Антологиски 20 продолженија за само една комисиска седница во парламентот. Заглавена е една точка – изборот на тројца уставни судии. Оваа комисија е најважната меѓу партиската делба во парламентот – своевиден пандан на социјалистичкото „кадрово“ одделение, кое одлучуваше кој ќе напредува во кариерата.
А таму една година се одвива вербален маратон на македонски начин, кој од седница во седница е сѐ порепетитивен и поздодевен, како да е изморен самиот од себе.
Во еден таков „перформанс на здодевноста“, власта на мускули (читај по закон) се обидува да си ги протне кандидатите за уставни судии, а опозицијата со контраобиди работи да го блокира изборот на секој можен начин (па, и со објаснувања дека на нивната пратеничка ѝ било ускратено правото на дискусија зашто говорела 10 часа, па морало да отиде до тоалет, па ѝ бил одземен зборот).
Овие филибастеринг-тактики и „скокање пред говорница“ на опозицијата не се невообичаени. Опозицијата оди дотаму што се повикува на парламентарна пракса што ја воспостави Талат Џафери, кој со читање стихови од Ацо Шопов го одложуваше донесувањето на Законот за бранители, па отворено кажуваат, кога можел Џафери да молчи со часови, зошто сега да не можеме ние да говориме со денови?!
Но, впечатокот е дека тоа повеќе е тактика. Опозицијата не е премногу вооружена со аргументи. За работата на Љубомир Јовески како шеф на Обвинителството повеќе говорат низ партиската диоптрија, односно за случаите отворени за опозицијата vis-a-vis „неотворените“ случаи за власта, на сметка на дебата за неговиот петгодишен „учинок“ во надзорот врз Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кој треба да се случува двапати годишно, или пак, за преседанот со суспензијата врз Вилма Русковска.
Зошто Македонија нема постојан претставник во седиштето на Европравда во Хаг? Зошто одделението за меѓународна соработка при Јавното обвинителство не побарало асистенција за ниту еден предмет на меѓународна соработка во кривичната материја?
Oва се конкретни прашања што произлегуваат од полугодишниот извештај за работата на Канцеларијата за врски на Македонија во Европравда, а се однесуваат на менаџирањето на институцијата од позицијата – главен обвинител. Извештајот од септември е на сајтот на Обвинителството, ама изгледа нема кој да го прочита.
Тривијализацијата на овие (многу често гротескни) собраниски епизоди одвреме-навреме доживува крешендо, но не во аргументациска, туку во естрадна смисла, и најчесто безживотно се влече со откажи-закажи седница, на која патем седат двајца без тројца пратеници.
На една таква сеанса неодамна помина дотогаш анонимната кандидатка Татјана Васиќ-Бозаџиева, која со кариера низ министерствата како државна советничка власта ја вивна меѓу истакнатите правници и доби „пас“ да помине во следната фаза за избор на уставен судија.
Тие што ја гледаа седницата, можеа да видат дека немаше кој од власта, ниту да ја одбрани Бозаџиева како предлог за уставен судија. Како да преовладува сеопшта незаинтересираност кај пратениците да говорат за една од најмоќните функции во државата, позиција што по години го надминува мандатот на претседателот на државата.
Можеби и не е така лоша идејата самите кандидати за уставни судии да се појавуваат на седниците кога се разговара за нив. Ако ништо друго, да можат лично да почувствуваат како е да бидат ставени под јавна лупа спроти прашањата на пратениците, па и самите да може да се одбранат.
Нешто слично како изборот на членовите на антикорупциската комисија. Впрочем правната фела добро знае низ какво „сито и решето“ во САД, на пример, поминуваат кандидатите за судии.
Загрижува тоа што членовите на парламентарното мнозинство кај нас не покажуваат дека се заинтересирани да чујат што имаат да им кажат нивните колеги од опозицијата. По некој инцидентно ќе се појави на комисијата за изборите и именувањата.
Тоа најгласно говори дека на власта ѝ е преку глава да чека една година да помине постапката во комисијата и да притиснат на копчето „за“, па топтан да ги изберат идните уставни судии. Како да им е вишок процедурата?
Но, настрана од партиските комбинаторики и тактики, она што е нејасно е зошто државниот обвинител, кој очигледно е последен камен на сопнување пред ставање на точката на пленарна седница, самиот не се повлече и не ја деблокира комисијата?
Станува збор за човек со сериозна правосудна кариера, бил судија и поранешен претседател на суд. Се прашувам што ли размислува кога на телевизија гледа како со недели опозицијата му го влечка името низ кал? Зар не би било природно да рече благодарам за довербата, имам доволно професионална кариера за да дозволам да ме тркалаат со недели низ разно-разни висококалорични партиски дискусии на една година пред да ми заврши мандатот?
Наспроти пасивноста на Јовески, судијката Антоанета Димовска од граѓанскиот суд самата им пиша на членовите на Судскиот совет дека смета дека има доволен судиски и интелектуален габарит за да биде предложена за уставен судија. Таа јавно кажа дека сестра ѝ е пратеничка од власта, но нивното сродство не смее да биде аргумент зошто таа да не биде избрана за уставна судијка.
Разликата меѓу неа и Јовески, е што таа јавно „се пријави“ за да биде уставен судија и е подготвена тоа да го брани, а државниот обвинител, освен капиџик муабети за „ветена позиција од поранешниот премиер“, кои имаат тежина токму како – капиџик муабети, остави неговото име да го брани партијата на власт. А како го бранат, не е ни чудно што не го одбраниле.
А додека сево ова трае, Уставен има полни раце работа, ама работи со петмина од девет, а наскоро со уште една судијка помалку.
За нецели три месеци ќе настане комплетна блокада. Точките за кои треба пошироко мнозинство се одлагаат, а сето тоа, пак, подразбира дека граѓаните и фирмите привремено го губат единствениот „државен шалтер“ за уставно-правна заштита.
Оттаму сосема е извесно, процедурата за избор на уставен судија во парламентот (иако не е приоритет) мора итно да се дорегулира. Тоа значи да се допрецизира постапката во дефинирањето на терминот „истакнат правник“, бидејќи со својата широчина дозволува да се именуваат правници, кои, како што велат твитерџиите, „се истакнале само во партијата“.
Можеби треба да се размисли и за јавна презентација на кандидатите, со нивните биографии и аргументи зошто сметаат дека би биле добар избор да добијат столче во единствениот суд што директно го штити Уставот.