2020 нека цркне, да живее 2021

Колумна на Сашо Кокаланов
  • 16
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Ако 2020 година беше реплика од Алан Форд, тогаш веројатно таа ќе звучеше вака: Tko ne umre, preživjet će. Ние преживеаните (засега де), или барем тоа што остана од нас по месеци пандемија, имаме обврска да направиме сѐ за ова зло од година да не се повтори. Но, историјата (била таа школски предмет или не), нѐ учи дека секое зло ќе се повтори, сакале ние или не, што не смее да ни ја ускрати болката да ѝ фрлиме на оваа 2020 еден циничен мазохистички поглед, особено сега кога ѝ се ближи крајот. Сепак, бидете внимателни, зашто кога гледате во бездна и бездната гледа во вас (рекол другарот Ниче). Имајте предвид дека од 2020 остануваат уште двоцифрен број часови, а на оваа проклета година, за некое ново нејзино срање ѝ се доволни и минути, секунди… Ако нешто научивме за 2020, тоа е дека shits happens. Everyday. To everyone.

Во предвечерјето на раѓањето на новата 2021 година, и многу, многу поважно – на збогувањето со 2020, „Нетфликс“ излезе со својот седумдесетминутен сатиричен мокјументари „Смртта на 2020“, во кој на еден прилично бескруполозен, но мора да се признае – и духовит начин, нѐ потсети колку беше ужасно да се биде човечко суштество на планетата Земја во годинава штo изминува. Останете со оваа колумна до крај и вие ќе имате ексклузивна можност да евоцирате моменти што ќе ви го вратат оптимизмот во срцата – колку и да било лошо на Земјата, сепак, има една земја на Земјата, каде што било уште полошо. Се разбира, оптимизмот е условен, односно важи само ако не сте жител на таа земја. Тоа е дoбрата вест. Лошата е дека ако ја читате оваа колумна, вие сте, јебига, веројатно жител токму на таа земја.

Но, да не ви откриваме сѐ, што би рекол водител на македонска утринска програма, откако во најавата детално ви раскажал што сѐ ќе гледате.

Јануари: Искобена година     

Фото: Р. Атанасовски

Некој ќе рече јануари, к’о јануари. И да, веројатно ќе е во право. Традиционално, јануари е тежок месец за живеење, особено во сиромашна земја како Македонија, а 2020 не донесе некој пресврт на тој план. Јануари се оние 31 ден меѓу народот познати и како денови на длабоко покајание, при што најчесто се каеме за последните денови од претходната година, кога понесен од празнична еуфорија и шарени излози, Македонецот купил сѐ што не му е потребно во домот, по нешто и од тоа што му треба, та сега ратите доспеваат за плаќање, а трансакциската блокирана.

Но, почекајте. Да, секој јануари е заебан, ама, сепак, зборуваме за јануари 2020, мора да има нешто уште позаебано. И има, секако. Тоа кај нас се вика – техничка влада. Што ќе рече дека традиционалната постновогодишна депресија овојпат е надградена и проширена со длабока предизборна депресија.

Од денешна дистанца погледнато, веројатно тоа што на 1 јануари влеговме со техничка влада беше оној прв знак, предвесник, на кој не му обрнавме доволно внимание, а кој прилично јасно ни кажувал дека годинава ќе биде тешко срање. (Што е за право, такво нешто навестуваше и кинескиот хороскоп, според кој 2020 е година на стаорецот, но од Кина наскоро ќе дојдат и пострашни работи од хороскопот.)

Техничка влада, тоа не е само обичен збир од ВМРО и СДСМ, тоа е еден своевиден астрономски феномен, едно помрачување, кога со голо око може да се посматра зошто сме на ова дереџе каде што сме. Кога ги гледа сите заедно во влада, човек се прашува зошто нам ни требаат надворешни непријатели, кога си се имаме едни со други.

