Пратениците во парламентарната Комисија за избори и именувања, и во петокот не се договорија да изберат нов главен ревизор, односно директор на Државниот завод за ревизија. Одлуката доцни… па, само речиси 2 години.
Во игра беа две имиња. Еден предложен од СДСМ, Адем Цури, кој е главен ревизор на Ревизорското тело за ревизија на претпристапната помош на Европската Унија во Македонија. Вториот го предложи ДУИ, Насер Адеми, кој досега во изминатите 18 години ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор. ВМРО-ДПМНЕ најави дека и тие имаат свој адут, но името не го соопштија. Ниту еден од двајцата предложени не доби доволно гласови во Комисијата за да помине.
„Политика е кога нешто се прави, но по толку години во институциите сфатив дека политика е и кога нешто не се презема“. Оваа искрена реченица ја изговори еден висок владин функционер во време на претходната влада, на јавен настан посветен на употребата на јазиците на локално ниво во државава.
Реченицата е сосема соодветна и за да се опише она што во изминатиот период се случува со Ревизија. Партиите речиси 2 години наводно не можеа да се договорат и да се усогласат за лице што ќе биде назначено на позицијата директор на оваа важна институција, која ја следи работата и трошењето на парите во државните и локалните органи. Мандатот на последната директорка истече во декември 2017, а пред еден месец истече и мандатот на в.д. директорот.
Вработените во Ревизија минатата недела дури мораа да напишат и јавно писмо. Со писмото ги известија сите инстанци во државата дека ако не добијат директор, ќе бидат целосно блокирани. Од тоа што нема да можат да си ги платат сметките за канцелариите, до тоа што нема да можат да ја вршат својата должност, односно да ги контролираат институциите како ги трошат парите на граѓаните.
Тука се подразбира и неможност да ги контролираат финансиските извештаи на партиите од кампањите за претстојните парламентарни избори.
Ревизорите контролираат институции што се под контрола на партиите
Едноставно, како што Извештајот на Прибе во 2015 година ги забележа прецизно недостатоците и заканите поради кои нашиот систем не може да се бори против корупцијата и „заробената држава“, така секој извештај на ревизорите за одделна институција дава прецизен пресек на недостатоците во нејзиното работење. А многу често и сериозни наводи и индиции за злоупотреба на институциите, парите на граѓаните и криминал.
Секој извештај на ревизорите е деликатес за оние сладокусци, кои на различни начини ја истражуваат корупцијата во државата. Одмерениот ревизорски речник открива најразлична распојасаност во институциите. Од неплатени надоместоци од страна на јавни претпријатија за користење вода во износ од над 5 милиони евра, непрефрлани пари за пензии, давање градежно земјиште без соодветна согласност и контрола, користење државни ресурси и партиски вработувања.
Државниот завод за ревизија, само од една контрола во 2018 обезбедил државата да наплати 4 пати повеќе пари отколку што дала за годишниот буџет на ревизорите
Се открива неправилно спроведување тендери, градење објекти што не биле во надлежност на институцијата, користење имот без дозвола, исчезнување пари од надоместоци. Исто така, може да се прочита и за неправилно финансирани кампањи за локални избори кај речиси сите партии, купување скапи софтвери што не се користат, неовластени задолжувања и така натаму.
Во секој извештај ревизорите посочуваат кое е законски одговорното лице на институцијата кај која се забележани недостатоци или поретко кај која е забележано соодветно работење. Тоа лице речиси во сите случаи е член на некоја партија и е назначено на позицијата како претставник на одредена партија.
А ревизорите, ако се суди според нивниот годишен извештај за работата на институцијата во 2018 година кој е доставен до Собранието, биле вредни. Прочешлале 102 субјекти од вкупно 1.500 во државата и напишале 117 извештаи.
Во овие ревизии, 84-те вработени ревизори дури во една третина од случаите изразиле негативни мислења за финансиските извештаи на институциите што ги анализирале. Во 21 процент од случаите имале „мислење со резерва“, односно откриле одредени недостатоци, а позитивно мислење имале во 35 отсто од случаите.
Кај 10 отсто, ревизорите се воздржале од давање мислење, што значи дека документацијата до тој степен била несоодветна, неуредна, некомплетна и неточна, што ревизорот не можел да оформи мислење.
Во однос на тоа колку овие анализирани институции работеле усогласено со законите и прописите, ревизорите во 37 отсто од случаите дале негативно мислење. Со резерва биле во дури 48 проценти, а позитивно мислење имале само за 14 проценти од институциите кај кои правеле ваква ревизија.
Ниту едно јавно претпријатие не поминало на ревизорскиот испит
Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ ги анализираше ревизорските извештаи за 16 јавни претпријатија што биле посетени од ревизорите во изминатите пет години. Резултатот е што само едно од овие претпријатија добило позитивно мислење дека работи усогласено со законите, а 15 не. Ниту едно, пак, не добило позитивно мислење за финансиските извештаи.
Според годишниот извештај на Ревизија, во 2018 година, Јавното обвинителство од нив добило 21 конечен ревизорски извештај за кои е оценето дека е сторен прекршок или кривично дело.
Кај 10 отсто од институциите, ревизорите се воздржале од давање мислење, што значи дека документацијата до тој степен била несоодветна, неуредна, некомплетна и неточна, што ревизорот не можел да оформи мислење
Заводот, како што се наведува, утврди дека само од една ревизија, онаа на „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделување на водното право“ неплаќање данок од страна на дел од јавните претпријатија во износ од близу 5.700.000 евра. Ако државата ги наплати тие пари од претпријатијата, како што треба според законите, ќе добие 4 пати повеќе пари отколку што одвојува годишно за буџетот на Државниот завод за ревизија.
Со оглед на тоа, институцијата бара да се испочитуваат претходните препораки на Европската комисија и да им се овозможат дополнителни вработувања за да можат поефикасно да го контролираат работењето на политичките партии.
Што правите кога имате добар вработен кој за платата што му ја давате ви носи 4 пати поголем профит? Ако се суди според однесувањето на Собранието, на тој вработен му давате суспензија, со оглед на тоа дека изборот повторно е одложен на неопределено. Можеби не требаше да ги споменуваат партиите во својот извештај?