Христијан Мицкоски, Александар Михајловски од „реформаторите“ на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски и Илија Димовски се дел од можните кандидати кои би биле предложени како наследници на Никола Груевски на Конгресот што ќе се одржи на 23 декември, дознава БИРН од извори во партијата.
Меѓу членството владее поделеност за тоа кој треба да биде иден лидер на партијата што 11 години ја водеше државата. Од една страна, Груевски, заедно со Влатко Ѓорчев и Александар Николоски кои важат за лица кои цврсто се држат до каузите на лидерот, навиваат Мицкоски да го преземе претседателското место. Мицкоски и вчера, на протестите, можеше да се види рамо до рамо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски.
Од 2003 па наваму не се случило во партијата, која важеше за крајно затворена за јавноста, посебно кога се работеше за внатрешни кадровски промени, да има различни позиции и мислења во однос на тоа кој би бил евентуален лидер бидејќи секогаш оваа позиција, без дилема, била наменета за Груевски. Во исто време, од 2008 не е назначен потпретседател откако од тоа место е сменет Трајко Славески.
„По 27 април работите видно се сменија“, сведочи за БИРН висок член од партијата.
Внатрепартиските поделби станаа евидентни и на последните протести што ги организира ВМРО – ДПМНЕ, откако со притвори и обвиненија се соочија високи претставници од партијата, вклучително и пратеници. На протестите не присуствуваат сите членови на високи функционери, туку единствено оние кои се уште важат за блиски до поранешниот премиер како што се Мицкоски, Ѓорчев, Николоски, Антонио Милошоски.
Во последниве неколку месеци голем број високи претставници од партијата отворено го соопштувале незадоволството од владеењето на Груевски, а дел од нив и лично му го соопштиле тоа.
На вчерашниот Извршен комитет, кој се одржа веднаш по завршувањето на протестите пред Министерството за правда, според изворите на БИРН, Груевски уште еднаш, како што тоа претходно го стори во интервју за „Курир“, повторил дека ќе даде неотповиклива оставка, па оттаму очекувањата се дека на вонредниот Конгрес ќе се избира нов лидер.
„Ниту еден од членовите на Извршниот комитет не се противеше, ниту пак кажа нешто во однос на оставката. Единствено Влатко Ѓорчев праша зошто и рече дека навистина му е жал“, велат нашите извори.
Во последниве неколку месеци голем број високи претставници од партијата отворено го соопштувале незадоволството од владеењето на Груевски, а дел од нив и лично му го соопштиле тоа. Во јуни годинава, пак, неколку актуелни и поранешни членови на ВМРО-ДПМНЕ објавија дека формирале Републички штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ кој има за цел да ја демократизира партијата. Во име на „реформаторите“ се обраќаше Александар Михајловски, адвокат и долгогодишен член на партијата чие име сега се споменува како еден од можните кандидати кој ќе влезе во трка за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Триесет кандидати од Конгресот треба да застанат зад еден кандидат, за тој да може да се кандидира за лидер. Во текот на следните три недели, пред членството ќе стои предизвикот да се предложат кандидати кои би ја кренале на нозе партијата која нагло почна да тоне.
Христијан Мицкоски, пак, човекот кого Груевски го фаворизира за негов наследник е поранешен директор на ЕЛЕМ, а за генерален секретар на партијата беше назначен во јули годинава.
Триесет кандидати од Конгресот треба да застанат зад еден кандидат, за тој да може да се кандидира за лидер. Во текот на следните три недели, пред членството ќе стои предизвикот да се предложат кандидати кои би ја кренале на нозе партијата која нагло почна да тоне.
Инаку, последниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, највисокото тело на партијата, се одржа пред 2,5 години, во мај 2015 година со 560 делегати во Куманово. Тогаш Груевски како премиер и претседател на партијата беше единствениот кандидат за претседателската позиција. Претходниот конгрес на партијата се одржа во Битола во 2011 година. Груевски за првпат беше избран за лидер на ВМРО-ДПМНЕ на Конгресот во Охрид во 2003 година, кога противкандидат му беше Марјан Ѓорчев.
Конгресот, како што е предвидено со Статутот, го донесува Деловникот за работа, програма, носи и менува Статут, ги разгледува и усвојува извештаите за материјално – финансиското работење, избира претседател, статутарна комисија итн.