Регион

Известувањето од војната во БиХ, ми го смени животот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„После некое време, сфатив дека можам да го напуштам опколениот град (Сараево), само ако умрам или ако војната заврши“.

Ова се зборовите на Шериф Тургут, една од ретките жени, воени репортери, од Турција, додека ни раскажува како се чувствувала како новинар, за време на војната во БиХ во 90-тите години.

Тургут, која денес има 54 години, во Сараево дошла на самиот почеток на војната, за да известува за воените настани, на период од две недели.

Но, таа останала сè додека војната не завршила во 1995 година, покривајќи го тригодишниот конфликт и за турските, и за меѓународните медиуми.

„Тоа беше толку голема траума; надвор од Босна, секогаш сакав да се вратам во Босна. По војната во БиХ, секогаш бев во воени зони“, вели Тургут.

Покрај војната во БиХ, таа известувала и за војните во Хрватска, Косово, Чеченија, Алжир, Западна Сахара и за војната во Ирак.

Пред да стане воен репортер, таа се обраyувала на Универзитетот Стенфорд во Соединетите Американски Држави, како добитник на стипендијата Knight Fellowship Journalism.

Потоа на универзитетот Џорџ Вашингтон магистрирала на меѓународна политика, и на Харвард се здобила со диплома за магистер по јавна управа.

Сепак, како новинар на теренот, таа завршила во воените зони, каде што била присутна и потоа, како службеник на ООН за јавни и медиумски работи – во Либерија, Кенија и во Сомалија.

„Многу од моите колеги го поминаа истото (искуство). По војната во БиХ, мал број од нас (новинари кои известуваа од БиХ) успеавме да се вратиме во нормален живот. Изгубивме многумина од нас, во други војни или поради болест, а некои сѐ уште се на теренot“, објаснува Тургут.

Шокирана од трагедиите што ги видела

Меморијалниот центар и гробиштата во Поточари (Сребреница), БИРН

„Некои едноставно не можат да работат ништо друго, поради нивната страст кон пишувањето и учењето на нови работи. Тоа ги водеше во нивните кариери“, вели Тургут и додава дека токму поради ова, и самата дошла во БиХ.

„Кога ги видов трагедиите во Босна, особено во логорот Омарска (што го водеа силите на босанските Срби), решив да дојдам во Босна на две недели, а потоа  останав таму до крајот на војната“, вели Тургут.

Таа се сеќава дека во една пригода, кога сакала да влезе во БиХ, единствениот начин тоа да го стори, била релацијата преку Загреб. Таа сакала да дојде во Сараево со авион, но не можела да си дозволи да купи билет.

„Прво отидов со автобус до Сплит, каде 90 проценти од луѓето беа хрватски војници. На почетокот, тие не сакаа да ме пуштат, но потоа ми дозволија да патувам и јас стоев во текот на целото патување, бидејќи немаше слободни места за седење“, вели таа.

„Подоцна, се сретнав со некои колеги и отидовме прво во Мостар, а подоцна во Сараево“, додава Тургут, објаснувајќи го своето комплицирано патување до Сараево.

Тургут првично известувала само за турскиот дневен весник „Милијет“, но кога решила да остане подолго, сфатила дека поради финансиите, ќе ѝ треба дополнителна работа.

„Благодарение на помошта на еден пријател, фриленсер, се договорив со некои европски медиумски куќи. За време на војната, известував за Дојче Веле, Радио Холандија, Би-Би-Си Турција и за Би-Би-Си Азербејџан. Бидејќи моите извештаи се слушаа и во Турција, подоцна започнав да работам и за турскиот телевизиски канал, АТВ“, објаснува Тургут.

Додека раскажува за времето поминато во Сараево, таа ги спомнува и одважните дела и храброста на некои од нејзините колеги.

„Имав колега од Шпанија, Мигел Гил Морено. Заедно одевме по фронтовите со неговиот мотор, возевме цик-цак за да не нè погодат снајперисти. Со својот стар автомобил, кој немаше прозорци, тој пренесе многу повредени лица во болница“, нагласува Тургут.

„Подоцна, тој замина во Косово и во Сиера Леоне. Тој беше убиен таму, заедно со уште еден мој колега, Курт Шорк, кој со години беше претставник на Ројтерс во Сараево. Неколку години подоцна, кога работев во Либерија, отидов во Сиера Леоне. Го најдов местото каде што беа убиени; остатоците од нивниот автомобил сè уште беа таму“, вели Тургут.

Таа ја опишува војната во БиХ како најужасна од сите војни и конфликти, што ги покривала за време на нејзината кариера.

