Регион

Капетан Драган: Ова судење е „фашистичко прогонство”

Поранешниот српски паравоен водач, Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган, во своето завршно обраќање на судскиот процес кој се води против него, изјави дека судењето е всушност „опресивен фашистички прогон”.

Драган Васиљковиќ, пред Окружниот суд во Сплит. Фото: Бетафото; Хина; Марио Стромотиќ; ДС

Драган Васиљковиќ, кому во Сплит му се суди за воени злосторства, пред судот во четвртокот, во своето завршно обраќање, изјави дека е невин и дека неговото судење е политички мотивирано, пишува весникот „The Australian“.

„Ова е опресивен фашистички прогон”, изјави Васиљковиќ пред судот, пишува весникот.

Васиљковиќ, австралиски државјанин со српско потекло, на Балканот познат како Капетан Драган, е обвинет за воени злосторства над цивили и воени затвореници, кој ги извршил како командант на Единицата за специјални операции, а кој во Хрватска бил испратен за да им помогне на српските паравоени сили, за време на вооружениот бунт од 1991 до 1995 година.

Истакна дека е невин по сите три точки од обвинението, вклучувајќи го и обвинението за убиство на неидентификуван цивил во Брушка.

„Ова се глупави тврдења на луѓе кои никогаш не сум ги видел во мојот живот”, рекол Васиљковиќ, пишува „The Australian“.

„Тие ме обвинија за убиство на човек што не постои. Еден од сведоците, кој ја повлече својата изјава, сведочеше дека јас никогаш не сум бил одговорен во Брушка, а на крајот на сведоштвото, кога ме виде во судот, сведокот ме праша: „Кој си ти?”, додаде тој.

Капетан Драган, е обвинет за тортура, злоупотреба и убиство на заробени хрватски војници и полицајци, во јуни и јули 1991 година, на тврдината Книн и во Брушка во февруари 1993 година.

Обвинет е за организирање и водење на напади на хрватски села, како и на полициската станица во Глина, напади во кои загинаа две лица.

Според обвинението, тој бил командант на Наставниот центар за обука на специјалните единици „Алфа“.

Васиљковиќ на првата расправа во септември се изјасни за невин.

Тој беше депортиран во Хрватска од Австралија, каде што со години живееше под името Даниел Снеден и каде работел како инструктор по голф.

Во Австралија, додека се бореше против екстрадицијата, помина девет години во притвор.