот.

Во 2019 година, Окружниот суд во Риека го прогласи Линта за виновен за убиство на Гргиќ и го осуди на десет години затвор, додека Царевиќ беше ослободен од обвинението дека дал наредба за убиството.

Линта има и хрватско и српско државјанство, а последната адреса му е во Србија, па му се судеше и беше осуден во отсуство.