Регион

Хашим Тачи, тајно именувал осуденик за воени злосторства, за свој советник

Хашим Тачи (десно), му врачува медал на Рустем Мустафа, во февруари 2018. Фото: БИРН

Извештајот на косовската агенција за борба против корупцијата, за имотoт што го поседуваат јавните  службеници, кој беше објавен денеска, покажува дека Рустем Мустафа, познат по прекарот Реми, е советник на Хашим Тачи веќе четири месеци, што досега не ѝ беше познато на јавноста.

БИРН контактираше со Мустафа за да ја потврди оваа информација, на што тој ни одговори: „Какво е ова прашање?“, а потоа го прекина телефонскиот разговор.

Според извештајот на Агенцијата, годишната плата на овој советник е 18.000 евра, што е 13.800 евра повеќе од просечната плата во Косово.

Покрај извршувањето на оваа функција, Мустафа е и член на претседателството на владејачката Демократска партија на Косово, ПДК.

Мустафа, кој за време на војната беше командант на ОВК во оперативната зона Лапи, во 2013 година беше прогласен за виновен за воени злосторства и беше осуден на четири години затвор, казна која ја потврди и Апелацискиот суд.

Во декември, Мустафа беше повикан на разговор пред Специјализираните совети на Косово, со седиште во Хаг, кои ги истражуваат воените и повоените злосторства извршени во Косово.

Во извештајот на Агенцијата за борба против корупцијата, се вели дека Мустафа почнал да прима плата како советник, два месеци по добивањето на поканата за разговор.

Во февруари 2018 година, Тачи му врачи на Мустафа јубилеен претседателски медал, кој се доделува за „извонреден придонес за слободата и независноста“.

Од друга страна, косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, во вторникот го разреши од функцијата советник, Сулејман Селими, исто така поранешен командант на ОВК, осуден за воени злосторства.

Именувањето на Селими за советник, кое се случи по неговото ослободување од затвор, наиде на критики кај западните сојузници на Косово.