Истражувањa

Жртви на модата: Дури и во ЕУ, текстилните работници се соочуваат со тешки услови за работа

Жените во Романија и Бугарија со ниски плати, долги работни часови и макотрпна работа прават облека за луксузните западни брендови

Пишува: Лаура Стефанут – Калафат, Калараси, Темишвар и Гоце Делчев

Калафат, јужна Романија, 7 часот наутро. Стотици текстилни работници се собираат околу импровизираниот пазар да набават храна пред нивната смена – крекери, чипс и газирани пијалаци наредени на хаубите од две комбиња. Пристигнуваат сѐ повеќе луѓе, со автобус или пеш низ долгиот мост по кој минува автопатот.

Фабриката за плетиво во италијанска сопственост „Маљери Кристијан Импекс“, е најголемиот работодавач во областа. Произведува облека за големи имиња како што се Кензо, Ескада, Марк О’Поло, Факонабл и Индитекс, шпанскиот гигант чии брендови се Зара и Масимо Дути. Според локалниот весник во кој е пренесено интервју со управникот на фабриката, исто така, работеле за Хуго Бос и Пјер Карден.

Многу работници не сакаат да разговараат со новинарите, велејќи дека се плашат да не ги изгубат своите работни места. Другите поминувајќи мрморат дека не добиле плата. Работите се лоши, велат тие. „Помогнете ни, ако можете”, велат многумина.

Работнички во купуваат оброци пред почетокот на нивната смена во Маљери Кристијан во Калафат / Фото: Лаура Стефанут

Работнички во купуваат оброци пред почетокот на нивната смена во Маљери Кристијан во Калафат / Фото: Лаура Стефанут

„Работа, работа, работа – а нема плата”, се жали една работничка, 34-годишната Кристина (псевдоним за да се заштити нејзиниот идентитет). Околу десетина сегашни или поранешни работнички во фабриката, изјавија за Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) дека не им се плаќа на време. Неколкумина рекоа дека минатата година добивале плата еднаш на секои два или три месеци.

Активистите и медиумите протестираа против лошите работни услови за текстилните работници во последниве години, често фокусирајќи се на Азија. Но, дури и во рамките на Европската унија, во Романија и Бугарија, работничките во фабриките кои прават облека за големите модни компании, вклучувајќи луксузни брендови имаат ниски плати, долги работни часови и тешки услови за работа. Невладините организации како Фондацијата „Фер Вер“ и Кампањата за чиста облека бараат брендовите да преземат целосна одговорност за нивниот синџир на производство, вклучувајќи пристојна плата и услови за сите вработени.

Сопствениците на фабриките велат дека се под силен притисок од брендовите да работат со ниски трошоци. Работниците, кои во најголем дел се жени, често се вработени со минимална законска плата од неколку стотици евра месечно, а некои заработуваат дури и помалку. Тие можат да чекаат со месеци за да добијат плата, која е далеку под „животниот стандард” во нивните земји.

Од крајот на јануари до средината на јули минатата година, Кристина вели дека добила само две плати, вкупно околу 1500 леи (340 евра), за половина година работа. „Жените одат и плачат пред шефот, велејќи „ве молам дајте ми пари, бидејќи не можам да ги нахранам моите деца”, вели Кристина во нејзиниот дом во едно село околу 10 километри од фабриката.

Кристина дели мала двособна бетонска куќа со нејзиниот сопруг, син и свекрва. Таа е единствениот член од семејството со полно работно време. Таа се смета за посреќна од многу колешки во фабриката, бидејќи нема банкарски кредити за отплата и живее на село, каде што самата одгледува храна.

Впечатлива изјава

Во април 2014 година, повеќе од 300 вработени во фабриката „Маљери Кристијан“ штрајкуваа, протестирајќи оти нивните плати доцнат и оти нема да бидат во можност да им дадат на своите семејства, пристоен оброк за Велигден.

Кристи Десеану, 29, еден од штрајкувачите, вели дека на крајот им било платено. Но, додава дека тој и другите гласни демонстранти биле отпуштени.

