Полицијата, во неделата, уапси две лица, поради сомневање дека учествувале во напад врз пет млади лица, кој се случил во Супетар, градче на хрватскиот остров Брач.
Нападнатите лица, кои претрпеле помали повреди, се хрватски државјани, сезонски работници на Брач. Меѓу нив се и две момчиња од српска националност.
Нападните соопштија дека напаѓачите им упатиле антисрпски коментари.
„Овие две момчиња кои беа со нас во друштво, се од Вуковар, но се од српска националност, и, веројатно, напаѓачите ги слушнале како зборуваат. А кога нѐ … нападнаа, само викаа: ‘Кој од вас е Србин’ и ‘Убијте го Србинот’”, изјави за медиумите, еден од нападнатите.
Според него, напаѓачите ги удирале десет минути, а ги спасил таксист, кој поминувал покрај нив.
Нападот се случил по одржувањето на Торцида купот, фудбалски турнир, кој ги собира локалните навивачи на Хајдук од Сплит, што се одржа во саботата во Супетар.
Градоначалничката на Супетар, Ивана Марковиќ, го осуди инцидентот и соопшти дека ќе ја повлече планираната финансиска донација за турнирот.
„Бидејќи напаѓачите биле учесници и посетители на Торцида купот, решив да ја повлечам одлуката за донација на овој настан, бидејќи градот Супетар не може да охрабрува спортски настани, чии учесници и посетители изразуваат омраза“, изјави Марковиќ, за локалните медиуми.
Српскиот народен совет (СНС), кој ги претставува интересите на српското малцинство во Хрватска, забележа 393 инциденти во 2017 година, кои вклучуваат етничка нетрпеливост, ревизија и негирање на историските настани, како и навреди, закани, физички напади и говор на омраза, насочени кон Србите во Хрватска.
Во февруари, тројца играчи на ватерполо клубот Црвена звезда од Белград, беа нападнати во Сплит. Хрватската Влада и претседателката, Колинда Грабар- Китаровиќ, го осудија нападот.
За време на предизборната ЕУ кампања, која се одржа минатиот месец, на билбордите на Самостојната демократска српска партија (СДСП) со пораката „Дали знаете како е да се биде Србин во Хрватска“, беа напишани антисрпски графити и симболи на фашистичкото усташко движење.
СДСП го осуди инцидентот во Супетар.
„Во кампањата (за изборите во ЕУ) прашавме: ‘Дали знаете како е да се биде Србин во Хрватска?’. На Брач, шовинистите се обидоа да дадат еден од одговорите“, се вели во објавата на оваа партија на Фејсбук.