Се разбира дека сите се влезени во власта, пред сѐ, за да работат за доброто на граѓаните, но секоја од страните тоа си го разбира на свој начин – едните влегуваат да ја турнат владата од внатре, а другите да се заклучат по канцелариите и да молчат за да изгледа дека внатре нема никој.

Откако, сепак, ќе се сместат некако заедно внатре и ќе преовладее љубовта кон татковината и свеста за општиот интерес, двете страни почнуваат интензивно да работат. Половина зграда работи на тоа да докаже дека другата половина не работи ништо, а другата половина од зградата, пак, деноноќно работи да докаже дека првата половина работи уште помалку.

Сѐ на сѐ, тоа е една 24-часовна посветеност, светлата во сите канцеларии се постојано вклучени преку ноќта. Од проста причина што ако во некоја се исклучат, таму веднаш влегуваат од другата партија и ги бришат датотеките во компјутерите, местат лушпи од банана на подот и ставаат отровни пајаци во фиоките.

Добрата работа е дека оваа елементарна непогода наречена техничка влада трае само сто дена. Се разбира, тогаш немавме поим дека ќе трае многу подолго.

Така изгледа Македонија во јануари, но не заборавајте дека и за остатокот од светот почнува хоророт наречен 2020. Се разбира, ништо од работите таму не изгледаа толку ужасно и катаклизмично како македонска техничка влада, но вреди да се спомене дека во Австралија со денови беснеат незапамтени пожари, Џакарта е целата поплавена, Велика Британија излегува од ЕУ, а во Кина почнува некаква епидемија на некаковси нов вирус. Добро, не е за занемарување ниту тоа дека светот е на работ на нуклеарна војна откако САД со дрон скинаа воен лидер на Иран. Сѐ на сѐ, горе-долу, стање редовно, или да бидеме попрецизни срање редовно.   

Никој сѐ уште не насетува дека ѓа’олот го пратил господ по бурек, се докопал до џојстикот за планетава и ја пуштил смртта да коси на најјако. Тоа можеби ни станува малку појасно на 26 јануари, кога во хеликоптерска трагедија кај Лос Анџелес, смртта ги зеде кај себе еден од најдобрите кошаркари во историјата, Коби Брајант, неговата ќерка Џана и уште седуммина други патници.

Ќе отидат многу големи легенди во вечните ловишта 2020, но вака почна, отприлика…

Февруари-март: Злото е далеку, а можеби и не е

 Фото: Р.Атанасовски

Старите рекле, секое добро за зло, па така резонираа и многумина на почетокот на јануари – океј, си велевме, можеби сме една усрана земја на многу полиња, ама имаме шанси да станеме медена барем на едно поле – филмската уметност. Само две недели по кобната хеликоптерска несреќа, очите на светот се повторно вперени во Лос Анџелес. Оскарите со нетрпение ги чекаме и во Македонија зашто брилијантниот документарен филм на Љубе, Тамара, Фаца, Феко и Самир за Атиџе и нејзините пчели добива историски две номинации за Оскар. Потајно ги посакуваме двете статуетки, се надеваме барем на една, стравуваме дека ќе останеме без ниедна.

Се разбира, како што тоа обично бидува кога е Македонија во прашање, се случува тоа од што стравуваме, но тоа не ни го загорчува премногу слаткиот вкус во устата од успехот на „Медена земја“. И без заслужениот Оскар (барем за документарец кога веќе „неанглискиот“ беше таксан за уште едно ремек-дело, корејскиот „Паразит“), медените ни ја враќаат вербата во поинаква македонска приказна. За кратко барем…

Сликите што доаѓаат од Кина се потресителни – преполни болници, луѓе се борат за кревет, некои за воздух; но има и забавни моменти – гледаме како Кинези се „ракуваат“ со нога или со лакти. А бе, да плачеш од смеење. Нам, секако, сево ова ни изгледа далечно и егзотично. Не сме некои големи расисти, ама ако ептен налетаме на автобус со кривооки туристи, ќе го каменуваме и ќе ја убиеме короната во нив. Макар што побезболно би било ич да не пуштаме туристи од Азија. Ќе се стрпат во некои подобри времиња да ги видат Охрид и Скопје 2014, што да им правиме. И така и беше, автобус не налета, но налетаа некои кутри Корејци. Не поминаа добро, иако немаа корона. Превентивно ги нападнавме вербално и баш добро ги средивме.

