Лина Вдовии – Букурешт, Радуканени и Мадрид
Кога Мадалина Оприсан имала 13 години, нејзината мајка го напуштила домот во Романија за да работи како чистачка во Израел. Тие се виделе само четири пати во изминативе 13 години.
Мадалина и нејзината помлада сестра Јоана се селеле кај различни тетки во нивниот роден град Бакау. Мадалина била срамежлива, просечна ученичка, за која се сметало дека нема шанси за запишување на универзитет. Таа имала проблематична семејна историја – татко кој ја отфрлил и очув кој бил насилен.
Мадалина и нејзината сестра ги имале сите карактеристики да станат централни ликови во една од многуте тажни приказни во медиумите за „напуштените деца”, оние кои родителите ги оставаат сами на себе затоа што заминуваат од Романија и другите источно европски земји за да работат во странство во побогатите земји.
Често, во овие приказни во романските и странските медиуми се истакнувале екстремните случаи, во кои децата се свртуваат кон насилство, па дури и самоубиство.
Но, откако нејзината мајка заминала, Мадалина просперирала. Таа учествувала на училишните натпревари, имала своја страница во локалниот весник, го завршила најдоброто средно училиште во градот и добила стипендија за да студира новинарство во Букурешт.
„Ми беше тешко да растам на овој начин, преку Скајп. Но, истовремено, тоа ме направи посилна”, вели Мадалина, сега сериозна 26-годишна девојка, во ресторан во центарот на Букурешт.
Мадалина и нејзината сестра се меѓу многуте „деца кои се препуштени сами на себе”, како што понекогаш се нарекуваат, кои пораснале и просперирале како млади луѓе, но најчесто не се присутни во медиумите и јавната дебата кога се зборува за миграцијата и нејзиниот ефект врз семејствата.
За да разбереме како тие успеале и по која цена, Балканска мрежа за истражувачко новинарство разговараше со повеќе од 30 млади професионалци и студенти кои израснале со родители кои живеат во странство.
Меѓу нив беа инженер во автомобилската индустрија, системски инженер, менаџер на продажба, уметник, музичар, помошник психолог и студенти кои студираат на различни факултети од економија до архитектура. Нивните родители работат или работеле во земји, како што се Шпанија, Италија, Германија и Велика Британија.
Испитаниците беа на возраст меѓу 18 и 28 години и се од Романија или нејзиниот помал сосед на исток, Молдавија, која има блиски етнички и лингвистички врски со Романија и, исто така, има висок процент на население кое работи надвор од земјата.
Приказните за неколку од нив илустрираат како тие имале придобивка од одлуката на нивните родители да одат во странство, но, исто така, покажуваат дека двете генерации платиле емоционална цена за нивниот успех.
„Нашите родители се обидоа да го промениме нашиот социјален статус”, вели Мадалина. „Отидоа во странство да работат како неквалификувани работници со единствена цел да изградат подобра иднина за нас, за следната генерација, во нашата земја”.
Таа со намуртен израз на лицето се сеќава на времето кога нејзината мајка продавала весници, лименки со храна од Турција и цигари од Молдавија.
„Ако продолжеше да работи за 300 евра месечно, немаше да ме испрати на колеџ, да плати за моите приватни часови или моите патувања”, признава таа. „Го видов Париз пред Букурешт”.
По дипломирањето, Мадалина работела како новинар за водечката романска комерцијална телевизиска станица, ПроТВ, а сега е менаџер за комуникации за една непрофитна организација, која им помага на другите добротворни организации да ја користат технологијата.
Препуштени сами на себе заради миграцијата
Во текот на изминатите две и пол децении, милиони Романци ја имаат напуштено земјата во потрага по работа во странство. Еден бран на миграција следеше по падот на комунизмот во 1989 година. Вториот почна пред повеќе од една деценија откако Европската унија ги укина визите за влез во Шенген зоната, во која нема внатрешни гранични контроли, а сега се состои од 26 земји.
Романците и другите најдоа работа во Западна Европа, како градежници, земјоделски работници, чистачи, негувателки и во други области. Многумина ги оставија своите деца за нив да се грижат нивните брачни другари или роднини, или да живеат сами доколку биле доволно возрасни.
Според романското Министерство за заштита на децата, повеќе од 84.000 деца имаат еден или двајца родители што работат во странство. Но, невладините организации проценуваат дека вистинскиот број е околу 350.000, највисок отколку во било која друга европска земја.
