Во дворот на објектот што личи на стар студентски дом, дваесетина Непалци одмораат по напорниот, речиси десетчасовен работен ден на едно од скопските градилишта. Сонцето полека ја губи силата, па седењето надвор е многу попријатно, отколку жешкиот воздух во собите каде изминатите два месеца живеат овие луѓе.
Дојдени се на печалба во земја, за која низ смеа потврдуваат дека не знаеле ни каде се наоѓа, се додека не нашле работа тука. Процесот бил скап, ама се надеваат дека ќе им се исплати, бидејќи платата во една од најсиромашните европски држави, сепак е неколкупати поголема од таа во нивната земја.
„Ќе видиме, се уште не сме земале (прва) плата“, коментира еден од работниците, младич во своите 20-ти години, кој се обидува со нас да комуницира на англиски јазик.
Јазичната бариера е присутна, но луѓето, иако малку недоверливи, сепак се пријателски расположени, па успеваме да се разбереме. Особено кога ги прашуваме како им се допаѓа македонската храна.
Не сме навикнати на толку многу леб, велат работниците, објаснувајќи ни дека ним дома оризот им е основната намирница.
Полека се навикнуваат, исто како што и нивните македонски колеги се навикнуваат на нив. Сите се на возраст меѓу 20 и 40 години и повеќето работеле во странство, во земјите на Блискиот Исток, кои се на лош глас кога се работи за почитување на работничките права или експлоатација на вработените. Посебно кога тие доаѓаат од сиромашните земји, како Непал. Можеби и затоа нашите соговорници не се жалат на работата тука, иако на пример, одмор имаат само во недела.
На почетокот групата била поголема, но 11 лица си заминале непосредно по доаѓањето. Едноставно едно утро, не се појавиле на работа. За тоа каде отишле, нивните сега веќе поранешни колеги прво само вртат со глава, но потоа откриваат дека веројатно се упатиле кон Грција или Германија.
Работодавачите случајот го пријавиле во полиција. И не е прв таков во земјава.
Само во последните четири месеци, на македонските бизнисмени им „побегнале“ најмалку триесетина работници од Непал, покажуваат полициските билтени. Првиот пријавен случај е во април во Прилеп, кога им се губи трагот на четири работнички од текстилна фабрика. Во следните неколку месеци, до полицијата стигнале уште десетина слични пријави, меѓу кои и од скопската градежна компанија.
Најмалку две пријави има и од Охрид. Локалци за БИРН раскажуваат за случај каде познат угостител договорил работа и платил сместување за неколкумина странски работници, но ним им се изгубила трагата откако стапнале на македонско тло. Сите биле од Непал, јужноазиската држава која годинава влезе во топ три земји од каде во Македонија се носат странски работници. Пред неа се само Турција и Бангладеш.
Само во првите шест месеци, Агенцијата за вработување дала скоро 750 дозволи за работници од Непал. Колку за илустрација, лани дозвола за работа добиле 183 Непалци, а преклани само 15.
Во истиот период пак, од МВР издале документи за привремен престој поради работа на само 238 Непалци, меѓу кои веројатно се и триесетината кои од работодавачите беа пријавени за „исчезнати“, бидејќи овие документи се неопходни за еден странец да започне да работи во земјава.
Кога бројките од МВР ќе се вкрстат со тие од Агенцијата за вработување, се доаѓа до заклучок дека уште неколку стотини Непалци допрва ќе почнат со работа во земјава, откако по добиената дозвола од АВРМ, ќе го добијат и документот за привремен престој од полицијата.
Според статистиката на МВР, во првите шест месеци во земјава влегле 259 Непалци, а ја напуштиле 159.
Со просечен месечен приход по домаќинство, кој според официјалната статистика стигнува до кај 300 евра, Непал и соседните држави се чинеа како места од каде ќе може да се надополни недостигот на евтина работна сила за македонските бизниси.
Се додека не почна да ги снемува и овие работници.
Македонија како порта за мигранти
„Ги наоѓаат на социјални мрежи и ги лажат“, вели за БИРН, посредник кој за својот бизнис, но и за неколкумина „свои пријатели“, донел повеќе работници од Непал во земјава.
Дел од нив се најдоа во полициските билтени. Ги пријавувале работодавачите кои им се гарантори за визата, откако не дошле на работа.
Посредникот уверува дека имале добри работни услови, но не дозволува да разговараме со оние кои работат кај него.
„Се плашат“, дециден е во својот одговор.
Тој тврди дека тие што заминале, тоа го направиле илегално, бидејќи пасошите им останале во Македонија.
Но дури и со пасош, на луѓето од Непал им е потребна виза за европските земји, па ако сакаат легално да отпатуваат од Македонија, им останува само да се вратат кон родната земја. Тоа може да биде проблем, затоа што доаѓањето за работа на Балканот носи високи трошоци за самите работници. Тоа често значи и позајмици кои мора да се вратат, па така стануваат лесна мета на измамници и Македонија ја користат како прва и попатна станица за влегување во ЕУ.
Има различни сведоштва. Еден непалски мигрант кој откако потрошил илјадници долари за да стигне во земјава, нашол посредници што за уште 7000 евра му „гарантирале“ премин во Грција. Патувањето не било лесно. Му биле потребни шест дена за да ја мине границата, го ограбиле, ама конечно стапнал на грчко тло. Ова искуство, на својот Јутјуб канал, го раскажува негов сонародник и колега, кој редовно споделува видеа со искуства за Непалците во Европа.
