Огњан Ненчев ги поминал последниве 15 години обидувајќи се да избега од Видин, провинција на северозападниот крај од Бугарија. Шест пати отишол во потрага по подобар живот и шест пати се вратил. Неговата одлука да се врати во најсиромашниот агол на најсиромашната земја во Европската унија била необична. Но, не и неговата желба да си замине. Постојаниот егзодус на работна сила довел до тоа населението во Видин речиси да се преполови во последните 35 години – од 162,000 во 1985 година на околу 85.000 во 2018 година.
Огњан заминал во потрага по работа во доцните четириесетти години, откако ја изгубил работата како ветеринарен инспектор во градот Видин, главниот град на провинцијата што го носи истото име. За разлика од милиони Бугари кои заминале во Западна Европа, тој потрагата по работа ја ограничил на својата земја. Понекогаш наоѓал работа како ветеринарен лекар, врз основа на неговата диплома. Понекогаш бил ангажиран како наставник по природни науки или инженер за греење врз основа на дополнителните квалификации. Се враќал во Видин секогаш кога ќе останел без работа, со истото чувство секој пат: ужас. „Беше како да се враќам во мојот гроб“, вели тој. „Ова е град кој умира“.
Видин е фатен во смртоносната спирала во која стагнирачката економија и демографскиот пад надвиснуваат една врз друга. Луѓето ја напуштале провинцијата во потрага по просперитет, а просперитетот ја избегнал покраината затоа што толку многу луѓе ја напуштиле. Иако сличната динамика се забележува во поголемиот дел од Источна Европа, нејзиното влијание во Видин е драматично. Населението во покраината опаднало со најбрза стапка во Бугарија, која сама по себе има најбрзо опаѓачка стапка на население во ЕУ, па дури и во светот. Видин може разумно да тврди дека е светска престолнина во однос на намалување на населението – нулта точка на демографскиот колапс.
Посебен во глобалниот контекст, Видин е сепак типичен за својот регион. По падот на комунизмот пред 30 години, земјите од Источна и Југоисточна Европа биле сведоци на вонреден феномен – постепено празнење на земјата. Според извештајот на Обединетите нации од 2019 година, во овој регион се наоѓаат девет од 10-те земји со најбрзо намалување на населението во светот.
Зад овие статистики стојат два големи тренда: емиграцијата кон запад и опаѓањето на стапката на раѓање. Милиони млади луѓе го напуштаат истокот на Европа заради побогатите економии во западниот дел. Во исто време, оние што останале зад себе имаат помалку деца отколку претходните генерации. Во комбинација, овие фактори придонесуваат за огромна стапка на намалување на популацијата што е типична за време на војни и пандемии.
Оваа приказна на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) истражува како Видин станал епицентарот на овој феномен и што тоа значи во рамките на Европа, која и самата се соочува со демографски притисоци. Но, не се намалува бројноста само на семејствата во Источна Европа. Низ Европската унија, стапката на плодност, или просечниот број на деца родени кај жени на репродуктивна возраст, опаѓа со децении. Генерално, Унијата успеала да ја избегне стапката на пад на населението што се забележува во Источна Европа, а тоа е во најголем дел резултат на тоа што во нејзините западни земји-членки се доселуваат емигранти кои доаѓаат не само од држави кои се наоѓаат надвор од нејзините граници, туку и од држави во рамки на нејзините граници.
Во Источна Европа, сепак, многу влади се отворено непријателски расположени кон миграцијата, особено од Азија, Африка и Блискиот исток. Лидерите од целиот регион рутински бараат построги гранични контроли и не сакаат да ги прифатат квотите за бегалци и мигранти препорачани од ЕУ. Сепак, стапката на демографски пад, исто така, ги присилува да донесат некои тешки избори.
