Македонските гласачи кои сакаат да пријават „фантоми“ на нивните адреси или други нерегуларности се влезени во лавиринт. Надлежните институции не знаат да одговорат што ќе се случува понатаму со овие пријави, кој ќе ги брише фантомските лица од Избирачкиот список, ниту пак дали ќе постои право на жалба и кој ќе одлучува по истата.
Во просек, по илјада лица дневно пријавуваат нерегуларности во Државната изборна комисија (ДИК). Дел од нив се жалат дека нашле дополнителни гласачи во своите домови, дел од нив пријавуваат починати гласачи, а дел пак се жалат на недостатоците што ги има веб-апликацијата за проверка на Избирачкиот список.
Дел од гласачите имаат проблем да се најдат на списокот, бидејќи кога ќе се обидат да го впишат бројот од зградата во која што живеат, како опција им се даваат броевите 23, 0023, 023 итн., што дополнително создава конфузија кај граѓаните.
БИРН пронајде и гласачи кои се водат на адреси на повеќе министерства. На пример, во Министерството за економија е впишан еден гласач.
На адресата на Министерството за транспорт, на Црвена скопска општина број 4, впишани се петмина гласачи.
Вакви примери има уште многу. Граѓаните на социјалните мрежи пријавуваат нерегуларности, пишуваат дека во своите домови им се запишани по неколку лица кои воопшто не ги познаваат, а не знаат каде да пријават.
Пред да биде вклучена можноста да се пријават нерегуларности по електронски пат, се обидувавме на телефонските броеви од подрачните единици на ДИК да добиеме одговор.
Свртивме вкупно 20 броеви, а слушалка ни кренаа службеници само од три места, од Центар, Чаир и од Карпош. Во подрачната единица на Свети Николе постојано даваше дека линијата е зафатена, на телефонскиот број во Виница се јавуваше глас со порака дека телефонската линија е во прекин, а во Демир Хисар се вклучуваше факс.
Во меѓувреме, телефонски линии за пријавување нерегуларности отворија и невладината „Цивил“ и опозициската СДСМ.
Пријавите во „Цивил“ може да се вршат преку електронски пат, на [email protected] или на телефоните 02/520-9176 или 075/565 830.
„Непрекинато добиваме пријави за најразлични недоследности во Избирачкиот список. Повеќе од 100 граѓани се обратија кај нас, кои најчесто се однесуваат на фиктивни гласачи, односно, на евидентирани лица кои не живеат на наведената адреса“, велат од „Цивил“.
Според нив, голем проблем претставуваат и улиците кои во последниве години добиле нови имиња. Улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“, во центарот на Скопје, е преименувана во „Кирил и Методиј“, но и покрај тоа, „Мито Хаџивасилев Јасмин“ е дел од списокот на улици во општина Центар, а новото име на улицата, воопшто не постои во таа листа.
Улицата „Ленинова“, пак, и покрај тоа што е преименувана во „Аминта Трети“, сé уште е дел од адресите во Избирачкиот список.
Од денеска граѓаните, освен на веб-апликацијата на ДИК и во „Цивил“, ќе можат да пријават нерегуларности во избирачкиот список и во СДСМ, на телефонскиот број 02/ 3293-109, а потоа правниот тим на партијата ќе ги проследи овие пријави до ДИК.
„Независната институција, Државната изборна комисија, мора да обезбеди целосно прочистување на избирачкиот список за во Македонија да важи правилото еден човек-еден глас“, велат од СДСМ.
Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз, повикувајќи се на изјавата од Специјалното јавно обвинителство за емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“ рече дека петнаесет илјади гласачи со креирани матични броеви се впишани на избирачкиот список. Според него, тоа се матични броеви кои се нелегално изработени од страна на МВР за потребите на Избирачкиот список.
Прашање без одговор: кој ќе ги брише „фантомите“ од списокот
Сепак, граѓаните се оставени пред еден лавиринт во кој тешко можат да се снајдат, пред сè затоа што процедурата за тоа што ќе се случува понатаму со процесирањето на пријавите не е утврдена докрај.
Само 78.000 иселеници во Избирачкиот список
Иселениците остануваат рак-рана за македонскиот Избирачки список. Иако од Македонија се иселени стотици илјади граѓани, во Избирачкиот список има само 78.000 запишани гласачи од дијаспората кои правото на глас го користат во дипломатско – конзуларните претставништва во државата во која живеат.
Голем дел од останатите сè уште фигурираат во Избирачкиот список со право на глас во земјава, и покрај тоа што не го користат, па така се јавува и можноста за манипулација со нивните гласови.
Од ДИК велат дека секоја пријава што доаѓа од граѓаните прво го разгледува правната служба, а потоа се препраќа до МВР, каде што би отпочнала управна постапка.
Од МВР пак, тврдат нешто сосема спротивно.
„Процедурата за тоа си ја води Државната изборна комисија“, беше одговорот што го добивме од полицијата.
Неизвесно останува кој ќе ги брише гласачите од Избирачкиот список кои се нерегуларно вметнати и кој ќе ја утврдува вистинитоста на пријавите, ако се земе предвид фактот дека е можно да има и лажни пријави. Неизвесно е и дали граѓаните кои добиле неоснована пријава ќе имаат право на жалба и кој ќе одлучува по истата.
Од друга страна, пак, роковите се тесни, по што сосема основано се јавува прашањето дали е технички можно да се исчистат сите нерегуларности во Избирачкиот список доколку изборите се одржат на 5 јуни.