Регион

Избори во Косово – четворица кандидати за премиерската функција

Курти, Хамза, Абдиџику и Харадинај во трка за премиер на изборите закажани за 9 февруари

Албин Курти ќе се трка за нов премиерски мандат на општите избори во Косово, кои се одржуваат в недела, но тој и неговата партија Ветевендосје (Самоопределување) се соочуваат со тројца главни ривали во обидот да ја формираат следната влада.

БИРН анализираше кои се кандидатите за иден премиер: Курти од Ветевендосје, Бедри Хамза од Демократската партија на Косово, Лумир Абдиџику од Демократската лига на Косово и Рамуш Харадинај, лидер на Алијанса за иднината на Косово.

Албин Курти [Ветевендосје]

Курти со поддржувачите на изборен митинг во Гњилане | Фото: ФБ на Ветевендосје

Четириесет и деветгодишниот Курти, своето прво политичко искуство го имаше во 1990-тите, како водач на студентските протести и политички затвореник, кога албанското мнозинство во Косово се залагаше за независност од Србија за време на распадот на социјалистичка Југославија.

Во 2005 година, тој го основа Ветевендосје, што значи „самоопределување“, како протестно движење што се спротивставуваше на какво било решение за статусот на Косово што би се постигнало низ преговори со Србија. Во 2008 година, Косово прогласи независност со поддршка на големите западни сили, а две години подоцна, Ветевендосје официјално влезе во политиката.

По повеќе години во опозиција, кога често ја нарушуваше работата на парламентот и се спротивставуваше на резултатите на главните политички партии на Косово, Ветевендосје беше прва на предвремените избори во октомври 2019 година; Курти стана премиер на краткотрајната влада во коалиција со Демократската лига на Косово, ЛДК.

По 51 ден, оваа влада падна и Ветевендосје се врати во опозициските клупи, но забележа убедлива победа на изборите во февруари 2021 година, со освоени 58 од 120 места во парламентот.

Неговото владеење беше обележано со тензии кај главните западни поддржувачи на Косово поради неговиот пристап кон влијанието на Србија врз косовските Срби и разговорите под водство на Европската Унија (ЕУ) за „нормализација“ на односите меѓу двете страни.

Во кампањата за изборите на 9 февруари, политичката програма на Ветевендосје само кратко се осврнува на разговорите со Србија и наместо тоа се фокусира на ветувањето дека ќе потроши четири милиони евра за војската во следните четири години, за понатамошен развој на соработката со земјите-членки на НАТО, обезбедување кандидатски статус за ЕУ и формирање банка за развој, која ќе помогне во поддршката на „стратешките и приоритетни проекти.“

„Секој инвеститор ќе има можност за корист од државна гаранција за инвестициски заеми“, рече Курти кон крајот на јануари.

„Тоа, на инвеститорите ќе им овозможи полесен пристап до финансирање по пониска цена.“

Ветевендосје, исто така, вети дека ќе инвестира 500 милиони евра во зимскиот центар Брезовица, во јужно Косово.

Но, политичкиот аналитичар Дритеро Арифи смета дека Курти немал нешто многу да покаже во неговите четири претходни години на власт.

„Тој беше мајстор за манипулирање со ветувањата“, изјави Арифи за БИРН.

„Тој ветуваше премногу и потфрли во управувањето.“

Бедри Хамза [Демократска партија на Косово]

Бедри Хамза на изборниот митинг во Митровица | Фото: Официјален ФБ на Хамза

Демократската партија на Косово, ПДК, произлезе од високите редови на герилската Ослободителна војска на Косово (ОВК) по крајот на војната во Косово, во 1998-99 година. Со години беше предводена од Хашим Тачи, воениот политички директор на ОВК.

Првично, левичарската партија, со статус на набљудувач во европскиот социјалистички блок, ПДК се приклони кон десниот центар.

Таа, првпат ја презеде власта во 2007 година и го надгледуваше прогласувањето на независноста на Косово, следната година.

Кога Тачи стана претседател на Косово во 2016 година, раководството на партијата премина во рацете на Кадри Весели, кој претходно раководеше со тајната Косовска разузнавачка служба.

По 12 години на власт, ПДК падна на третото место на изборите во 2019 година, во однос на освоените пратенички места. Повторно беше поразена во 2021 година.

И на Тачи и на Весели им се суди за воени злосторства во Хаг. Во јуни 2021 година, Мемли Красниќи го презеде раководството на партијата.

Во својата политичка програма за изборите на 9 февруари, ПДК ветува „трансформација“ преку стратешки инвестиции во инфраструктурата, приватниот капитал, отворање нови работни места и обезбедување енергетска стабилност.

Едно од нејзините најголеми ветувања е зголемување на платите во јавниот сектор за 50 отсто и 30 отсто за политички именуваните лица.

„Доколку не ги зголемам платите во првата година од мандатот, ви гарантирам дека нема да бидам премиер во втората година“, изјави кандидатот за премиер на ПДК, Бедри Хамза, на косовската ТВ Клан, на 16 јануари.

„Ви давам збор, ако платите не се зголемат за 50 отсто, нема да бидам премиер на 31 декември, оваа година.“

Хамза, моментално, е градоначалник на Јужна Митровица, едната половина од некогаш просперитетниот рударски град Митровица. Поделена меѓу Србите на север и Албанците на југ, Митровица е честа точка на судири уште од војната.

