Пишуваат: Свен Милекиќ и Миливоје Пантовиќ – Загреб, Белград
Откако соседите си разменија вербални „проектили“, неразрешените тензии кои датираат од Втората светска војна повторно испливаа на површина.
Односите помеѓу Хрватска и Србија се заладија во последниве денови со размената на остри протесни ноти и остри изјави на политичарите од двете страни.
Последната криза е поттикната од внатрешните политички проблеми на двете земји кои секојдневно се зголемуваат, со оглед на фактот дека и двете и двете држави ги водат конзервативни, па дури и националистички, политичари, велат експертите.
Се очекува тензијата да се зголеми во следниве недели со оглед на подготовките на Хрватска за прослава на годишнината на нејзината победоносна воена операција „Бура“ од 1995 година, на 5 август, со што се одбележува денот кога хрватската војска го задушила српското востание на југозападниот дел на Краина.
Оваа операција која во Хрватска се слави, а во Србија е повод за тагување, е причина за повеќегодишни големи етнички тензии и спорови помеѓу државите.
„Постои процес на враќање на национализмот кај двете страни. Двете страни ги „негуваат“ своите анти-антифашистички традиции“, изјави за БИРН во петокот, Зоран Гавриловиќ, директор на Бирото за општествени истражувања во Белград.
На последните дипломатски рафали им претходеше повеќемесечен притисок од Хрватска, која е членка на ЕУ, врз Србија, која претендира да стане членка на ЕУ, со цел Белград да го смени или да го укине законот со кој на српските судови им се дава надлежност над процесирањето на злосторствата, извршени во кој било дел од поранешна Југославија во војната во 90-тите години од минатиот век. Со години овој закон претставува спорна точка во регионот.
Тензиите ескалираа набргу по помирувањето
Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ и српскиот премиер Александар Вучиќ на почетокот се обидоа да ги подобрат односите со потпишување на договор за подобрување на билатералните врски помеѓу двете земји кон крајот на јуни.
Договорот има за цел да ги заштити правата на малцинствата, да ја дефинира границата помеѓу двете земји и да помогне во решавањето на тековните проблеми со кои е оптоварена нивната слаба врска.
Но, односите доживеаја нов потрес на 18 јули откако ЕУ официјално ги отвори поглавјата 23 и 24 за Србија во претпристапните преговори, по што хрватските власти повторно побараа укинување на контроверзниот закон за воени злосторства.
„Србија е должна да го смени законот за воени злосторства…ова произлегува од критериумите на ЕУ и, доколку Србија сака да се приклучи на ЕУ, ќе мора да го поништи“, изјави на 21 јули Миро Ковач, министер за надворешни работи во „техничката“ влада на Хрватска.
Ковач смета дека српските власти се мошне свесни дека треба да го сменат законот, но дека „глумат во јавноста и изјавуваат дека не сакаат да го сторат тоа“.
Ковач предупреди дека доколку Србија подигне нови обвинувања за воени злосторства извршени наводно од страна на хрватските бранителите, „ќе бидат преземени строги мерки од страна на Хрватска“.
Тензиите се влошија на 27 јули, откако група хрватски десничарски националисти го прекинаа одбележувањето на годишнината на антифашистичкото востание (претежно кренато од мнозинството локални Срби) во 1941 година во селото Срб, против Независната Држава Хрватска, НДХ (нацистички марионетски режим кој раководел со Хрватска и со поголем дел од БиХ за време на Втората светска војна). Овој настан беше остро критикуван од страна на Србија.
Ситуацијата уште повеќе се влоши откако на 26 јули хрватските судови ја анулираа пресудата на југословенските комунистички судови од 1946 година, со која хрватскиот католички надбискуп Алојзие Степинац од Загреб, беше обвинет за колаборационизам. (Степинац го поддржуваше основањето на НДХ во 1941 година).