Падот носи долгорочни економски трошоци. Со текот на времето, намалената работна сила станува непривлечна за инвеститорите и не може да ги субвенционира пензиските и здравствените потреби на населението што старее. Привлекувањето странски работници може да помогне за компензација на трошоците, и тоа многу подобро отколку другите мерки, како што се стимулации за зголемување на бројноста на семејствата или привлекувањето иселениците да се вратат назад. Полска и Литванија се само две од земјите што започнале да поттикнуваат многу специфична форма на миграција – од блиската Украина, земја надвор од ЕУ чија економија е ослабена по конфликтот со Русија. Државите од Југоисточна Европа, како Бугарија, допрва треба да усвојат слични политики, но стапката на демографски пад наскоро може да ги остави без избор.
„Потребен е масовен бран на миграција“, вели Георги Бурдаров, демограф на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во бугарската престолнина Софија, кој е советник во бугарската влада. „Ако земјата не може да се наполни со бугарско население, ќе дојде друго. Оваа територија ќе има подобра иднина“.
Космополитско минато
Видин е оддалечен на пет часа возење од Софија. Патот во должина од 240 километри минува низ Стара Планина, што е дел од патничкиот коридор што ја поврзува Централна Европа со грчкото пристаниште Солун. По планинските предели на трасата, автомобилите и камионите со приколки се движат по тесни ленти полни со дупки. Несреќите се чести и го блокираат сообраќајот во двете насоки. Многу влади по ред ветиле дека ќе го надградат патот, но досега ништо видливо не е сторено.
Во 1980-те години, патувањето помеѓу Видин и Софија траело само 35 минути. Градовите биле поврзани со патнички летови управувани од државната авиокомпанија. Билетите биле евтини. Постарите жители на Видин се сеќаваат дека го посетувале главниот град и кога немале друга цел освен да одат на шопинг.
Сепак, по падот на комунистичката држава услугата станала неодржлива, па летовите биле прекинати во 1992 година, а единствениот аеродром на Видин на крајот престанал да се користи. Денес, запуштената аеродромска контролна кула гледа кон пистата опколена со стари гуми и скршено стакло. Приказните од времето на авијацијата на Видин – како на пример, приказната за патникот кој качил кокошка во авионот, успивајќи ја со ракија – се прераскажуваат како народни умотворби.
Во градот Видин денес вегетацијата се спојува со цивилизацијата. Дрвјата и грмушките го омекнуваат пејзажот од бетонски станбени блокови од времето на комунизмот. Во пролет, мирисот на цветови од зелени лимони се шири низ празните улици. На главниот плоштад, на гигантскиот екран постојано се емитуваат видеа со пораки за јавно информирање, без оглед на времето од денот. Исто така, се забележуваат остатоци од некогашниот космополитизам. Во центарот на градот, улиците прекриени со лисја и разурнати куќи, некогаш биле дом на конзулатите од регионалните држави, како Русија, Австрија и Романија. Синагогата, покриена со плевел, некогаш била втора по големина во Бугарија.
Видин својот поранешен статус му го должи на географијата. Сместен на брегот на реката Дунав, со векови бил трговски центар, за чија превласт се бореле српски, унгарски и османлиски владетели. Под бугарската комунистичка влада, градот прераснал во индустриски центар. До 1980 година, во него се произведувале телефони за целата земја и две третини од потребите за гуми во земјата. На пепелниците што се продаваат како сувенири од градот е прикажана гума околу неговото најпознато обележје – средновековната тврдина Баба Вида. Ако некој денес треба да изгради тврдина во Видин, тоа би било за да ги задржи жителите внатре, а не за да се одбрани од надворешните напаѓачи.
„Проблемот со кокошката и јајцето“
Двајцата синови на Николај Цочев се приклучиле на западниот егзодус, и нашле работа во ИТ секторот во Шпанија. Во меѓувреме, 65-годишниот чувар, исто така, го напуштил градот Видин и се преселил во блиското село Ново Село, каде со неговата плата од 320 евра можел да живее подолго време.