Во краткиот телефонски разговор, висок официјален претставник на компанијата изјави за БИРН дека Десеану дал отказ од работа. Но, документите на фабриката покажуваат дека фирмата го отпуштила, по интерната дисциплинска постапка бидејќи учествувал во неовластен штрајк и ѝ нанел лош углед на компанијата.

„Кутрите паѓаат како муви”, вели заменик градоначалникот на Калафат, Дорел Митулету, за работничките кои се борат со жешките летни услови во фабриката

Десеану работел како механичар во фабриката, на програмирање и одржување на машините. Тој вели дека имал официјална плата од околу 250 евра месечно, но не секогаш ја добивал целата сума, особено во зима, кога фабриката имала помалку нарачки. Според исплатите кои ги покажа, имало месеци кога тој заработувал околу 150 евра.

„Мојата плата таму не ми нудеше можност да основам сопствено семејството”, вели Десеану. Оттогаш нашол работа во друга фабрика – 250 километри подалеку од неговиот претходен дом и работно место во Калафат.

Фабриката во Калафат е во мнозинска сопственост на Енцо Мантовани, основачот на еденлуксузен бренд за кашмир, и неговите двајца синови, Кристијан и Џанлука. Вториот е, исто така, главен извршен директор на романскиот дел од бизнисот, кој според податоците на Министерството за јавни финансии имал обрт од повеќе од 8.3 милиони евра во 2014 година. Таа е меѓу најголемите текстилни фабрики во Романија, во која се вработени околу 1000 лица. Таа се рекламира како најголемата фабрика за облека во Романија, со „добар углед во земјата и во странство” и се води според филозофијата за „апсолутно задоволство на клиентите”.

БИРН се обиде неколку пати во текот на последниве месеци да добие коментар од романската компанија, вклучувајќи и одговор во врска со конкретните наводи содржани во оваа приказна. Репортерот на БИРН отиде до портата на фабриката, многупати телефонираше во фирмата, достави прашања преку е-мејл и го контактираше Кристијан Мантовани преку Фејсбук. Но, освен неколкуте зборови за заминувањето на Десеану немало друг коментар.

Минатиот септември од Индитекс рекоа дека социјалната ревизија покажала оти фабриката работи во согласност со Кодексот на однесување на Индитекс. Меѓутоа, во јануари оваа година, Индитекс изјави дека во фабриката се спроведува „корективен план“ не откривајќи детали за планот.

„Во следните неколку недели, ревизиските тимови ќе спроведат уште една социјална ревизија за овој доставувач. Потоа доставувач или ќе добие авторизација да продолжи да доставува стока за Индитекс или дефинитивно ќе биде блокиран“, изјави компанијата во изјава.

Другите брендови споменати во врска со оваа фабрика не одговорија на телефонските или барањата по е-меил за коментар или не ги одговорија поставените прашања.

„Трошка надеж“

Каталин Мохора, инспектор во Инспекторатот за труд во областа Дољ, во која спаѓа Калафат, вели дека е легално работодавачот да плаќа помалку од минималната плата. Во одредени ситуации, како што се ниска побарувачка за производите, работодавачот може да го намали работното време и соодветно да ја намали платата.

Исто така не постои законска казна за ненавремена исплата на платите, велат од Трудовиот инспекторат. Доколку платите доцнат, инспекторите мора прво да побараат од работодавачот да ги исплати и може да изрече само парични казни, ако фирмата не постапи во согласност со барањето.

Мохора вели „Маљери Кристијан“ е еден од подобрите работодавци во областа. Некои компании, вели тој, се обидуваат да ги поместат законските граници за да избегнат плаќање на платите и даноците, на пример со менување на договорите откако ќе бидат потпишани, или прекувремена работа без поголеми плати.

Калафат, град со околу 17000 жители на бреговите на Дунав, станал индустриски центар под владеењето на комунистичкиот диктатор Николае Чаушеску. Но малку фабрики го преживеале преминот во капитализам во 1990-тите.

Заменик градоначалникот, Дорел Митулету, седи на неговото биро покрај големите знамиња на Романија и на ЕУ поставени на подот. Тој вели дека Калафат се бори да привлече инвеститори и фабриката „Маљери Кристијан“ е неговата „трошка надеж”.

„Никој не може да си дозволи да биде против некој кој, на еден или друг начин, обезбедува работни места за 1000 луѓе,” вели тој.