И толку се луди тоа Кинезите што сите носат маски. Бог да чува. Тоа кај нас никогаш нема да дојде. Сепак, аптеките, за секој случај, ги покачуваат цените на маските, да не се сетат будалите. Македонски граѓанин во тоа време прашан дали би носел маска за да се заштити од вирусот, самоуверено ќе ви врати: „А бе иди бегај, јас да се гушам зашо некој Кинез таму изел шишмиш!“

На 1 февруари е регистриран првиот случај на новиот корона вирус надвор од Кина. На Филипините. Од СЗО велат дека не може да се предвиди како ќе се шири.

Починува Кирк Даглас. Живееше 104 години. Добар глумец. И син му го запиша на глума.

Техничката влада и во февруари, како и во јануари не работи, и тоа не работи под полна пареа. Внатре по министерствата веќе се поставени и барикади за двете завојувани страни да не дојдат во директен контакт. Се водат внатрешни битки по сите можни основи. Секоја од страните си држи свој прес, мора да имаш двајца новинари по ресор.

Во една таква херојска битка за одбрана на неуставното име на Македонија паѓа македонската хероина Рашела Мизрахи. До последниот ден на работа, со сите сили се бори придавката „северна“ да ја има сегде, освен на таа една табла со називот на Министерството за труд и социјала. Мала загуба за техничката влада, но уште помала за човештвото. Како и да е, нејзината жртва за името не поминува незабележано во населбата Лисиче, каде што веднаш ѝ е таксан коњ за традиционалното илинденско јавање до Крушево, евентуално и за назад ако се согласи коњот.

По улиците хараат две полиции, едната на Наќе, другата на Славјанка. Некои граѓани предлагаат да им се сошијат и различни униформи, за да се на чисто кај кого треба да фаќаат врски ако им биде влепена казна.

На 23 февруари, Италија затвори 11 села во Ломбардија. Имало двајца починати и 77 заразени, па да не букне заразата. Така тоа го прават развиените западни земји, коментираат познавачите.

Собранието е распуштено, изборите се закажани за 12 април. Срање редовно.

За кратко, срањето станува вонредно, владата бара, претседателот Стево Пендаровски прогласува вонредна состојба. Ама собранието одбива повторно да се собере за да ја верификува за да прогласи вонредна состојба. Не, не дека се плашат од кинескиот вирус, во прашање е друг вирус, македонски, имено, пратениците што ги нема на пратеничките листи, се налутиле.

На првиот ден од март, Македонија веќе има една заразена пациентка, која добро закрепнува на Инфективната клиника. Нема други суспектни.

Кон крајот на март, ѕвездата е родена. Еден министер, на кој дотогаш не му обраќавме нешто особено внимание дека постои, одеднаш ќе стане нова поп-икона. Венко Филипче ги освојува малите екрани и срцата на публиката со својот серијал од редовни и вонредни прес-конференции. Пресовите се прераскажуваат како епизоди од турска серија.

– Вчера го пропуштив Венко, му се жали средовечна жена на својот комшија.

А овој како од пушка:

– 415 тестови, 57 новозаразени, три лица…

– Ќути бе, не ми прави спојлери! – се лути жената. – Ќе ја гледам репризата!

Границите не се затворени, но за многу граѓани, сепак се – не поради короната туку з’ш имат снемано пасоши. За жал, пасош имаат оние што се заминати на скијање во Италија и осмомартовките, кои борбата на Роза Луксембург ќе ја дозавршат во Ејч енд ем, Зара и во Икеа. И едните и другите ги чекаме на граница, со топломери.