Неговите синови понекогаш му помагаат финансиски. „Како можам да барам повеќе?“ изјави тој за БИРН. „Дали е нормално теле да ја храни кравата?“ Порано имал бизнис со хидроизолација, но дуќанот го затворил во 2010 година, бидејќи глобалната финансиска криза ја зафатила и Бугарија. „Луѓето немаа пари да ги реновираат своите домови“, вели тој.
Приходот по глава на жител во провинцијата Видин е 3640 евра, или половина од бугарскиот просек, велат податоците од Европската агенција за статистика, Евростат. Стапката на невработеност во покраината е 13,5 проценти – три пати повеќе од просекот на Бугарија. Бројките не можат да се третираат како строго точни, бидејќи не ја земаат предвид сивата економија, која е значителна. Многу луѓе работат без договори, а приходите дискретно се надополнети со готовински дознаки од странство.
Во градот Белоградчик, на 56 километри од градот Видин, невработените го поминуваат своето време во кафулињата. Градоначалникот Борис Николов вели дека невработените претпочитаат да преживуваат од дознаките од странство, наместо да работат. „Не можете да најдете четворица да држат мобилен штанд за кафе“, изјави тој за БИРН. Николов вели дека официјалните бројки за населението во неговиот град не се точни, бидејќи многумина без да се регистрираат заминале во странство. „Бевме 10.000 луѓе во 1991 година, сега сме 5.000 на хартија, а можеби и 3.000 во реалноста“, вели тој.
Напуштен од работоспособните лица, Видин станал дом на старите а, повремено и на малолетните лица. Некои од мигрантите ги оставиле зад себе „Скајп децата“, наречени така според најпознатата апликација преку која одржуваат контакт.
Децата обично им се доверени на бабите и дедовците, кои за тоа добиваат средства од дознаки. Во северозападниот дел на Бугарија, 44% – или скоро половина – од децата на возраст од 10-17 години имаат еден или двајца родители кои работат во странство, се вели во извештајот на агенцијата за деца на ООН, УНИЦЕФ. Во Бугарија како целина, просечната бројка е 23%, или едно на пет деца.
„Родителите заминуваат затоа што треба, не затоа што сакаат“, вели 18-годишната Кристин Валентинова. Матурантка во Видин, таа 13 години речиси и да не го видела нејзиниот татко, кој живее и работи на Кипар. Две години, додека нејзината мајка живеела со нејзиниот татко, Кристин ја воспитувала исклучиво нејзината баба. Сите 26 ученици кои матурирале во нејзиното средно училиште го напуштиле Видин. Таа минатата година, се преселила во Холандија за да студира бизнис.
Се надеваме дека големите планови за заживување на Видин допрва ќе станат реалност. Инаугурацијата во 2013 година на патниот мост преку Дунав, што го поврзува Видин со Калафат во Романија, го зголемил сообраќајот во покраината, но не создал многу работни места. Во 2017 година, националната власт започнала програма за вработување во износ од еден милион евра за северозападниот дел на Бугарија, со цел да ги охрабри работодавците да ги задржат локалните работници на работа најмалку една година. Според Радослав Георгиев, економист во истражувачкиот центар „Активно општество“ со седиште во Видин, 90 проценти од вработените биле отпуштени откако завршила програмата.
Несигурната економија на Видин и опаѓањето на населението го создале „проблемот со кокошката и јајцето“, вели Георги Стоев, основач на бугарскиот технолошки инкубатор. Тој вели дека работодавците се држат настрана од области како што е Видин, „тврдејќи дека нема соодветни луѓе за вработување, а младите заминуваат, велејќи дека нема соодветни работодавци“.