„Ако си замине, ќе останеме со огромен социјален проблем”.

Заменик градоначалникот на Калафат, Дорел Митулету во неговата канцеларија во јуни 2015 / Фото: Лаура Стафанут

Заменик градоначалникот на Калафат, Дорел Митулету во неговата канцеларија во јуни 2015 / Фото: Лаура Стафанут

Митулету признава дека работата во фабриката е „макотрпна за жените”, особено на лето, кога внатре е жешко, што предизвикува некои работнички да се онесвестат.

„Кутрите паѓаат како муви”, вели Митулету.

Во јули оваа година, Кристина вели дека видела како на три жени во нејзиниот оддел им се слошило или колабирале како резултат на топлината. Таа се сеќава како еден италијански претпоставен им се смеел дека ќе мора да импровизира гробишта во дворот, ако жените продолжат да се онесвестуваат. „Нему му беше само до шега”, вели Кристина резигнирано.

Според официјалните статистички податоци, околу 240 000 луѓе работат во текстилното производство во Романија, вториот најголем извозен сектор, по автомобилската индустрија, додека во Бугарија индустријата вработува 105 000 лица во 4 500 компании

Фабриката има клима уреди, но тие не се доволни да ја намалат топлината што се создава од машините и пеглите, велат и Кристина и Кристи Десеану.

Модните брендови понекогаш испраќаат свои луѓе да ги проверат фабриките што ги користат. Во текот на летото 2015 година, претставник на „Лакост“ ја посетил фабриката во Калафат, која работела деноноќно правејќи џемпери во риги за францускиот бренд, вели Кристина. Работниците биле организирани во две 12-часовни смени.

„Работевме како луди и се прашувавме еден со друг уште колку долго можеме да издржиме вака”, се сеќава Кристина.

Претставникот од „Лакост“, според Кристина, се распрашувал наоколу за работните услови. Една од шефиците на одделот била загрижена да не кажала премногу и да не биде отпуштена, се сеќава Кристина. Таа вели дека работниците добиваат инструкции да не се жалат на лица однадвор.

БИРН го контактираше „Лакост“ да праша за посетата на претставникот. Компанијата го потврди приемот на барањето, но не одговори на прашањата на БИРН, и покрај неколкуте повторени барања.

Новиот почеток се претворил во кошмар

Пред околу една година, 45-годишната Јоана Ганеа и нејзината пријателка 39-годишната мајка на три деца Кармен Чобану, мислеле дека работата во локалната фабрика за облека се решение за некои големи парични проблеми дома. Двете жени живееле во малото село Султана, на околу 90 километри од Букурешт.

Сопругот на Чобану, кој бил рибар, бил отпуштен од работа. Главен извор на приход за семејството била мајката на Чобану, која работела како чистачка во Италија.

„Дури и кога живеете на село, треба да ги плаќате сметките и да купувате работи … (што) не може да ги одгледувате во вашиот двор”, вели Чобану.

Ганеа работела осум часа дневно во една фабрика за облека во главниот град и уште четири часа патувала во автобус до и од работа, па не и останувало многу време да се грижи за 72-годишната мајка.

Ганеа нервозно пуши и ѝ надоаѓаат солзи кога зборува за својата мајка. Таа седи со Чобану на масата во градината на нејзиниот дом. Масата е како куќата – стара, мала и накривена.

Јоана Ганеа (десно), и нејзината мајка во градината од нивниот дом во романското село Султана Фото: Џорџ Попеску

Јоана Ганеа (десно), и нејзината мајка во градината од нивниот дом во романското село Султана Фото: Џорџ Попеску

Чобану ја охрабрила Ганеа да даде отказ од својата работа во Букурешт за двете да можат да одат и да работат во фабриката „Зенду Стил“ во Калараси, околу 20 километри од селото. Менаџерот на фабриката, Василица Стерски, вели дека правеле облека за разни западни фирми.

Ганеа и Чобану започнале со работа во фабриката во јануари 2015 година и велат дека нивните надежи за подобар живот наскоро биле уништени.

Обемот на работа бил невозможен, а притисокот интензивен, велат жените. На работничките им било кажано да не зборуваат едни со други, а во тоалет да одат само во итен случај. Нивната шефица им велела дека не работат доволно напорно.