Паѓа првиот полициски час, а пред тоа паѓаат и сите залихи на тоалетна хартија. Тетките од влезот што ти зборуваа дека ова е само обично грипче, сега ги гледаш дека растовараат тамче со тоалетна хартија пред влезот. Тоалет-папирот е лакмус хартија за тоа дали народот ги наполнил гаќите. Кога ќе видиш празни рафтови каде што стојат бришачите за газови, знаеш дека оваа инаку храбра нација е прилично усрана.

Во Италија луѓето пеат на терасите за да си го одржат духот. Би пееле и кај нас, но половина немаат платено за куќен совет и не им се излегува на тераса. Другата половина се искарани на партиска основа, па тешко би дошле до заеднички прифатлива песна. Стварно глупо што коронава фати пред избори, да не може ни да се истепаме к’о луѓе.

Носивоста на лифтот во мојата зграда е намалена од 6 на 4 лица. Не поради корона-мерките, ниту, пак, на лифтот му се случил дефект, ами поради карантинската килажа на патниците. Ако продолжам со карантинов, копчињава на кошулава ќе почнат социјално да се дистанцираат едно од друго.

Во Македонија е катастрофа, ама па и во остатокот од светот не е ништо поарно. И на Балканот почнуваат да се бројат првите мртви. Црниот хумор е пуштен на посилно за да се одбраниме некако од злото. Омиленит виц на Србите е дека смртноста е најголема во Пирот. Зашто ги исклучувале респираторите кога нема евтина струја. Словенците, пак, го обожаваат вицот дека полицијата фатила пет мигранти што криумчареле Словенци од една во друга општина.

Инфектолозите не може да се договорат – едните велат никако да не носите маски, другите велат вадете ги само за спиење. Народот, по малку збунет, се решава за разумен компромис – да го почитува Филипче, но не и неговите мерки.
Изборите се одложени на неодредено. На македонската политичка тезга почнува пазарење за нов датум. Истовремено, на тезгата во Брисел (конечно) завршува пазарењето за датумот – Македонија добива одлука за почеток на преговорите. Радост. Победа. Егзалтација. Крај на децении блокади… Еми, лекичко де, почакајте, всепак 24 март е, никој предварително не е можел да претполага че този датум не е датум.

Април-јуни: жешка пролет (особено ако имаш температура)

Фото:В.Маглешов

Време е за зачестени вонредни состојби, полициски часови, затворени граници и хуманитарни летови. Во некои други околности, тешко би било да се разбере што има хуманитарно во лет од Лондон за Скопје, на пример, но 2020 е посебна година, во која многу работи не се онакви какви што изгледаат на прва топка.

Сите земји се затечени, никоја не планирала пандемија од вакви размери. Пензионерката Елица од охридско Подмоље донира 100 маски и 200 ракавици на полицијата. Секаде во светот е исто. Освен, можеби со мали разлики кој кому донира маски и ракавици, но важно граѓаните и државата се сплотени и си помагаат. Мерките, секако, и натаму главно не се почитуваат. Македонецот (секако и Албанецот) покажувал пркос и на големите империи, та сега својата бедна државичка да ја слуша беспоговорно. Освен тоа, на такви бројки, сѐ уште процентот на оние што веруваат во Дедо Мраз и дека земјата е рамна плоча е повисок од процентот на тие што веруваат дека короната навистина постои.

Во секој случај, почнува една многу жешка пролет, особено за оние што ќе кренат температура, но и за оние на кои им ја крева температурата тоа дека мора да седат дома. Цифрите во дневниот ковид-билтен достигнуваат неколку десетици позитивни дневно, кафулињата и рестораните се затворени, нема култура, спорт, а образованието е сведено на праќање домашно по мејл и враќање домашно по мејл. Родителите стануваат и наставници. Најлошо е за тие што секогаш се бунеле дека нивното дете знае, а добива лоши оцени дека наставниците не го сакаат.

