Регион

Косово: Соборена влада, тајни преговори и обвиненија за воени злосторства

Косовската јавност останува поделена околу вистинските причини за соборувањето на Владата

Косово несомнено влегува во тежок период – тоа, како и другите земји во светот, се бори со пандемија на корона вирусот, при што лошиот здравствен систем е дополнителен проблем, мора да се справи со преговорите, како и со актуелната внатрешна политичка криза. Ова може да доведе до нови општи избори.

Но, уште еден часовник го отчукува времето за Тачи и за неговите поранешни соборци од  ОВК. Судиите на претходна постапка на Специјализираните совети, со седиште во Хаг, таканаречениот специјален суд, пред кој ќе им се суди на поранешни припадници на ОВК за воени и повоени злосторства, ги разгледуваат обвиненијата поднесени од специјалниот обвинител, Џек Смит, во јануари годинава.

Смит, кој е на чело на Специјализираното обвинителство со седиште во Хаг, минатата година сослуша повеќе од 100 поранешни припадници на ОВК, за кои се верува дека имаат сознанија за злосторствата извршени во Косово, за периодот за кој е надлежен специјалниот суд, од јануари 1998 до 31 декември 1999 година.

Околу половина од оние кои изјавија дека се сослушани како осомничени лица, биле соработници или членови на Демократската партија на Косово на Тачи. Меѓу нив е и Кадри Весели, сегашниот лидер на партијата и член на Собранието на Косово. Имаше гласини дека и Тачи бил повикан на сослушување, но тој одби да го потврди ова за БИРН.

Тачи и Американците

Споменикот „Хероина“ во Приштина Фото: Викимедија комонс/Уратерам

Косовската јавност останува поделена околу вистинските причини за соборувањето на Владата. Некои веруваат дека ова е само борба за моќ меѓу политичките партии, додека за други станува збор за односите со Србија.

Сепак, има такви кои веруваат дека постои страв кај водечките политичари, кои некогаш биле припадници на ОВК, дека наскоро може да бидат обвинети и дека соборувањето на Владата е дел од нивниот обид да ја преземат извршната власт, за да го спречат тоа.

Хаки Абази, заменик премиер во довчерашната Влада, вели дека целосниот одговор за она што довело до иницијативата за недоверба на Владата, лежи во размената на писма меѓу Тачи и Мајк Помпео, државен секретар на САД.

„Обидот за соборување на оваа Влада е поврзан со планот за поделба на Косово и укинување на специјалниот суд“, вели Абази.

Тој се повикува на документот објавен на 5 март во весникот Коха, кој е одговор на Помпео на ноемвриското писмо на Тачи, во кое тој, според Помпео, „изразува загриженост за работата на Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово“.

Во одговорот, Помпео ја истакнува поддршката на Вашингтон, на работата и на мандатот на специјалниот суд во Хаг и ги повторува американските очекувања дека косовските политичари и институции ќе соработуваат целосно со Специјализираните совети.

Според мандатот, судот е формиран да спроведе истраги и, доколку е оправдано, да ги гони поединците за злосторствата наведени во извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, „Нехумано постапување со луѓе и трговија со човечки органи на Косово“, од јануари 2011 година.

Во овој извештај, во неколку наврати се спомнува и самиот Тачи, кој е опишан како водач на Дреничката група на ОВК, поврзана со киднапирање, тортура и организиран криминал во повоено Косово. Тачи, за време на војната политички директор на ОВК, ги негираше обвинувањата, опишувајќи го извештајот, а подоцна и специјалниот суд, како пристрасни и антикосовски.

Политичкиот аналитичар, Даниел Сервер, неодамна пишуваше за гласините дека „Американците му ветиле на Хашим (Тачи) заштита од гонење“. Сервер наведува дека хашкиот обвинител е „Американец, именуван од администрацијата на Трамп“ и затоа „не е тешко да се замисли дека може да му се каже дали да поднесе или да не поднесе обвинение“.

Тој, исто така, вели дека ова може да биде причината зошто САД го поддржаа гласањето за недоверба на Владата, со кое Курти беше симнат, а Тачи вратен на „возачкото место“ и ги зголемува шансите за мировен договор меѓу Косово и Србија, нешто што Белата куќа сака брзо да го обезбеди.

Но, обвинителот Смит, иако е именуван од администрацијата на Трамп, во правните кругови се смета за независен професионалец со добри резултати во водењето на сложени политички истраги за корупција и воени злосторства.

Смит работел како раководите на Одделот за јавна одговорност при американското Министерство за правда и ги надгледувал судењата на комплицираните предмети на јавна корупција ширум САД. Пред тоа, тој работел како координатор за истраги во Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Меѓу другите познати обвинители кои работат во Специјализираното обвинителство е и Алекс Вајтинг, водител на истраги. Вајтинг е француски и американски обвинител со долгогодишно искуство како во националните, така и во меѓународните кривични постапки, вклучувајќи го и времето поминато во МКС и во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), каде што работел на предмети поврзани со Косово.