„Таа цело време викаше побрзо, побрзо, побрзо. Можете ли да замислите како е да се слуша ова како да сте робови?” се жали Ганеа.

„Клиентите имаат предрасуда – ’Произведено во Европа, мора да биде фер’ … Тоа не е точно“

Корина Ајдер, истражувач

На телефон, менаџерката Стерски изјави за БИРН дека не можела да плаќа за недоволна работа и не можела да прифати „не можам да работам понапорно” како изговор.

„Ако (работникот) доаѓа на работа и седи во тоалетот и одговори ‘не можам да работам понапорно’, не можам тоа да го ставам во нивните плати”, вели Стерски.

Кармен Чобану во нејзиниот дом во селото Султана Фото: Џорџ Попеску

Кармен Чобану во нејзиниот дом во селото Султана Фото: Џорџ Попеску

Ганеа, Чобану и десетина други жени, одлучиле да дадат отказ така што повеќе не се вратиле на работа. Но, Ганеа и Чобану велат дека Стерски одбила да ги прифати нивните откази, заканувајќи се оти ќе ги тужи, ако не се премислат.

БИРН разговараше со уште две жени кои велат дека се соочиле со истата реакција кога се обиделе да дадат отказ во фабриката. Стерски на почетокот изјави дека никогаш немала намера да ги тужи работниците за отказ, но подоцна, за време на интервјуто во нејзината канцеларија таа изјави дека ќе ги тужи жените кои зборувале со БИРН бидејќи ја прекршиле доверливоста на нивните договори.

Ганеа сметала дека и должат исплата на заостанатите плати и го однела својот случај пред локалниот инспекторат за труд, кој заклучил оти треба да ѝ се платат околу 50 евра за одморот што не го зела.

„Зенду Стил“, фирмата која е сопственик на фабриката во Калараси, објавила дека имала обрт од околу 370 000 евра во 2014 година и 82 вработени.


Работно искуство: на тајна задача во фабрика
Сакав да искусам како е да се работи во текстилната индустрија, па отидов во една фабрика во градот Темишвар која имаше оглас за вработување и добив пробна работа во одделот за печатење. Во шест часот наутро работниците веќе беа во фабриката. Губат еден работен час од платата ако доцнат, ми кажа еден од вработените. Претпоставената ми го покажа одделот. Се ширеше силен хемиски мирис во воздухот, но претпоставената ме увери: фабриката се префрлила на бои базирани на вода, кои не се штетни. Подоцна таа ми кажа дека како работник ќе добивам по едно шише млеко на ден, што според законот обично им се дава на работниците кои работат во штетна средина, вклучувајќи и висока токсичност. Единствениот тежок дел од мојата работа, ми рече таа, ќе биде топлината бидејќи климатизацијата морала да биде исклучена, за да се зачувуваат свежо отпечатените бои. Морав да редам парчиња ткаенина врз шаблон од хартија на една голема маса. Изгледаше како да правам голема сложувалка. Прво редев шаблони за шорцеви, а потоа за кошула. Аранжманот потоа одеше во една голема машина за печатење каде се додаваа логоата и другите елементи на дизајн. Потоа беа носени горе на шиење. Јас и другите работници го правевме ова цело време. Околу 9 часот, топлината во просторијата веќе беше заморна, и можев да видам како лицата на моите колеги стануваа црвени. До 11 часот, кога се вративме од нашата единствена пауза од 20 минути, се чувствував истоштено. Ми се матеше додека се фокусирав на тенките линии додека ја редев ткаенината врз шаблонот. Вратот ми беше вкочанет од што се наведнував цело време. Нозете ме болеа од што бев постојано на нозе. Ќе добивав минимална плата за полно работно време: околу 220 евра месечно, од кои јас ќе задржев околу 165 евра по плаќањето на даноците. Еден работник ме предупреди дека работите не се толку добри како што изгледаат на почетокот. Мене, воопшто не ми се чинеа добри. Се запознав со тројца работници кои ми кажаа дека собата каде што работам се полни со пареа од прегревање на печатарските машини за време на вечерната смена. Еден претпоставен редовно ги навредувал, тврдеа тие, а парите што ги заработувале не биле доволни за издржување на нивните семејства, па тие морале исцрпувачки да работат прекувремено. Јас не се соочив со ниту една злоупотреба за која имав слушнато во другите фабрики во Романија и Бугарија. Но, имањето „нормална” работа во текстилната индустрија изгледаше многу исцрпувачки, а парите беа едвај доволни за да преживее.

