Регион

Капетан Драган доби 15 години затвор за воени злосторства

Поранешниот српски паравоен командант, Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган, е прогласен за виновен за воени злосторства во Хрватска и е осуден на 15 години затвор.

Свен Милекиќ, Сплит

Окружниот суд во Сплит го осуди Драган Васиљковиќ за воени злосторства извршени над притворени хрватски војници, полицајци и цивили, додека бил водач на бунтовничките српски борци во Хрватска.

Васиљковиќ (62), кој е државјанин и на Австралија и на Србија, беше прогласен за виновен за злосторства извршени на тврдината во Книн, во јуни и јули 1991 година, каде што биле малтретирани хрватски војници и полицајци, како и за време на нападот врз полициската станица во Глина и околните села, во јули 1991 година, во кој биле убиени еден цивил и еден новинар.

Случајот го водеше судијата Дамир Ромац кој рече дека судот утврдил оти стражарите на тврдината Книн му биле „подредени на Васиљковиќ” и затоа можел да ги спречи да ги тепаат и психички да ги малтретираат притворените хрватски полицајци и војници.

„Иако видел дека неговите подредени постапуваат спротивно на законот, дека ги тепаат и клоцаат затворениците, но и дека ги удираат со пушки … не го спречил ова, ниту пак реагирал по ова прашање”, рече Ромац.

Судијата истакна дека во текот на еден инцидент, Васиљковиќ дури и клоцнал еден затвореник, велејќи: “Дозволете ми да ви покажам како се прави тоа”.

Според Ромац, судот утврдил дека Васиљковиќ “лично издавал наредби” за време на нападот на полициска станица во Глина и околните села, иако во куќите се криеле хрватски цивили.

„Тој наредил да се отвори оган од сите расположливи оружја … наредил напад на објекти од културно значење и на цивилни цели, што завршило со воено злосторство над цивилното население, и двајца убиени цивили”, додаде Ромац.

Адвокатот на Васиљковиќ, Томислав Филаковиќ, најави жалба, истакнувајќи дека Васиљковиќ е „изненаден од исходот на судењето”.

Васиљковиќ во Австралија заминал на 14-годишна возраст, а во Југославија се вратил пред почетокот на конфликтот на деведесеттите години, кога властите во Белград во 1991 година го испратиле во Хрватска, да биде командант на центарот за обука на специјалната паравоена единица на Србија.

На судењето, тој негираше дека сторил воени злосторства и по сите точки од обвинението, се изјасни за невин.

Во своите завршни зборови, тој го окарактеризира судењето како политички мотивирано и “опресивно фашистичко прогонство”.

Васиљковиќ доби 15 години затвор, во кои судот го пресмета и времето што тој го поминал во екстрадицискиот притвор во Австралија, како и во хрватскиот истражен притвор – речиси 11 години.

Според хрватскиот закон, сите осудени лица можат да бараат ослободување по истекот на две третини од казната, што значи дека Васиљковиќ наскоро би можел да биде ослободен.

Хрватскиот бранител, Иван Турудиќ, претседател на координацијата на затвореници во српските концентрациони логори, оцени дека казната е премногу блага.

„Разочарувачки е да се слушне дека Капетан Драган, Васиљковиќ, не доби повеќе години, од бројот на пријатели кои сум ги погребал, за чија судбина тој одлучуваше”, рече Турудиќ.

Додаде оти се надева дека Врховниот суд на крајот ќе му наметне максимална казна на Васиљковиќ – која во Хрватска е 20 години затвор за воени злосторства – бидејќи „знае колку многу докази имало против него”, додека го следел судењето пред судот во Сплит.