Регион

Изгубено детство: Сеќавања на војната во Косово

Три лица, кои како деца ја искусиле војната во Косово, за БИРН ги раскажуваат нивните сеќавања

Бил студен ден во декември 1998 година, кога семејството на Бесник Рустеми, го исчекувало нападот врз нивното село, Сливово.

Рустеми, кој во тоа време имал шест години, си играл во дворот на соседот со своето другарче. Во неговата соба го чекале нови гумени чизми, подготвени тој да ги обуе, доколку неговото семејство реши да бега.

Сливово неколку недели било опколено од српските сили, а откако ОВК убила српски полицаец од Гнилање, селаните биле во исчекување на одмазднички напад.

Сепак, вели Рустеми, кој денес работи како социјален работник, во селото пристигнала делегација на Мисијата на ОБСЕ во Косово, и како резултат на тоа, српските сили си заминале.

„Неколку недели подоцна, се случи масакрот во Рачак, што доведе до воздушни напади на НАТО (на Југославија)“, нагласува тој.

Рачак е оддалечен само десет километри од Сливово. Таму, на 15 јануари 1999 година, околу 45 косовски Албанци беа убиени од страна на српските сили – масакр што го обелодени Мисијата на ОБСЕ и кој стана главен аргумент, НАТО воено да интервенира, за да се стави крај на конфликтот.

Една од жртвите била заробена, мачена и обезглавена во близина на неговиот дом, а главата била пронајдена дури подоцна.

Рустеми се затресе од помислата дека и во неговото село можел да се случи масакр.

„Нашето село има врска со овој инцидент, затоа што имавме обезглавен труп на жртва на масакрот во Рачак, веруваме дека, очигледно, главата требала да се донесе во моето село во знак на одмазда и да испрати порака до семејството на српскиот полицаец во Гњинале, дека нивниот син е одмазден“, истакнува Рустеми.

Кога ова се случувало, тој и неговото семејство веќе биле на Шар планина, на пат кон Албанија. Рустеми се сеќава дека постојано бил мокар и гладен, затоа што неговото семејство немало можност да се подготви и да земе доволно храна или евентуално некој шатор.

Тој немал можност ни да ги обуе своите нови чизми, па на пат тргнал со стари чевли. Кога се вратиле, куќата била изгорена, а и неговите чизми заедно со неа.

Сеќавањата на неговиот живот како момче бегалец се измешани, но тој добро се сеќава на почетокот на бомбардирањето на НАТО, кон крајот на март 1999 година.

„Небото изгледаше како да беше осветлено од огномет, како да е новогодишна ноќ“, вели тој, сеќавајќи се дека луѓето околу него, кои бегале и биле на отворено во планина, биле во паника кога започнал воздушниот напад на Западната алијанса.

Ситуацијата потоа се влошила уште повеќе. „Моите најлоши искуства беа кога нè принудија да ја напуштиме планината“, вели тој.

„Татко ми немаше можност да ја избричи брадата и тој изгледаше како војник на ОВК, па српските сили го одведоа. До албанската граница, морав да продолжам пеш со мајка ми, која беше бремена“, објаснува тој.

Иако исцрпени и преплашени, тој и неговата мајка морале пеш да поминат околу 70 километри, од селото Штимље до Призрен, а потоа и до границата со Албанија.

Покрај патот, видел тела за кои мислел дека се луѓе кои „спијат“.

Подоцна дознал дека тие биле трупови на бегалци.

„Не знаевме што може да ни се случи“

Во 1998 година, Небојша Рашиќ имал 15 години и живеел нормален живот на тинејџер, во село во близина на Липљан, Косово, сè додека југословенските власти не вовеле вонредна состојба, по ескалацијата на нивниот конфликт со ОВК.

„ОВК киднапираше еден мој пријател, кој живееше во блиското село. Цело време се случуваа киднапирања“, вели Рашиќ, некогаш преведувач на КФОР, а денес наставник по англиски јазик.

По киднапирањата, како што раскажува, српската полиција поставила контролни пунктови, а тој и неговото семејство морале да го ограничат движењето и да излегуваат од дома, само кого тоа било неопходно.

Но, неговиот татко морал да излегува секој ден, затоа што работел како електричар.

Ситуацијата беш многу пострашна од сегашната, кога имаме пандемија на корона вирусот, истакнува Рашиќ: „Стравот беше многу поголем бидејќи не знаевме што може да ни се случи, само знаевме дека мора да останеме во подрумите“.

Неговите сеќавања на бомбардирањето на НАТО, се слични како оние на Бесник Рустеми. „Небото навистина изгледаше како во новогодишна ноќ“, вели тој.

Најстрашен момент за тинејџерот Рашиќ, била смртта на цивилите, меѓу кои и онаа на едно тригодишно девојче, убиено во бањата на станот на нејзиното семејство во Белград.

„Мислевме дека НАТО ќе го бомбардира само центарот на Приштина и воената рафинерија, но тие бомбардираа и цивилни возови во јужна Србија, па дури и колона на албански бегалци“, додава тој.

Околу 100 албански бегалци од Косово беа убиени во воздушен напад извршен на 13 мај 1999 година, додека спиеле на фарма во Кориша, во близина на Призрен, на пат кон Албанија. НАТО, по грешка, сметал дека се работи за српска воена база.

„Најдовме засолнште во планините“

Во 1998 година, Небахете Зекај имала 12 години. Таа со семејството живеела во селото Горње Обриње кај Ликовац, каде се наоѓало седиштето на ОВК. Нејзиниот татко и постариот брат, кој имал 17 години, биле припадници на ОВК.

Семејството решило да остане заедно по масакрот во шумата во близина на селото кога, во септември 1998 година, 21 член на семејството Делиај, вклучувајќи жени и деца, биле убиени од српските специјални полициски сили.

Но, откако 4 зимски месеци поминале во куќата, тие на крајот морале да побегнат, бидејќи се плашеле дека ќе бидат цел, како „ОВК семејство“.

„Кога започнаа нападите и куќите почнаа да горат, веќе не можевме да останеме во селото. Затоа, јас, моите пет сестри, мојот помал брат, кој имаше само пет години, и мајка ми, најдовме засолниште во планините“, вели Зекај.

Таа истакнува дека засолниште во планините нашле уште 500 жители на нејзиното село.

„Останавме заедно верувајќи дека ќе бидеме безбедни во толкав број“, додава Зекај.

„Србите беа во селото, оддалечени од нас само 20 километри. Секгаш кога ќе беше убиен српски војник, тие ќе го свртеа оружјето кон нас и пукаа. Многумина умреа, меѓу кои и една бремена жена и нејзините деца кои спиеја“, нагласува таа.

Зекај додава оти српските војници доаѓале и им барале пари за да им го поштедат животот, додека припадниците на ОВК доаѓале да бараат храна. Подоцна дознала дека нивното засолниште се наоѓало меѓу двете спротивставени сили.

„Со денови не јадев, затоа што не можев да ја обработам храната, заради паниката што ја чувствував, а честопати и нозете ми потклекнуваа“, објаснува таа.

Но, и покрај ова, верува дека имала среќа, затоа што никој од нејзиното семејство не бил ниту ранет, ниту убиен.

Една година подоцна, како студентка по психологија, Зекај дошла до заклучок дека страда од посттрауматско стресно пореметување.

Дете кое е сведок на таков конфликт, навистина не знае што гледа, истакнува Зекај: „Стравот е насекаде, а не разбирате што се случува. Зошто? Како? Што се случува?“.