Регион

„Ова беше реалноста“: Изложба за губењето на слободата во војната во БиХ

Познатиот американски фотограф, Рон Хавив, се врати во Босна и Херцеговина со изложба посветена на воените затвореници.

Дваесет и пет години по завршувањето на војната, во БиХ, овој месец, е поставена изложба на американскиот фотограф, Рон Хавив, за која авторот се надева дека ќе придонесе за информирање на новите генерации, за настаните што се случија на крајот од 20 век и за обидите да се „прекрои историјата“.

„Слобода“, е називот на изложбата за воените затвореници, со која 55-годишниот Хавив, автор на некои од највознемирувачките и најпознати фотографии создадени за време на војната во БиХ (1992-1995), повторно се врати во оваа земја.

Изложбата е поставена во градот Приедор, во чиј регион, за време на војната, беа лоцирани некои од најозлогласените логори што ги управуваа босанските Срби. Таа опфаќа фотографии на затвореници „од сите страни“, без оглед на нивната националност, вели Хавив за БИРН.

Според овој фотограф, кој воедно е и коосновач на фотографската Академија VII, важно е, младите луѓе во БиХ, да се потсетат на она низ што поминале нивните родители, на и на тоа колку, ускратувањето на слободата, може да биде брутално.

„Зборот слобода, името слобода, на некој начин е инкорпориран во американското тежнеење по животот, по слободата, тежнеењето по среќата“, нагласува тој.

„Како Американец, вие растете со таа идеја; честопати не сфаќате дека во светот постојат луѓе на кои им е одземена слободата, движењето, контролата врз сопствените животи“.

Говорејќи, како што вели, за сегашните напори за „прекројување на историјата“, Хавив нагласува: „Мислам дека фотографиите што ги направив, ги потсетија луѓето дека тоа е реалноста, дека не е лага. Ова е она што се случи, ние го прифаќаме тоа, ја преземаме одговорноста и продолжуваме заедно напред“.

Сепак, „никој (во БиХ) се чини дека не оди напред“, додава тој, алудирајќи на драматичната стапка на иселување од земјата.

„Ако сте млада личност што оди напред, тогаш најверојатно си заминувате од Босна. Тоа не е начинот на кој сакате некој да оди напред“, потенцира тој.

Фотографиите се „дел од дијалогот

 

Фото: Рон Хавив/Крв и мед/VII.

Покривајќи ја војната во БиХ уште од самиот почеток, Хавив, преку своите фотографии, стана еден од најголемите воени фотографи на својата генерација, а неговите фотографии од етничкото чистење и убиствата извршени од српските паравоени сили во градот Биелина, беа користени и како докази пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг.

„Тие живееја свој живот“, вели Хавив за фотографиите што ги направил во БиХ.

Осврнувајќи се на фотографиите на кои тој ја забележал повторната средба на српските воени затвореници со нивните семејства, Хавив потенцира: „Болката на лицата на членовите на семејството, додека ги чекаат оние за кои се надеваат дека ќе бидат во возилата, е универзално чувство“.

„Ова не е нешто што можат да го почувствуваат само Србите, или Бошњаците, или Хрватите. Тоа се човечки чувства што би ги чувствувал секој кој и самиот е затвореник или некој од неговото семејство е затвореник“, потенцира тој.

Денес, фотографиите се користат како едукативна алатка или како алатка за помирување.

„Значи, имате фотографии кои станаа дел од денешните активности за помирување и мислам дека тоа е успешно, но не до степен кога фотографијата може да промени сè, туку кога може да биде дел од дијалогот“, истакнува Хавив.

„И ова е најмногу на што можам да се надевам, дека моите фотографии можат да бидат дел од дијалогот што помага“, вели Хавив.

Врските со БиХ

Рон Хавив. Фото: БИРН

Врските на Хавив со БиХ и натаму се силни. Делумно се одржуваат низ кампусот што го отвори неговата Академија VII во Сараево, која промовира висококвалитетно визуелно новинарство.

Како што нè информираше, тој во моментов работи на филмот, Биографија на фотографијата, кој зборува за моќта на сликата.

„Ние ги следиме воените злосторства во Биелина, каде следиме семејство, ќерка на жена која беше убиена и таа ќерка се обидува да обвини членови на ‘Тигрите’ (српска парамилитарна група), врз основа на фотографии, и тука ја имаме поврзаноста на фотографиите и поврзаноста на семејството“, вели Хавив.

„Фотографирав и жена во Тузла во 1995 година, која ја преживеа Сребреница, а потоа повторно ја сретнав 20 години подоцна, па интересно беше да разговараме со неа и да видиме како се сменил нејзиниот живот откако таа преживеа, а нејзиниот сопруг и син беа убиен во Сребреница“, додава тој.

Изложбата на Хавив ќе биде отворена во Приједор до 25 февруари, по што ќе биде изложена во бројни други градови низ БиХ.

Организатори на изложбата се Фондацијата за изградба на културата на сеќавањето Приедор, Форумот на цивилна мировна служба (Форум ЗФД) Сараево и Центарот за млади КВАРТ од Приедор.

Воен затвореник во логорот Трнопоље, БиХ, во август 1992 година. Фото: Рон Хавив/Крв и мед/VII