Регион

Започна судење на поранешен припадник на ВРС, за злосторства во Приедор

Зградата на Судот и на Обвинителството на БиХ. Фото: БИРН

На Кајдиќ, поранешен припадник на моторизираната приедорска бригада на Војската на Република Српска (ВРС), му се суди за злосторства против човештвото.

Тој е обвинет дека во јули 1992 година, во Горња Пухарска, ги лишил од слобода лицата Муниб и Јусуф Делкиќ, ставајќи ги во моторно возило, по што им се губи секоја трага. Тие и денес се водат како исчезнати лица.

Тој е обвинет и за учество во убиство на уште двајца цивили од Горња Пухарска, кои биле одведени на локалитетот Јордан нива и убиени.

„Обвинетиот се товари дека заедно со Бошко Модриниќ, во јули 1992 година, во местото Горња Пухарска, ја изнел Фадила Куртовиќ и нејзините синови од нивната куќа, по што ги удирале по сите делови од телото“, се наведува во обвинението.

Обвинителот, Седин Идризовиќ, нагласи дека обвинетиот, во периодот од јули до август 1992 година, со неколку војници, влегол во куќата на Мирсад и Хајра Гроздановиќ, при што му наредил на Мирсад да излезе, а тој му ги зел парите.

Во истиот период, како што изјави Идризовиќ, обвинетиот му нанел телесни повреди на Салих Кејдиќ, удирајќи го со рацете и нозете.

Во своите воведни зборови, обвинителот Идризовиќ изјави дека во текот на постапката, ќе ги докаже сите елементи на кривичното дело, злосторство против човештвото, за кое обвинетиот се товари.

„Ќe биде сослушан 41 сведок, медицински вештак, ќе се прочитаат записниците од сослушувањето на сведоците и ќе бидат презентирани 52 материјални докази“, додаде Идризовиќ, истакнувајќи дека значителен број од сведоците, се наоѓаат во странство.

Одбраната не ги презентираше своите воведни зборови и нагласи оти тоа ќе го стори откако Обвинителството ќе ги презентира своите докази.

Првите сведоци ќе бидат сослушани на 18 март.

Кајдиќ, кој е роден во 1969 година, беше уапсен во декември минатата година.