Во Молдавија се проценува дека околу 177.000 деца се во иста ситуација.
Олга Гаврилита, студентка од Молдавија, имала седум години кога нејзините родители заминале во странство.
„Тоа беше најинтензивен дел од животот”, вели Олга, која е на магистерски студии по економија на „Фридрих Шилер“ универзитетот во Јена, Германија. „Нивното заминување ме натера да сфатам што е она што сакам да го направам и каде”.
Судбината на „децата препуштени само на себе” стана главна тема во романските медиуми пред седум години.
ПроТВ емитуваше кампања под насловот „Дали знаете како е вашето дете?“ за децата чии родители никогаш не се вратиле, често формирајќи нови семејства во Западна Европа. Документарниот филм прикажуван неколку години подоцна наречена „Сам дома – романската трагедија“ дава детали за приказните на три деца кои му ставиле крај на својот живот поради отсуството на нивните родители.
Овие приказни предизвикаа шок низ целата земја, и привлекоа уште повеќе медиумско внимание.
Статии со алармантни наслови како „Деца на работ на амбисот”, „Ужасната драма на ’евро-сирачињата’ на Романија” или „Земјата на напуштени деца?” доведоа до коментари од страна на читателите, од типот „Какви родители се овие? Тие заслужуваат да бидат испратени во работнички кампови”.
Сепак, аналитичарите велат дека таквата покриеност создаде искривена слика.
„Постојат неколку изолирани трагични случаи и медиумите ги користат за да привлечат публика”, вели Викторија Неделциуц, експерт по миграција во Фондацијата Отворено општество во Букурешт. „Но, миграцијата има и многу предности”.
Неделциуц вели дека парите што им ги праќаат родителите им овозможуваат на децата да купат компјутери и да научат како да ја користат технологијата, да одат на подобри колеџи и универзитети и да патуваат во странство.
Многумина од оние кои се етикетирани како „напуштени деца” се чувствуваат неразбрани. Андреј Добра, романски блогер ветеран, изјави за БИРН дека неговите родители се преселиле во Шпанија, кога имал 13 години, оставајќи го кај тетка му. Тие требало да отидат на една година, но останале во странство. Сега тој ги гледа само на одмор.
„Јас никогаш не се чувствував напуштен и никогаш не чувствував омраза кон нив. Знам дека тие заминаа, но ги направија тие жртви за мене, за нас”, вели 28-годишниот Андреј, кој е единец.
Интервјуто го натера Андреј да објави на својот блог приказна со наслов „Напуштеното дете нуди објаснувања“.
„Многу пати ми велеа, дека ако моите родители ме сакале, тие не би можеле да ја поднесат разделбата”, пишува Андреј.
„Многу се разлутив кога прв пат го слушнав тоа”, додаде тој. „Кога судите за оваа генерација на деца, чии родители работат напорно на Западот, размислете два пати пред да ги наречете ’напуштени’ и да ги обвинувате родителите. Можеби не ја знаете целата приказна, сите детали”.
Адријан Лупу, професор по социологија на универзитетот „Александру Јоан Куза“ во Иаси, источна Романија, во 2006 година учествуваше во првата студија за децата чии родители работат во странство. Тој и другите експерти го користат терминот издржливи за да ги опишат оние кои ги надминале тешките времиња и успеале да постигнат успех на академски и професионален план.
Емоционална цена
Но, успехот на овие деца има своја цена.
Студиите објавени од страна на организациите како што се „Спасете ги децата“ и Фондацијата Сорос Романија открија дека постојат разлики помеѓу децата чии родители се дома и оние оставени сами на себе.
Петнаесет проценти од децата со родители во странство имале проблеми со полицијата, споредено со само 10 проценти од оние кои живеат со своите родители. Уште поистакнато е емоционалното влијание. Триесет и шест проценти од децата чии двајца родители се во странство изјавиле дека се чувствувале осамени, додека 22 отсто верувале оти никој не ги сакал.
Друг ризик е влошувањето на односот помеѓу родителот и детето.
Сестрите Оприсан различно се прилагодиле на отсуството на својата мајка. Јоана одржувала релативно блиски контакти со неа, додека Мадалина во голема мера ја прекинала комуникацијата.
„Таа замина пред да го имам мојот прв менструален циклус. Бев кај тетка ми, собирав компири и многу се исплашив затоа што никој не ме предупреди”, вели Мадалина. „Премногу време поминавме раздвоени”.