Пред да стане градоначалник во октомври 2021 година, 61-годишниот Хамза беше министер за финансии и шеф на пратеничката група на ПДК.

Аналитичарот Арифи го опишува како „докажан менаџер.“

„Тој покажа лидерство и беше успешен“, рече тој за БИРН.

„И во оваа кампања го покажа својот позитивен карактер. Тој никогаш не бил вклучен во навредување на своите политички ривали.“

Лумир Абдиџику [Демократска лига на Косово]

Лумир Абдиџику со своите поддржувачи во Липјан | Фото: Официјален ФБ на Абдиџику

Основана во декември 1989 година, Демократската лига на Косово, ЛДК, беше првата партија на етничките Албанци во Косово и една деценија водеше пасивен отпор кон српската репресија под тогашниот моќник Слободан Милошевиќ.

Беше предводена од Ибрахим Ругова, кој се залагаше за ненасилство и создавање „паралелни“ системи на образование и влада, како одговор на чистката на Албанците од јавниот сектор и на репресијата на албанскиот јазик.

Тоа беше политика, која на крајот беше засенета од вооружениот отпор на ОВК. Сепак, по војната, ЛДК ја освои контролата врз огромното мнозинство општини, кога Косово ги одржа првите слободни избори во 2000 година.

Политичката доминација на ЛДК траеше до изборите во 2007 година, кога, по смртта на Ругова и зголемените внатрешни несогласувања, загуби од поранешните герилци во ПДК.

Во 2019 година, ЛДК беше втора на парламентарните анкети со 24,5 отсто, веднаш зад Ветевендосје. Сепак, беше десеткувана во 2021 година, освојувајќи само 15 места во парламентот.

Лидерот на партијата и кандидат за премиер, Лумир Абдиџику рече дека резултатите од 2021 година ѝ „припаѓаат на историјата.“

„Поминаа четири години, имавме локални избори, ЛДК се реформира, се менува, задржувајќи ги идентитетските вредности; има нов тим, нова програма и гледа кон иднината“, изјави 41-годишникот за косовската ТВ Клан, на почетокот на јануари.

Во својата програма, ЛДК ветува дека ќе обезбеди членство во програмата на НАТО партнерство за мир, „поплочувајќи го патот кон полноправно членство во Северноатлантската алијанса“.

За односите со Србија, партијата вели дека ги признава обврските што произлегуваат од договорот од 2023 година, постигнат меѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој допрва треба да се спроведе.

Изборната програма, во голема мера, се фокусира на инфраструктурата, со ветување за завршување три автопатишта што моментално се градат.

Политикологот Арифи вели дека одлуката за Абдиџику, економист кој беше министер за инфраструктура во првата краткотрајна влада на Курти во 2021 година, сè уште не е донесена.

„Тој има позитивен пристап кон политиката, но сè уште не е докажан во водење на владата“, рече Арифи за БИРН.

„Тоа не значи дека му недостасуваат способности, но останува да се види. Тој е млад, и иако годините не се одлучувачки фактор, искуството е.“

Рамуш Харадинај [Алијанса за иднината на Косово]

Рамуш Харадинај на изборен митинг на 1 февруари | Фото: Официјален ФБ на Харадинај

Алијанса за иднината на Косово, ААК, е основана во мај 2000 година, кога Рамуш Харадинај ја замени својата воена униформа со костум на политичар.

Сега, на веќе 56-годишна возраст, поранешниот командант на ОВК, од западно Косово, првпат накратко беше премиер во 2004-2005 година, но беше принуден да поднесе оставка поради обвинението од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, во Хаг.

Беше ослободен во 2008 година поради недостиг од докази, но повторно беше суден и ослободен од обвиненијата во 2012 година.

Тој стана премиер и во 2017 година, за повторно да поднесе оставка во 2019 година, кога беше повикан на разговор од обвинителите во Специјалниот суд на Косово, создаден за да побара правда за злосторствата извршени од ОВК за време и непосредно по војната. Од разговорот не произлезе ништо.

ААК, на изборите на 9 февруари, учествува со коалицијата Социјалдемократска иницијатива.

Нивната изборна програма се фокусира на пристапувањето на Косово во НАТО, за „траен мир во овој дел од Европа.“

„Нашиот прв столб е безбедноста, членството во НАТО“, рече Харадинај за косовската јавна телевизија на 3 февруари, наведувајќи ги воените, како и политичките „и особено финансиските“ придобивки.

„Вториот столб што го идентификувавме е енергетската безбедност, бидејќи енергетската ситуација е хаотична, а цените многукратно беа зголемени во минатото.“

Во изборната програма, исто така, повикува на „заемно признавање“ меѓу Србија и Косово и интеграција во ЕУ. Ја обвинува владата дека ги поставила темелите за „автономија“ на општините со мнозинско српско население и ветува дека ќе ја „уништи“ оваа идеја.

Ветува минимална плата „не помала од 500 евра“, во споредба со сегашната од 370 евра, и просечна плата „не помала од 1.000 евра.“

Арифи, пак, вели дека Харадинај се докажал во војна, „но менаџирањето во политиката е друга работа.“

„Тој не се докажа себеси во управувањето“, рече Арифи за БИРН.

„Тој е менаџер без никакви резултати и ова го става во неповолна позиција да биде премиер, каде што влогот е исклучително голем.“