Фала богу, полицискиот час не важи за верски собири и собиранки по дома, па световните и верските празници може да се прослават во кругот на семејството, пријателите, роднините, соседите, населбата, соседните населби, партијата, конфесијата… Накратко, на пресовите на Филипче, главен збор станува терминот кластер, но веќе не се тоа увезени случаи однадвор, туку кластерите се именувани според прославата. Кластерот мекици на пример е како древен жртвувачки обред. Се родило дете, па сега во таа чест треба да се жртвува некоја баба или дедо. Заради рамнотежа во природата и мир со боговите.

Во мај, кога првиот корона-бран почнува малку да се стишува, а за вториот не знаеме дали ќе дојде, прогласена е дури и историска победа против невидливиот непријател. „И да знаете дека ковид-19 може слободно да го прогласам дека е умрен од денеска, со оглед на тоа дека го победивме и заради тоа сме тука“, рече реисот Реџепи на 24 мај. И остана жив. И не само што остана жив, си зеде млада жена и ја запостави кариерата за сметка на бракот.

Но, остана жив и вирусот. Се испостави дека не сме го убиле, само сме го раниле.

Во пресрет на сѐ поизвесните избори (иако сѐ уште нема договорен датум), партиите се обединети во борбата против корона вирусот и не го мешаат здравјето на граѓаните во своите предизборни кампањи. Хахаха. Важи, важи, можеби некоја следна пандемија, скраја да е.

А сега истово, ама малку посериозно: Партиите со сите сили се обидуваат да ќарат некој поен на сметка на короната. Опозицијата, која е истовремно и власт, ја обвинува владата во која седат дека не купила тестови, а власта, која е истовремено и опозиција, го обвинува МВР во кое имаат заменик-министер дека намерно не казнува за непочитување на мерките за бројките да пораснат и изборите да не се одржат.

Шизофреното лудило се развива до тој степен што партиите спорат кој ја донел странската помош во медицинска опрема.

Дури и судската завршница на случајот „Рекет“, кој нѐ „забавуваше“ во 2019, падна во сенка на глобалната битка против короната.

Додуша не е само корона вирусот проблем. На 25 мај, полицаец со изразит расизам во пределот на мозокот, ќе го потпре незгодно коленото на вратот на Афроамериканецот од Минеаполис, Џорџ Флојд. Тоа можеше да биде само уште еден инцидент со прекумерна сила на полицијата, полицаецот Чаувин можеби ќе поминеше со некоја усна опомена, но за беља настанот стана вирален. За несреќата на Чаувин да е уште поголема, се покренаа големи протести, на кои, замислете, и белци маршираа заедно со своите сограѓани од друга раса. На Чаувин веројатно и ден денес не му е јасно зошто се крена толкава џева за едно обично убиство. За жал, истово им се мота низ главата уште на многу луѓе во светот, а некои од нив работат и како полицајци. Короната веројатно ќе ја искорениме побргу од расизмот. Не е измислена вакцина за расна, верска и национална омраза, јебига.

Јули-септември: Вмрона-вирусот поразен, корона преживеа

Сите надежи се вперени во летото, високите температури би можеле да го решат вирусот. А би можело и да не го решат. Точен одговор: под б.  Среќа во несреќа, шансата за пренесувањето на заразата на отворен простор е минимална. Несреќа во среќа: Ова важи само ако избегнувате близок контакт и ако крпите на плажа не ви се наредени една преку друга.

Младите се како кучиња пуштени од синџир. А и возрасните не се ништо поарни, по месеци поминати во 24-часовно дружење со брачниот партнер и збеснатите деца. Се сеќавате на мемето во кое жената му вели на мажот: Извини, ај можеш малку потивко да трепкаш, ми одиш на нерви! Имајте предвид и дека сексот во долготраен карантин го има истиот развоен пат како кока-кола. Прво е нормален, потоа е light, на крај е zero.