Овие денови, извор на напнатост меѓу нив е момчето на Мадалина, Лукијан, чија единствена работа е водење на работилница за велосипеди, која ја отворил заедно со неа. За нејзината мајка, наоѓање на човек што ќе носи пари дома е многу важно.
„Стресот заради сиромаштијата беше толку голем пред да замине, така што се сеќавам кога ќе се разбудев среде ноќ, ја слушав мајка ми како разговара сама со себе во кујната”, вели Мадалина.
Откако заминала нејзината мајка, Мадалина изградила силна мрежа за поддршка, вклучувајќи ги и нејзината тетка, пријателите, братучедите и, подоцна, Лукијан.
Тетката на Мадалина работела со неа додека пишувала домашна работа и набрзо таа станала една од најпаметните ученици во нејзиното училиште.
За разлика од неа, Јоана била премногу мала за да се справи добро со заминувањето на мајка си. Нејзе ѝ била потребна повеќе љубов. „Тетките никогаш не се како мајките”, вели таа.
Таа плачела со часови. „Едноставно и недостасувал разговор со некого”, објаснува таа. Понекогаш, таа тропала на вратата на сосетката, жена на околу 50 години, само за да разговараат.
На училиште, малата Јоана замислувала дека нејзините учителки се нејзината мајка.
Со темна коса и со ретка отвореност, Јоана се сеќава на првата посета на својата мајка, по четири години. „Нејзината коса од црна станала бела како снег”, се сеќава таа. „Таа беше толку бела, што иако нејзините црти беа исти, не можев да сфатам дека е мајка ми”.
Нејзиниот глас е обоен со тага додека се потсетува како живеела сама во мал, бетонски стан кога Мадалина заминала на универзитетот во Букурешт.
Сега на 20 години, Јоана неодамна се преселила во простран, трисобен стан во центарот на Букурешт, кој го купила нејзината мајка. Таа гордо им го покажува станот на посетителите, со два тоалети, нов мебел, свежо обоени бели ѕидови и шарени кутии за складирање ставени на бела полица.
Јоана студира стоматологија на „Карол Давила“ универзитетот во Букурешт, за што добила стипендија преку приватните часови на кои одела во Букурешт за време на последната година од средното училиште, патувајќи по седум часа на секои две недели до главниот град. Мајка ѝ платила сè.
„Да останеше мајка ми во земјава, ќе немав ништо”, признава таа.
Социолог Лупу вели дека многу студенти ја плаќаат школарината со пари од странство. Тој верува дека доколку се направи истражување на сите универзитети во Романија бројката ќе биде изненадувачки висока.
Ирина Висин, една од студентките на Лупу, вели дека 20 од нејзините 34 колеги студенти на прва година од магистерските студии за заштита на правата на децата имаат, или имале, родители кои работат во странство.
Подобрување на издржливоста
Групите за застапување со години се борат да се добие поголема правна заштита на децата со родители емигранти. По осум предлог верзии, романскиот парламент конечно го усвои новиот Закон за заштита и унапредување на правата на детето во септември 2013 година.
Законот вклучува парична казна од 500 до 1.000 романски леи (околу 115-230 евра) за родителите кои нема да ги известат властите дека тие заминуваат да работат во странство и кои нема да обезбедат одобрение од страна на судија за старател за нивните деца најмалку 40 дена пред да заминат.
Викторија Неделциуц од Фондацијата отворено општество, се жали дека законот не предвидува никаква улога за училиштата, да ги известат властите доколку забележат дека родителите на детето заминале.
„Проблемот е што училиштето целосно недостасува”, вели таа. „Наставникот е првиот што ќе дознае кога родителot на ученикот е заминат”.
Со цел да се помогне на децата да станат цврсти и издржливи далеку од нивните семејства, „Спасете ги децата“ воведе програма наречена „Растеме заедно” во 16 училишта низ земјата.
Во текот на три години, специјалистите им помогнале на повеќе од 2.000 деца преку помагање со домашни задачи, обезбедување на пристап до компјутери, за да воспостават подобра комуникација со родителите и индивидуално психолошко советување.
Во 2013 година, седумдесет проценти од децата во програмата ги подобриле нивните постигања на училиште, а 46 проценти освоиле награди во училишните натпревари, велат од „Спасете ги децата“.