Во видеото, во кое е сниман како зборува додека заедно со колегата кој дошол од Македонија пеш се движат на жешкото грчко сонце, советува други Непалци да не го прават истото. Вели дека е скапо, не се прифатени добро, а работата на нива со јагоди е неисплатлива. Идејата им е да заминат за Португалија, но се плашат бидејќи немаат документи.
И Непалците во земјава се активни на социјалните мрежи, па често споделуваат фотографии од животот тука. Веќе имаат и групи, во кои си делат совети, од тоа како да најдат зачини во Струмица, па се до предупредувања за посредници – измамници.
Во полициските билтени пак, иако штури, сепак има доволно индиции за насоките на нивното движење, кои водат кон југот, на грчката граница.
Во првите шест месеци, во повеќе акции, македонската полиција спречила илегален влез на триесетина Непалци во Грција, што покажува дека на многумина целта им е да влезат во оваа земја. Билтените бележат само еден случај во истиот период кога имало приведувања на северната граница, кон Србија. Уапсени биле двајца Пакистанци што со струмичко возило илегално пренесувале шестмина Непалци.
Кога ќе бидат приведени при обид за нелегален излез од земјава, Непалците обично се изведуваат пред суд, и од нив се бара да ја напуштат државата. Како во мај годинава, кога полицијата затекна 11 Непалци во обид за илегален премин на границата кон Грција.
„Истиот ден од судот во Гевгелија им се дадени решенија за напуштање на територијата на државата, но поради немање финансиски средства за превоз, лицата се спроведени до ГП Табановце со службено возило на МВР на РСМ од каде оствариле влез во Србија“, појаснуваат од МВР за БИРН.
Земјите во регионот од поодамна ја препознаа потребата од носење поевтина работна сила од јужноазиските земји, па во многу од нив Непалците се веќе одомаќинети. Но тоа од друга страна, донесе нови грижи околу нелегалната миграција, со која се ставаат во ризик нивните животи.
Пред две недели грчката полиција соопшти дека разбила криминална група која шверцувала непалски мигранти во грчкото село за да вршат земјоделска работа, а потоа ги експлоатирала. Непалците биле донесени од Романија, а „шверцерите“ биле мешана група на државјани од Грција, Непал, Пакистан и Бангладеш.
Многу пари за работа во една од најсиромашните европски држави
Ангажирањето странски работници не им е омилена тема за разговор на македонските работодавачи. Ако пак овие работници им заминале, тогаш воопшто не сакаат да зборуваат за тоа, посебно не со новинари.
„Ќе ви се јавам“, е најчестиот одговор пред да го прекинат разговорот. Две недели подоцна, молк.
И од агенциите кои посредуваат се доста молчаливи, а згора на се, при носењето работници од јужноазиските земји, често посредуваат лица без лиценци за оваа работа.
Самиот процес е многу скап, а со тоа често и неисплатлив. Околу 1000 евра за пат, стотици евра за документи, долг пат до најблиската амбасада по виза, процент за агенцијата… И на сето тоа, работникот може да биде одбиен, па парите да останат фрлени во ветер.
Другиот, понов проблем пак, е и тоа дека дури и сите процедури да завршат успешно, работникот може да го остави работодавачот на цедило, кратко по пристигнувањето во Македонија.
Или, како што забележува Зоран Кочовски, кој долги години раководи со агенцијата за посредување при вработувањето „Коузон“, сето ова води кон заклучок дека носењето на овие луѓе во Македонија „било оркестрирано и со единствена цел, заминување кон Европа“.
„Знаејќи колку стихијно се прави целиот процес, кои се луѓе од „улица“ се нудат да најдат работници т.е се презентираат себе си како посредници, и колку се наивни нашите работодавци прифаќајќи бесплатна услуга за вработување странци, не можеме да не искажеме загриженост за иднината на целиот процес. Опасноста Европа да ни стави сериозни забрани за “увоз на работна сила“ е повеќе од присутна“, забележува Кочовски.
Иако е вообичаено трошоците за носење работник од странство да паднат на грбот на идните работодавачи, искуствата на соговорниците на БИРН укажуваат на различни пракси, особено кога се вклучени посредници. Непалците со кои разговаравме во Македонија, велат дека и за нив ова е скап и тежок процес.
Расте интересот за македонски визи
Откако пред некоја година стана јасно дека земјава нема доволно работници поради иселувањето, бизнисмените го вклучија алармот. На нивните укажувања дека веќе нема кој да работи во фабриките, државата единствено направи корекција на квотата за странски вработувања, од 5.000 на 7.000 годишно.
Паралелно со тоа се засилија обидите за привлекување работници од азиските земји. Последниве месеци, во македонската амбасада во Њу Делхи врие како во кошница, брифираат дипломатски извори за БИРН. Напливот на нови барања за визи започнал со самиот старт на годинава.
Оваа амбасада е единствено место за целиот јужноазиски регион, каде мора лично да се аплицира за македонската виза, па затоа посетители не се само жителите на Индија, туку и за оние од Непал, Пакистан, Бангладеш, Филипини, Шри Ланка…
Пат кој може да трае со денови, или поконкретно, најмалку 20 часа во еден правец, ако некој тргне од Катманду, главниот град на Непал. Со авион навистина е побрзо, но прескапо за сиромашните Непалци кога треба да бараат работа во далечна европска држава.
Затоа и влогот за доаѓање на овие луѓе во земјава е голем, а со тоа и очекувањата од Македонија. Непалците со кои разговаравме се навистина скромни, и уверуваат дека тука „не е лошо“. Велат дека илегалната миграција не им е опција, а планот е да останат две години, колку што е предвидено во нивните договори за работа.