На 28 јули хрватските судови, исто така, донесоа одлука за повторување на судењето на Бранимир Главаш, поранешен воен генерал на Хрватска, кој во 2009 година беше прогласен за виновен за мачење и за убиство на српски цивили во градот Осиек во 1991 година. Тој беше осуден на десет години затворска казна.
Размена на остри дипломатски ноти
Двете земји си разменија неколку дипломатски протесни ноти на 26, на 28 и на 29 јули.
Откако доби протесна нота од Србија, која се однесуваше на надбискупот Степинац, министерот за надворешни работи на Хрватска, ја обвини Србија за обид за дестабилизација.
„Ова е срамен обид за дестабилизација на Хрватска во чувствителен момент по распуштањето на парламентот и пред прославата на ‘Бура’. Ова е рецепт од деведесеттите години на минатиот век. Речникот, за жал, потсетува на Слободан Милошевиќ и на големосрпската агресија“, изјави Ковач.
Ковач на Србија ѝ порача да престане да се меша во внатрешните работи на Хрватска, нарекувајќи ја протесната нота за Степинац „измислица“ и додаде дека контроверзниот надбискуп бил „невина жртва на комунистичкиот режим“.
Сепак, Србија одби да се повлече. Реагирајќи бесно на анулирањето на пресудата за Главаш, српскиот премиер Александар Вучиќ на 28 јули рече дека состојбата на Србите во Хрватска, како и на сите Срби западно од реката Дрина (односно во Босна, како и во Хрватска), секојдневно се влошува.
„Наша работа е да носиме одлуки одговорно и рационално, а не да покажуваме таков вид на омраза. Треба да се однесуваме одговорно, сериозно и смирено“, изјави Вучиќ, додавајќи дека не може да ја разбере причината за одлуките за Главаш и за Степинац.
Во меѓувреме, српската амбасадорка во Хрватска, Мира Николиќ, во четвртокот одби да прими уште една хрватска дипломатска нота, поради нејзината „навредлива“ содржина.
Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека амбасадорката одбила да ја прими нотата зашто таа била навреда за цела Србија.
„Ние ќе продолжиме со нашата политика на добрососедски односи, но ќе ги штитиме своите интереси“, изјави Дачиќ на ненајавената прес-конференција во четвртокот.
„Сметаме дека ова е чисто продолжување на хрватската политика која се движи кон рехабилитација не само на НДХ, туку и на злосторниците од последната војна (во деведесеттите години од минатиот век).
„И во оваа пригода, како и за инцидентот во Срб и за многу други инциденти кои се случија во Хрватска во последно време, ние ѝ испративме протесни ноти на Хрватска“, рече Дачиќ.
Во последната протесна нота од петокот, хрватскиот министер за надворешни работи ги повика српските власти „да не користат вокабулар од пропаднатиот југословенски комунистички систем и на агресивната големосрпска политика од деведесеттите години од минатиот век, која беше воено и морално поразена“.
Хрватскиот политички аналитичар, Жарко Пуховски, во петокот за БИРН изјави дека размената на лути пораки од двете страни, покажува дека ниту една од страните не ја сфаќа реалноста.
„Реалноста е дека (како член на ЕУ) Хрватска е институционално супериорна како никогаш претходно“, вели тој.
„Хрватска не го сфаќа тоа и не знае како да се однесува и како да не реагира на провокации, додека Србија едноставно не може да сфати дека Хрватска е супериорна и едноставно провоцира“.
Пуховски заклучува дека кавгата нема никаква врска со кампањата за септемвриските парламентари избори во Хрватска, објаснувајќи дека повеќе станува збор за „феномен кој е долго присутен и кој ќе продолжи да постои“ долго откако ќе завршат изборите.
Гавриловиќ во Белград на работите гледа поинаку. „Обете држави не успеаја да ги исчистат своите општества од фашизмот. Постои фашизација на општеството, како во Србија, така и во Хрватска“, вели тој.
„Сепак, мислам дека тоа не е толку брутално во Србија, колку што е во Хрватска“, заклучува тој.