Стерски вели дека им плаќала на сите нејзини работници двојно повеќе од минималната плата и праведно го водела бизнисот.

Но, договорите на двете поранешни работнички во фабриката покажуваат дека тие добивале само минимална плата, што е околу 160 евра нето износ месечно.

Романскиот трудов инспекторат вели дека инспекциите меѓу 2013 и 2015 откриле оти фирмата не го почитувала законот за исплата на платите, работното време, прекувремената работа и времето за одмор на работилниците. Според инспекторатот, фирмата била казнета откако не успеала да ги коригира овие проблеми.

Според јавните судски документи, во мај минатата година, Стерски и сопственикот на фабриката, нејзиниот сопруг Јон, биле обвинети за затајување данок и добиле условна затворска казна од шест месеци. Запрашана во телефонскиот разговор за обвинението, Стерски одговорила: „Гледајте си ја вашата работа. Престанете да ми се јавувате бидејќи ќе ве тужам“. Понатамошните барања за коментари беа испраќани преку е-меил, но таа не одговори на нив.

„Зенду Стил“ банкротирал во септември 2015, се вели во судската одлука, но Стерски вели дека и понатаму е вклучена во текстилниот бизнис.

„Ендемски” ниски плати и лоши услови

Проблемите документирани од БИРН се вообичаени низ целиот регион, вели истражувањето направено од страна на невладините организации.

Извештајот за Југоисточна Европа и Турција, објавен во 2014 од „Кампањата за чиста облека“, меѓународна групација што се залага за подобри услови за работа во овој сектор, покажа дека платите на ниво сиромаштијата, опасните работни услови и принудната прекувремена работа биле „ендемски во целата текстилна индустрија”.

„Клиентите ја имаат оваа предрасуда – ’Произведено во Европа, мора да биде фер’,” вели Корина Ајдер, истражувач за организацијата. „Но, тоа не е точно”.

Групацијата покажала дека националните минимални плати што најчесто се исплаќаат во текстилната индустрија се под линијата на сиромаштијата во сите земји опфатени со истражувањето и многу под проценетиот егзистенцијален минимум за едно четиричлено семејство. Во Романија и Бугарија, минималната плата е само околу 20 проценти од овој „животен стандард“.

Модните брендови и фабрики понекогаш нарачуваат социјални ревизии, кои се наменети за да се провери дали условите за работа се според меѓународните стандарди. Романскиот ревизор Родика Солдеа вели дека во источна Европа нема доволно вакви инспекции.

Но, ревизиите не се лек за сѐ. Социјалните ревизори истражувале две фабрики во Бангладеш и Пакистан, каде стотици текстилни работници загинаа во пожари во 2012 година.

Експертите велат дека овие ревизии може да идентификуваат сериозни злоупотреби, како што се злоупотребата на детскиот труд, но потешко е да се откријат помалку очигледни проблеми како задоцнета исплата на платите или неплаќање на прекувремената работа.

Ревизорите поминуваат само неколку часа до неколку дена во фабриките и работниците можеби се плашат да зборуваат.

Синдикалците тврдат дека најдобар начин да се подобрат условите е работниците да се приклучат на нивните редови. Но, синдикатите немаат многу влијание ниту во Романија ниту во Бугарија. Во Романија, тие беа уште поослабени со законот усвоен во 2011 година.

Сопствениците на фабрики во Романија и во Бугарија велат дека не можат да сторат многу за да ги зголемат платите кога брендовите им вршат притисок да ги задржат трошоците ниски.

„Тие само сакаат да ги спуштаат цените подолу и подолу, и тоа е тоа”, вели Радина Банкова, претседател на бугарската Асоцијација за облека и текстилни производители и извозници.

Во некои случаи, сепак, работниците успеале да се организираат и да притиснат за подобри услови.