Специјализираниот обвинител во повеќе наврати ја истакна својата независност и до денес успеа да обезбеди во јавноста да не се појават информации за потенцијалното процесирање на поранешните припадници на ОВК.

По поднесувањето на обвиненијата на почетокот на оваа година, претресниот совет има рок до средината на јули, да ги потврди или отфрли обвиненијата или да побара дополнителни информации. Судиите на претходна постапка, велат во Специјалното обвинителство, продолжуваат да работат, и покрај пандемијата на корона вирусот.

„ССК (Специјализираните совети на Косово) воведоа мерки ширум целата организација, за да одговори на ситуацијата во согласност со препораките и одлуките на надлежните власти за јавно здравство, притоа одржувајќи го континуитетот на работата и целосното функционирање на ССК. Овие мерки вклучуваат работа од далечина и одржување состаноци секогаш кога е можно“, истакнуваат за БИРН од судот.

Косово се соочува со неизвесна иднина

Но, некои искусни набудувачи на косовската правда и политика, веруваат дека објавувањето на обвиненијата од страна на Специјализираните совети, може да биде одложено.

„Како резултат на оваа пандемија, не слушаме многу во јавноста за нивните активности, освен тоа што еден од судиите на Специјалните совети поднесе оставка минатата недела од лични причини“, нагласува за БИРН, Гезим Висока, вонреден професор по студии за мир и конфликти на Универзитетот во Даблин.

„Во однос на ситуацијата во Косово, корона вирусот и сегашниот обид за соборување на Владата, секако, го привлекоа целосното внимание на националните и на меѓународните актери на Косово, и затоа можеме да претпоставиме дека можеби нема да слушнеме многу новости од Специјализираните совети во наредните недели и месеци“, додава Висока.

Сепак, тој забележува, дека засега, во Косово, нема јавни шпекулации, што би го поврзале соборувањето на Владата на Курти со активностите на Специјализираните совети.

Сите очи се насочени кон политичките случувања во Приштина, и внатре и надвор од Косово. Луѓето во главниот град на Косово протестираат од нивните балкони секоја вечер, повикувајќи ги своите политичари да постапуваат поодговорно за време на кризата со корона вирусот, додека гласањето за недоверба на Владата ги подели САД (кои го поддржаа) и ЕУ (која беше против).

И од Берлин косовските политичари добија јасна порака дека земјата повторно е во сериозна криза.

„Приоритет мора да се даде на решавачката борба против корупцијата и организираниот криминал, со цел конечно да се зајакне економијата на земјата и да се подобри социјалната состојба“, изјави во четвртокот, Питер Бејер, трансатлантски координатор на германската федерална влада.

„Ова мора да вклучува продолжување на истрагите за воени злосторства, без што не може да се воспостави мир и доверба. Особено, ова ги вклучува институциите одговорни за гонење на злосторствата против човештвото и воените злосторства“, додаде тој.

Во следните три месеци, различни политички сценарија би можеле да се развијат на Косово, од нова Влада што би ја водела партијата на Курти, преку Влада без него, до одржување на нови општи избори.

Лулзим Пеци, директор на Косовскиот институт за истражување и развој на политиките, за БИРН вели дека за решавање на тековната ситуација, „се потребни политички консултации и договор“.

Пеци верува дека сегашната криза нема да се реши брзо и може „да трае подолго од вонредната ситуација со КОВИД-19“.

Постојат бројни прашања за тоа како косовските власти ќе соработуваат доколку Специјалното обвинителство побара апсење на обвинетите.

Според Мајкл Дојл, координатор во Специјализираните совети, „општата соработка помеѓу ССК и Косово беше и ќе биде во согласност со (косовскиот) законот за Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство. Властите во Косово имаат законска обврска да соработуваат со ССК“.

Но, останува да се види што ќе се случи во врска со апсењето на поранешните функционери на ОВК, доколку Тачи, како претседател и главен командант, ги контролира безбедносните служби во Косово и ако политичката криза остане нерешена.

Според законот со кој се основаа Специјализираните совети, обвинителството има и свои полициски сили. Во законот се вели дека „полицијата во рамките на Специјализираното обвинителство има овластувања и е надлежна да ги извршува овластувањата што ѝ се дадени на косовската полиција со законите на Косово“.

Сепак, не е јасно како во практика апсењето би се извршило.

Од Специјализираното обвинителство не добивме одговор. „Не можеме да коментираме оперативни работи“, ни рекоа од обвинителството.