„Неповолни демографски движења“
Егзодусот на бугарските работници започнал во 90-те години на минатиот век, за време на превирањата по комунизмот и продолжил и во новиот век. На влезот на земјата во ЕУ во 2007 година му претходела загриженост дека миграцијата ќе се зголеми откако ќе се прошири слободата на движење за сите граѓани. Очекувајќи прилив, богатите економии на ЕУ – од Италија, Австрија и Германија до Холандија, Велика Британија и Ирска – вовеле привремени ограничувања за влез на работниците од Бугарија и Романија, кои се приклучиле на Унијата во 2007 година.
Последното од овие ограничувања истекло во 2014 година.
Гинтер Верхојген, комесар за проширување на ЕУ помеѓу 1999 и 2004 година, изјавил за БИРН дека бил загрижен од потенцијалното влијание што губењето на работници го имало врз романската и бугарската економија. За време на претпристапните разговори, вели тој, привремените ограничувања се сметале како средство не само за заштита на пазарот на трудот во Западна Европа, туку и за заштита на „развојот во земјите кандидати“. Сепак, креаторите на политиките не биле свесни за стапката на намалување на населението. „Со Бугарија и Романија, никој не можел да очекува дека депопулацијата ќе биде толку брза“, вели Верхоген.
Главниот преговарач на Бугарија во претпристапните разговори, поранешниот заменик министер за надворешни работи, Владимир Кисиов, за БИРН изјавил дека лидерите на ЕУ во целина биле „прагматични“ за проширување на слободата на движење, признавајќи дека со мерката ќе се намалел домашниот недостиг од работна сила. „Земјите на ЕУ кои немаа работници имаа корист од нашиот народ“, вели тој.
Секако, Романија и Бугарија се очекувало да имаат корист од пристапот во ЕУ, како што имале и другите во регионот по пристапувањето во Унијата. Во теорија, економските придобивки што дошле со членството можеле да помогнат во забавување на стапката на демографскиот пад, преку намалување на стимулациите за емиграција.
Животниот стандард навистина се подобрил по пристапувањето. Кога Бугарија се приклучила кон Европската унија во 2007 година, нејзиниот БДП по глава на жител бил 40% од просекот на 27-те земји членки на унијата. Во 2018 година, тоа било 50% од просекот во унијата која брои 28 члена. Стапката на невработеност е на историско најниско ниво.
Сепак, демографскиот пад, исто така, продолжил. Десетици илјади млади Бугари секоја година сè уште заминуваат за Западна Европа. Бројот на Бугари кои живеат и работат во странство двојно се зголемил откако нивната земја се приклучила на Унијата, велат податоците од Евростат. Дванаесет проценти од работната сила во земјата денес живее во други држави на ЕУ.
Сепак, емиграцијата не е единствениот фактор за падот. Стапката на наталитет во Бугарија, што е 1,5 раѓања по жена, е далеку под минимумот потребен за одржување на населението, дури и пред да се пресмета загубата од емиграција. Од 2000 година бројот на раѓања во провинцијата Видин, секоја година се намалува за две третини.
Бугарија нуди 65 недели породилно отсуство со цела плата, третиот најдолг платен додаток во ЕУ. Сепак, државата би можела да стори повеќе за родителството да стане атрактивна опција, вели Калојан Стајков, економист во софискиот Институтот за пазарна економија. „Дарежливите услови звучат убаво на почетокот“, вели тој за БИРН, но поддршката за семејствата со ниски приходи е многу мала откако мајките ќе се вратат на работа.
Додека економските придобивки за Бугарија по влезот во ЕУ не го спречиле демографскиот пад, тој пад најверојатно ги спречил придобивките од влезот. Според регионалното истражување на Меѓународниот монетарен фонд, ММФ, предвидениот БДП по глава на жител на централна, Источна и Југоисточна Европа може да се искачи на 74 проценти од западноевропскиот просек до 2050 година – голем пораст од сегашното ниво, кое е 52%. Сепак, откако го зел предвид падот на населението, ММФ го ревидирал предвидениот БДП по глава на жител на регионот за истиот период на не повеќе од 60% од просекот на Западна Европа. Според зборовите на истражувањето, „неповолните демографски движења“ ја успориле стапката на „приближување на приходите“.