Селото, каде што наставничките се мајки
Некои училишта имаат преземено сопствени напори за да им помогнат на децата чии родители се во странство.
Во селото Радуканени во северниот дел од Романија, земјени, калливи патишта, по кои одат коњи и запрежни коли се отвораат кон новоизградените домови.
Според локалните власти, околу 150 родители од вкупно 500 семејства во селото заминале во странство по работа.
Директорката на локалното училиште, Кока Кодреану, ги набројува воннаставните активности организирани за децата кои се сами, како драмски, музички и уметнички групи.
„Ние како училиште, правиме сѐ да им бидеме родители, лекари, и пријатели”, вели таа.
Во една стара училница со сини и бели ѕидови и печка во аголот, Александра Ладан, 10-годишно девојче со кратка темна коса, е меѓу шесте деца во нејзиното одделение чии родители се во странство.
Мајката на Александра заминала за Италија, кога таа имала седум месеци.
Двете се пријателки на Фејсбук. На тој начин, Александра знае дека нејзината мајка е добра и има друго семејство. „Таа објавува кратки видеа со новото бебе”, вели Александра.
Некогаш во неделите, тие зборуваат преку Фејсбук. Но, нејзината мајка никогаш не се јавува. Дури ни на родендени. Во тој момент, Александра, која живее со нејзиниот татко и баба и дедо, почнува да плаче.
Неколку месеци подоцна, мајката на Александра дошла во Романија на посета и ја видела својата ќерка за прв пат по 10 години. Александра преку Скајп раскажува дека се чувствува „чудно” да биде повторно со мајка ѝ.
И покрај траумата низ која поминала, Александра е една од најдобрите ученички во одделението, според нејзината учителка, Екатерина Паскалоаие.
Дали децата како Александра постигнуваат добри резултати на училиште и се емоционално добри зависи од неколку фактори, како сопствената личност и поддршката што ја добиваат од возрасните кои се важни за нив, велат експертите.
„Сум сретнала деца кои биле оставени сами дома и успеале или затоа што имале многу силна желба да го сторат тоа и го сакале училиштето, или поради тоа што биле доволно среќни да имаат луѓе кои им помогнале како што се одделенскиот наставник, соученик или баба”, вели Луминита Костаке, координатор за едукативни програми во романската филијала на УНИЦЕФ.
Почнувајќи од нула
Многу родители кои работат во странство се надеваат дека нивната жртва ги спречила нивните деца да ги следат нивните чекори – дека парите што ги испраќаат дома ќе ги однесат нивните синови и ќерки на патот кон сигурна иднина дома. Но, понекогаш не е така.
До минатото лето, Георгијана Панка, 25-годишна девојка со светла црвена коса, била новинарка во Букурешт за еден од најголемите весници во Романија.
Потоа на нејзината сестра и бил дијагностициран рак на кожата. Нејзините родители, кои живеат во Шпанија, веќе не можеле да си дозволуваат да испраќаат пари за Георгијана. Тие ја замолиле да им се придружи и да најде работа. Георгијана чувствувала дека им го должи тоа.
„Тие многу ми помогнаа, ми дадоа сила да продолжам и да станам тоа што сум”, вели таа.
Во Мадрид, Георгијана и нејзините родители седат на маса со традиционална романска храна – супа, палента и сирење. На ТВ ја гледаат трката со бикови во Памплона. Таткото на Георгијана, импозантен човек со проседа коса, плаче додека зборува за тоа како е тешко да се најде работа во Шпанија во денешно време.
Мајката на Георгијана, Марија, се сеќава зошто се преселила во Шпанија и ја оставила ќерката сама.
„Кога заминав, таа имаше 15 години”, вели таа. „Одлуката беше тешка, но сакав таа да оди на колеџ, а исто така, сакав да изградиме убава куќа”.
Георгијана живеела сама девет години.
„Во средно училиште, јас всушност бев кул. Моите пријатели знаеја дека сум сама и имавме забави”, вели таа.
Но, таа воопшто не е задоволна со нејзиниот нов живот во Мадрид. Откако работела некое време како бејбиситерка и чистачка во едно шпанско семејство и како келнерка во еден бар, таа сега работи како рецепционер во ноќна смена во еден хостел.
Нејзиното искуство во Шпанија и овозможило на Георгијана да ја сфати борбата низ која поминале нејзините родители за да овозможат подобар живот за неа.
„Да почнете одново од нула е тешко”, вели таа.