Регион

Корона на Балканот: карантин, загриженост, но и политика

Контрола на аеродромот во Подгорица | Фото: Влада на Црна Гора/Саша Матиќ

Косово остана без влада среде пандемија, Романија без министер за здравство, во Хрватска има стравувања дека превентивните мерки ќе отидат предалеку во нарушувањето на човековите права, а објавувањето на имињата на заболените во некои земји сè уште предизвикува реакции низ регионот. Иако справувањето со новиот корона вирус е централна преокупација на целиот Балкан, политиката упорно не сака целосно да се симне од агендата.

Бројот на заболени од вирусот расте во сите земји од Балканот и од Средна Европа. Според последните информации на лајв-блогот на Балкан инсајт, има над 4.000 заболени и повеќе од 50 смртни случаи во Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Босна и во Турција. Во сите земји е прогласена состојба на висок ризик, некаде и вонредна состојба, а насекаде мерките за заштита се менуваат кон построги и поограничувачки од ден во ден. Цели градови се ставаат во карантин, има големи ограничувања на движењето, а патувањата се практично забранети или овозможени, освен за неопходниот транспорт на стоки.

Со осум нови случаи, бројот на заболени во Косово се искачи над 70 на денот кога во оваа соседна земја ѝ беше изгласана недоверба на владата. Коалицијата меѓу Самоопределување и Демократската лига на Косово (ЛДК) се очекуваше да биде лабава и кога се создаде, но се растури во мошне неповолен момент. Помалиот партнер, ЛДК, се здружи со опозицијата против премиерот Албин Курти.

Политичките превирања во Приштина траат повеќе од една недела, откако Курти на 18 март го разреши министерот за внатрешни работи Агим Велиу од ЛДК, во време кога полициите во сите земји наоколу се ангажираа за спроведување мерки против ширењето на Ковид-19.

Уште поважно министерство останува обезглавено во Романија, каде што министерот за здравство, Виктор Костаке, денеска поднесе оставка поради, како што рече „лични и професионални причини“. Премиерот на државата, Лудовик Орбан побарал од министерот да се повлече откако тој најавил дека планира да се тестира целото население на Букурешт, околу два милиони жители. Досега во Романија се извршени нешто над 14.000 тестови.

Разрешувања имаше и во Босна и во Црна Гора, но на кризните штабови и на координативните тела.

„Ги браните здравјето на нацијата и целата држава. Заборавете ги разликите, неволјата мора да нè обедини“, им рекол Милутин Симовиќ, член на црногорското координативно тело, на своите нови колеги.

Градот Тузи во оваа држава е целосно ставен под карантин.

Во Босна беше разрешен кризниот штаб во Федерацијата БиХ (еден од двата ентитети на државата), откако владата не беше задоволна како тој се справува со состојбата. Новиот штаб веднаш најави дека ќе потроши околу 3,5 милиони евра за медицински средства, меѓу кои и 170.000 тестови за корона вирусот.

Здравствената криза не ги потисна политичките проблеми во Косово | Фото: БИРН

Тестови ќе се набавуваат и во Косово, но 3.000, за 123.000 евра од британска компанија, или 41 евро по парче.

Бројот на заразени во Хрватска се искачи над 480, меѓу кои и двајца полицајци. Хрватската нафтена компанија ИНА, во меѓувреме, објави дека развила ново средство за дезинфекција, кое до крајот на неделата ќе биде во продажба на бензинските пумпи, а 720 литри ќе се донираат на институциите за цивилна заштита.

Во земјата постои загриженост околу мерките што ги најави Владата за измени во законот за електронски комуникации, што би им овозможил на властите да го следат движењето на граѓаните преку нивните мобилни телефони. Геолоцирањето во нормални услови се смета за нарушување на приватноста и за злоупотреба, па мерката наиде на критики од опозицијата и од други страни за тоа дали е неопходно толкаво нарушување на човековите права во борбата со вирусот.

Следењето телефонски броеви веќе се врши во Србија каде што тоа го откри токму претседателот Александар Вучиќ. Тој појасни дека се следи движењето на лицата со италијански броеви на територијата на земјата.

Насекаде во регионот се зголемуваат и грижите за тоа колку лоши ќе бидат економските ефекти од згаснувањето на поголемиот број бизнис-активности поради потребата да се ограничи движењето во борбата со вирусот.

Засега најчесто се носат итни решенија, како одлуката на албанската влада да одвои 13 милиони евра за да им исплати плати на околу 60.000 вработени во мали претпријатија или самовработени, како и да ја удвои социјалната помош за 70.000 приматели.

Малите бизниси најмногу страдаат насекаде. Романскиот доктор Сербан Дамјан, сопственик на нутриционистички центар, рекол дека морале да затворат за да ги заштитат вработените и клиентите.

„Но, сега немаме клиенти, а имаме многу сметки за плаќање“, рекол тој за БИРН.

Вонредната состојба во Романија е во сила од 16 март. Само продавниците за храна и аптеките смеат да работат. Досега, 37 отсто од компаниите ги намалиле активностите, а 23 проценти целосно затвориле. Околу 200.000 луѓе останале привремено без работа и се очекува оваа бројка да продолжи да расте.

Владата најавува мерки што би вределе околу два проценти од БДП, или околу четири милијарди евра, за да ја олесни ситуацијата, која се очекува и понатаму да се влошува.

Ситуацијата сè уште се влошува. Со двата нови смртни случаи во Србија, бројот на починати се искачи на шест (од 384 заболени).

Во Турција, пак, е забележан рекорден број на нови случаи за 24 часа, дури 561, со што бројката на заразени се искачи на 2.433, соопшти турскиот министер за здравство. Првиот случај во оваа земја беше регистриран на 11 март, подоцна отколку во другите држави на Балканот, но ширењето се одвива сè побрзо, а расте и смртноста.

Во меѓувреме, Романија и Црна Гора преземаат остри чекори против ширењето лажни вести поврзани со корона вирусот. Романското Министерство за внатрешни работи наредило да се отстрани напис на една интернет-страница, која објавила дека вирусот може да се уништи со лекот „полодин“. Прво го контактирале сопственикот, кој одбил да ја отстрани веста. Друг портал, пак, бил целосно затворен од властите поради постојано објавување дезинформации и ширење паника.

Овие мерки во Црна Гора предизвикаа загриженост дека се злоупотребуваат за властите да ја ограничат комуникацијата. Граѓанин бил уапсен откако на Фејсбук објавил дека власта го крие вистинскиот број на заболени. Црна Гора го привлече вниманието на регионалната јавност и со тоа што ги објави имињата на сите заразени.