„Калашников в рака“
На другиот крај од Источна Европа, според последните проекции на ООН, се очекува дека балтичката држава Литванија ќе ја достигне стапката на намалување на населението како во Бугарија до 2050 година. Од 1990 година, земјата загубила 883.000 луѓе, или скоро една четвртина од нејзиното население, претежно заради емиграцијата во ЕУ.
Како и насекаде во регионот, демографијата станала главно политичко прашање, иако не го поттикнала нативистичкиот популизам што е забележлив во Полска и Унгарија. Литванската влада е предводена од Унијата на земјоделците и зелените, нова партија која била избрана со ветување дека ќе ја подобри социјалната помош и ќе ја спречи емиграцијата во ЕУ.
Покрај политиките насочени кон поттикнување на иселениците да се вратат во земјата, партијата вовела и субвенции за купување на куќи во руралните области, за да ги натера литванските граѓани да ги населат испразнетите предели. „Десет нови семејства во мала област може да значат десет нови бизниси“, вели за БИРН заменик-претседателот на партијата, Томаш Томилиас. Сепак, тој додава дека влијанието на субвенцијата во голема мерка било „симболично“.
Соочена со хроничен недостиг на работна сила, пред три години литванската влада исто така започнала да ги ублажува ограничувањата за странските работници. Земјата сега е официјално дом на рекорден број од 58.000 странци, а се верува дека дополнително десетици илјади лица работат во сивата економија. Повеќето се од Украина, а помал број од Белорусија и Русија. Тие се вработени во секторот транспорт и градежништво, каде платите се ужасно ниски.
„Украинците кои доаѓаат во Литванија се жртви на нивното непознавање на законот“, вели Володимир Курило, украински мигрант, кој води смена во градежна фирма во Вилнус. И покрај тоа што е задоволен што заработува повисока плата отколку што би добил дома, тој исто така размислувал да го пресели семејството во Германија, за уште подобра плата.
Томилиас признава дека приливот на работници од странство и помогнал на економијата, но смета дека треба да се биде претпазлив. Олеснувањето на имиграциските ограничувања, вели тој, е како „изложба на чоколади, алкохол и цигари во продавниците“ – примамливо и брзо решение за проблемот со демографскиот пад.
Сепак, нема многу индикации дека Бугарија ќе се обиде да ги намами работниците мигранти на сличен начин или обем како Литванија. Непријателството кон неевропските новодојденци, особено, порасна за време на неодамнешната миграциска криза, кога илјадници луѓе кои бегаа од војната и сиромаштијата од Блискиот исток и Јужна Азија поминале низ Бугарија на патот кон западна Европа.
„Ако дојдат мигранти, јас ќе земам калашников в рака“, вели Николај Цочев, поранешниот бизнисмен на хидроизолација. „И да не беа муслимани, ние пак ќе бевме во полоша ситуација. Дури и еден Украинец би работел тука за пониска плата“.
Ветеринарот Огњан Ненчев, не гледа со толкаво негодување на оваа можност. „Не би било лошо да се дозволи влез за емигрантите“, вели тој. „Некои може да речат дека емигрантите ги намалуваат платите на граѓаните на Видин. Но, каде се овие локални граѓани за кои зборуваат?“
Додека е во потрага по следната работа заради која ќе замине од Видин, Огњан се сеќава на една прилика кога и тој бил во искушение да замине во странство, со понуда за работа и евтини сместувачки капацитети во Германија. Тој стасал само до автобуската станица, од каде што бил вратен затоа што се обидел да се качи во автобусот со својата миленичка мачка. „Како можев да ја оставам зад себе?“ се сеќава тој. И така тој останал во Видин, каде неговата фрустрација е толку голема колку што е и приврзаноста кон мачката.
Од Ангел Петров Видин и Вилнус