Приказната на работодавачот

Во 2007 година, работници започнаа штрајк во фабриката „Пирин-текс“ во бугарскиот град Гоце Делчев, во планинската област во близина на грчката граница. Тие побарале дополнителни 100 евра месечно.

Бертрам Ролман, германскиот сопственик на фабриката, е шокиран. Откако ја презел фабриката 14 години претходно, тој сметал дека работи напорно за да ги одржи добрите односи со работниците. Платите растеле секоја година и биле над просекот за овој сектор, вели тој.

„Што погрешив?” се прашува 59-годишниот Ролман.

Ролман е ветеран во текстилната индустрија. Неговиот дедо бил кројач, како и мајка му и татко му. Неговиот татко имал фабриката за облека во Германија „за време на златното доба на индустријата”, како што Ролман ги опишува 1970-тите и 1980-тите години, кога брендови имале различни приоритети.

„Во тоа време, се работело повеќе за побарувачката за капацитет и квалитет за почит … и брендовите не прашувале толку многу за цената”, вели тој во својата фабричка канцеларија.

Во почетокот на 1980-тите години, неговото семејство отворило фабрика во Грција и Ролман управувал со неа. До средината на деценијата, пазарот почнал да се интересира само за генерирање на поголем профит, вели Ролман, и падот на комунизмот во 1989 година отворил пристап до нова, евтина работна сила во источна Европа.

Ролман предвидел дека ќе следи огромен бран на аутсорсинг и одлучил самиот да се упати во регионот. Остварил соработка со локалните власти во Гоце Делчев, град со околу 20 000 луѓе, и ја отворил својата фабрика во 1993 година. Бизнисот се зголемил и вработувал над 2 000 работници, а фабриката станала најголемата за облека во Бугарија.

Фабриката се наоѓа во широка двоспратна зграда, со производствени хали со големина на повеќе од три фудбалски игралишта (30 000 квадратни метри). Фабриката има оддел за обука, каде што луѓето учат како да шијат, а исто така изучуваат предмети како странски јазик и историја. Постојат лаборатории за правење бои за ткаенини, соби за рециклирање и дневен престој за деца.

Бертрам Ролман во неговата фабрика „Пирин-Текс“ во Бугарија. Фото: Лаура Стафанут

Бертрам Ролман во неговата фабрика „Пирин-Текс“ во Бугарија. Фото: Лаура Стафанут

Но, во 2007 година работниците почувствувале дека немаат доволно добар договор. Нивниот штрајк бил поттикнат, барем делумно, од неодамнешното влегување на Бугарија во Европската унија. Тие сметале дека сега треба да бидат платени како западните Европејци.

Дури и лидерот на синдикатот сметал дека нивните барања се нереални. Димитар Табаков, претседател на секцијата за лесна индустрија во федерацијата на синдикати ЦИТУБ, се сеќава како им го велел тоа во 2007. Тие го обвиниле за заземање на страната на нивниот работодавач.

Но Ролман отишол кај неговите клиенти, големите брендови, и побарал од нив да му дадат подобри цени за неговите производи. Како резултат на тоа, вели тој, тој го загубил неговиот најголем клиент, кој исто така бил еден од неговите најстари, што изнесувало 25 отсто од производството на фабриката.

Другите брендови, сепак, се согласиле да платат повеќе. Штрајкот завршил по 17 дена, кога Ролман бил во можност да им понуди зголемување на платите од околу 60 евра. Во моментов, просечната плата во неговата фабрика е околу 415 евра, вели тој.

Ролман смета дека условите и платите полека се подобруваат во овој сектор, бидејќи кампањите и медиумското известување за трагедиите како што се оние во фабриките за облека во Азија довеле до тоа брендовите да се соочат со притисок од страна на потрошувачите.

„Тие реагираат сега”, вели Ролман. „Јавниот ментален склоп се менува”.

Забелешка: БИРН бараше коментар од сите модни брендови кои беа именувани во оваа приказна, барајќи од нив и да се изјаснат дали работеле со споменатите фабрики. Тука се дадени коментарите на оние брендови кои одговориле. Другите не одговориле.

Лаура Стефанут е фриленсер од Романија. Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка соBalkan Investigative Reporting Network.