Се разбира, пред да се препуштиме на летните задоволства и на корона-журките, моравме да си ја завршиме и нашата граѓанска должност и да ѝ ставиме крај на техничката влада. На 15 јули, овој народ си ја зеде… Не, чекај, тоа со 15-ти беше друга година. Оваа, накратко, и со речник соодветен на 2020, на првите корона-избори во Македонија (најверојатно, не и последни), партијата на Венко Филипче ја победи партијата на вмрона-вирусот.

Мнозинството граѓани, сепак, се согласија дека Зоран Заев и неговата СДСМ се на прав пат и им го прости фактот дека толку често се сопнуваат на прав пат. Тоа беше јубилеен 138 пораз на Христијан Мицкоски. Штета за сите оние генијални спотови што ги сними. Засекогаш ќе го паметиме тој со трговската драма на аеродром во кој Мицкоски трампа со девојчиња авионски карти за членска на ВМРО-ДПМНЕ. Ако ја повтори успешната кампања од 2020, којзнае можеби 139 обид ќе му биде среќен. Псе јо?

На изборите, се вивнаа високо некои маргинални фаци од претходните, а се појавија и некои нови. Впечаток е дека најмногу профитираа Албанците (не баш сите, главно оние од ДУИ) и нивниот заколнат непријател Димитар Апасиев од Левица.

Апасиев од Левица, кој овие избори беше задржан на само два пратеника, ако држи жестоки воспалувачки говори по минхенски пивници, во кои безрезервно ќе ја повторува најавата за масовни стрелања на велепредавниците и богатење на работничката класа, следните избори, кога и да се, ќе привлече многу поголеми разочарани народни маси. Не е исклучено тоа да заврши и како филм. „Среќна Нова 39-та“, на пример.

Единствената светла точка беше програмата на Интегра, која, за жал, и покрај сета блискост со Бога, не стана и владина програма. Бог е лош математичар изгледа, па само поради несреќна распределба на гласовите по изборни единици, односно во секоја од изборните единици недостигаат по неколку десетици илјади гласови, нема да се реализира вековниот македонски сон за космодром и аманетот да се отвори во Македонија првата фарма за еднорози во светот. Но, кога човек има визија, резултатите се неважни, многу поважно е дали ќе ти ја урнат терасата во ресторанот „Аманет“. За жал, на лидерот на Интегра, се случи и тоа, кога ќе тргне колата низбрдо – тргнато е, терасата е урната, но аманетот други да го изградат космодромот опстана. За разлика од идејата за карго-аеродром во Штип, која и дефинитивно пропадна.

Школската година оваа година нѐ изненади на 1 септември. Толку изненадно ни пристигна, што моравме да ја одложиме еден месец. Изборите биле виновни, немало кој да ја спреми платформата навреме, зашто не се знаело кој ќе биде министер. Администрацијата без министер не може да работи. Но, среќа, може да зема плата. Шуќур, замисли и без работа и без пари да останеа луѓето. Сега ми е појасно зошто не ги бива државите, како Белгија, кои во политичка криза, знаат со месеци и месеци да заглават без влада.

Во поразвиените демократии, како на пример во Русија и во Белорусија, немаат такви проблеми. Државата никогаш не е оставена без власт. За да се избегне таква ситуација, победникот на изборите се знае уште пред тие да се одржат.

Ако си опозициски лидер во Русија или во Белорусија, новелкорона вирусот е најмалку опасното нешто што можеш да го закачиш. Поопасно од новелкорона е новичок, советско коктелче од нервни отрови, кое и не е толку новичко колку што сугерира името, датира уште од пикот на Студената војна. Во меѓувреме, отровот веројатно „мутирал“ и развил способност самиот да напаѓа, и тоа со истенчено чувство за елиминација на политичари што му прават штета на другарот Владимир Путин.

За среќа на рускиот опозиционер Навални, тој од отровот куртули. Сега го чекаат судења за измама. Не е познато дали, освен за наводната измама на даночниот систем, ќе го судат и за измама на новичок.