„Кога ќе ја видите првата смрт, се шокирате, но подоцна, на места како воено Сараево, тоа станува нова нормалност“, додава таа.

И покрај тоа, Тургут сè уште ја прогонуваат некои трагични моменти, на кои им сведочела.

„Беше многу тешко да се најдат ковчези во воено Сараево. Кога еднаш бев во мртовечница, видов убиени деца и човекот што изработуваше ковчези ми пријде и ми рече дека нема дрво за да им направи ковчези. Тој крадеше училишни клупи за да им направи кофчези на децата, бидејќи кога веќе немаа живот, да имаат (барем) кофчези“, се сеќава таа на неговите зборови.

Друг момент што таа не може да го заборави, а на кој му сведочела, е периодот по масакрите извршени врз Бошњаците од Сребреница, во јули 1995 година, кога силите на босанските Срби убија повеќе од 8.000 мажи и момчиња, откако влегоа во опколената бошњачка енклава.

Да се ​​види освоениот град било ужасно, морничаво искуство.

„Не можевме да влеземе во Сребреница неколку недели (по нејзиното заземање), а кога влеговме, никого не сретнавме. Местата каде што беа држани затворениците (Бошњаци) беа целосно празни“, се сеќава таа.

„Но, кога го проверивме магацинот, сфативме што се случило. Секаде имаше крв, човечка кожа беше залепена по ѕидовите, а подот беше покриен со човечка коса и заби“, вели таа и кратко се стресува присетувајќи се на бруталноста.

Не е лесно да се биде жена – или да се биде Турчинка

Шериф Тургут во Приштина, за време на војната во Косово. Фотографија на Шериф Тургут.

Тургут, во текот на нејзината кариера, добила неколку херојски прекари. Ја нарекувале „ангел на војната“ поради нејзината хуманост. На пример, таа телефонски контактирала со бегалците од Косово во Турција, давајќи им информации за нивните најблиски кои останале во Косово.

Но, да се работи како жена репортер во војна, не било лесно. „Во воена средина во која доминираат мажи, во која егото на мажите кои имаат оружје е многу големо, како жена репортер треба да бидете многу силни; мора да пцуете подобро од нив, кога е потребно, работејќи во таква средина“, вели Тургут.

„Жените репортери честопати добиваат прекари во земјите каде доминираат мажите. Луѓето ме нарекуваа„ херој“ или „јадна девојка “, но јас не сум херој и не сум јадна девојка“, додава таа.

Познавањето и учењето на културата на една земја, за време на војна, како новинар, може да ви го спаси животот.

„Да се ​​работи како турски новинар на Балканот, исто беше тешко“, наласува таа.

„Ми вперуваа пиштол во глава и ме удрија со кундак од пушка, само затоа што сум Турчинка. Српските војници секогаш ми велеа „1389“ (годината кога се одиграла познатата битка меѓу Србија и Отоманската империја) кога барав вода или кога ќе речев ‘добро утро’“, раскажува Тургут.

Иако, бидејќи е жена и затоа што е Турчинка, се соочила со дискриминација, таа никогаш не се откажала.

„Конвојот се движеше кон опколениот град Горажде и според договорот со ООН, тој не требаше да биде запрен за време на патувањето. И на новинарите им беше дозволено да се придружат во конвојот и ние се пријавивме, но кога тргнавме да му се приклучиме на конвојот, француски полковник не ми го дозволи тоа. Кога прашав зошто, тој ми одговори оти е тоа поради историските спорови меѓу Турците и Србите“, нагласува Тургут.

Таа одбила да се повлече: „Се спротивставив и се пожалив. Кога видоа дека нема да ја прифатам одлуката, мајорот ме замоли да му се извинам на полковникот како услов да му се придружам на конвојот. Не му се извинив, туку напишав писмо до седиштето на ООН во Њујорк за оваа дискриминација. Подоцна, истиот мајор ме однесе во Горажде со уште неколку новинари, но на враќање тие повторно не ми дозволија да се приклучам на конвојот“.

Потоа, како што вели, напишала друго писмо и ООН потоа организирале оклопно возило, за да ја однесе во Сараево.

Тургут морала да направи принудна пауза, поради семејни и здравствени проблеми, кои, поради воените услови во кои работела, и биле уште повеќе влошени.

Но, денес таа е подготвена повторно да замине во друга воена зона. „Останав некое време во Турција поради болеста на мајка ми, а ниту моето здравје не беше добро. Но, закрепнувам и во меѓувреме завршувам неколку трудови и книги. Кога ќе се опоравам, планирам да одам во Јемен или во Судан“, истакнува таа.