Октомври-декември: Брат за брат, братја за на врат

Софија. Фото:Г.Трпковски

Светот остана без најголемиот фудбалер на сите времиња, Диего Армандо Марадона. Кралот не замина кралски, затоа што не ни живееше кралски. Сепак, тој беше само фудбалски крал, а надвор од тревникот каде што царуваше, беше само едно непораснато и неизживеано дете.
И покрај капиталните жртви што ги зеде, крајот на оваа престапна (и престапничка) година, требаше да фрли сноп светлина, барем колку да се залажемe дека на повидок е излезот од тунелот.  Особено за нас, граѓаните на Македонија, кои секоја година ни е до некаде 2020, зашто ние сме си постојано во криза и кога нема светска корона криза.

Науката дојде до вакцина за корона вирусот. А кога веќе светот дојде до вакцина, кај и да е, и Македонија ќе дојде до дози од тоа вакцините. Фрижидерите се тука, ќе стасат и ампулите. До летото, ако може да се верува на најавите, ќе има за секој што сака. Останува да ги издржиме уште овие неколку месеци и во меѓувреме да ги убедиме антиваксерите дека полесно ќе ја прележат вакцината, отколку болеста.

Со корона речник, сега засега сме само стадо, а наскоро би требало да имаме и имунитет на стадо. Кинезите велат дека 2021 е година на волот. Ако има симболика, тогаш ова е дефинитивно идеална за стекнување имунитет на стадо.

Е сега, ништо од ова нема да биде едноставно. Како што рече големиот мислител Коста Петров, никој не ни рече дека ќе биде лесно. Особено сум скептик за антиваксерите, кои на Балканот се доброетаблиран сој. Како да ги убедиш овие луѓе, кои мислат дека и зад манџата од боранија стои родителска мафија, дека рептили преправени во луѓе не стојат зад вакцината?

За 70 проценти од населението да е вакцинирано ни требаат околу три милиони дози. Имаме ветување од ЕУ за вакцините дека ќе има и за земјите од Западен Балкан. А бе океј е тоа, ама дали е паметно да спиеме само на тоа уво. Многу земји си пазареа и директно. Впрочем, немаме баш добро искуство со ветувања од Брисел. Имавме и за други работи ветување од ЕУ, па…

Годината ја почнавме чекајќи нова методологија за проширување, а ја завршуваме со бугарско вето за почеток на преговорите. Не дека не сме пелцувани за вета, имаме веќе стекнато извесен имунитет, ама не очекувавме дека ќе биде потребна ревакцинација. Брат брата не рани, ама тешко кој го нема. Така нѐ учеа. Ама се чини, за нас се чини полесно ќе беше да немавме толку браќа во ЕУ. Се претера некако и со братството…

Единствената добра работа во ова со Бугариве е што Бранко конечно се јави. Бранкојавление, ден кој сигурно многу левичари, кои од разбирливи причини во минатото не биле во можност да си земат куќна слава, ќе го искористат за да ја исправат оваа семејна неправда.

За крај, сепак, нешто убаво. Трамп во Новата 2021 нема де е веќе жител на Белата куќа и најмоќен човек на планетата. Кој би рекол дека во година каква што е 2020 можеше да стаса една таква добра вест. Но, ако за ова велите дека е предобро за да биде вистинито, како ќе го коментирате фактот дека во оваа проклета година, Македонија успеа да се пласира на Европско првенство во фудбал.

2020, драги мои, уште не е мртва. Ѓаволеската година уште сее трагедии. Вчерашниот земјотрес во Хрватска е доказ за нејзините проклети планови да заврши како што почна. Не е мртва ниту короната. Ниту во светот, а ниту кај нас. Секој ден, 20-тина македонски семсјтва губат мајка, татко, брат или сестра…

Затоа, да ја испратиме 2020 без „луди и незаборавни“ прослави, без еуфорија, достоинствено, со почит кон сите нејзини жртви. Нека цркне 2020, па потоа ќе може конечно да ја прославиме 2021. Секако, со надеж дека нема да биде уште полоша.