Првото интервју на Христијан Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, беше како згрчено лизгање на тенок мраз – со разни огради, дозирана воздржаност, наменска затвореност, предозирана внимателност… Да го коментираше неговиот настап Милка Бабовиќ, ќе констатираше сиромашен настап и од технички и од „уметнички дојам“: ни скокови, ни двоен аксел, ни троен луп, ни спирали…
Се разбира, не мора се да биде промовирано во првиот настап, особено во период на раководна транзиција, во кој се уште не се избрани новите партиски органи. Но, засега изгледа прилично скромна единствената промовирана разликата со неговиот претходник: Мицкоски е неспоредливо поелоквентен, неговиот говор е смирен и во голема мера тактичен, не зрачи со толку силна суета, ни со отворена или латентна конфликтност што води кон поларизација.
Но, меките тонови со кои благо најави селективен дисконтинуитет со претходните политики (што е добро ќе продолжи, што е лошо ќе престане) воопшто не ја открија новата насока (ако воопшто ја има) во која оперативно ќе се движи партијата. Напротив, во желба да им се допадне на сите („со отворена прегратка“) Мицкоски влезе во некои суштински контрадикторности. Кокетирањето со желбата да се биде широко прифатен од сите (стари и нови кадри, ветерани, унии на млади, на жени и најмногу од пратеничката група), не е добра менаџерска особина. Тоа води кон оксиморонскиот манир на спротивставени тези да одговара со „и ти во право, и ти си во право“.
Има ли полошо нешто од тоа, ако единствената ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ во моментов, а тоа е нејзината пратеничка група, остане надвор од работата на парламентот и тоа во еден интензивен и сензитивен политички период?
Зошто се плаши јавно да најави дека ќе запре бојкотот? Има ли полошо нешто од тоа, ако единствената ударна тупаница на ВМРО-ДПМНЕ во моментов, а тоа е нејзината пратеничка група, остане надвор од работата на парламентот и тоа во еден интензивен и сензитивен политички период? Нема.
Вторo, во желбата да кокетира со протагонистите на деструктивниот континуитет, тој направи екскурзии во именувањето на Талат Џафери – еднаш го прогласи за „таканаречен претседател на Собранието“, а потоа за „претседатедател“. Ваквиот „хомо дуплекс“ манир не наведува на јасна и стамена, туку на манипулативна реторика со желба вербално да алиментира широка лепеза на очекувања.
Третата контрадикторност е дека конструктивноста е двонасочен процес, двонасочна улица, и дека не зависи само од ВМРО-ДПМНЕ. За 20 дена од неговиот избор за претседател, Мицкоски оваа фраза до денес ја има изговорено најмалку сто пати. Не сакам да кажам дека станал непродуктивен и здодевен со истата констатација, ниту дека таа е неточна во општа смисла. Таа е сосема ПОГРЕШНА кога тој ја доведува и условува во врска со притворите за настаните од 27-ми април.
Мицкоски мора да знае дека улицата кон судството не е двонасочна. Таа мора да биде еднонасочна. Има знак „стоп“ за секаков вид „сообраќај“ што би дошол од страна на законодавната или извршната власт. Ако притворите бидат укинати од Судот и заменети со други мерки на претпазливост, тоа никако НЕ СМЕЕ да биде дело на „конструктивноста“ на власта.
Четврто, Мицкоски (исто како и Груевски) најави предлог-закон за амнестија на притворените за 27-ми април, „за луѓето кои немаат врска со насилство, а најмалку со тероризам“. Вели „не бараме амнестија за луѓето кои се фатени во насилство и ние први тоа го осудивме, но за овие луѓе ќе бараме амнестија“.
Но, ВМРО-ДПМНЕ бараше амнестија за притворените уште пред да завршат во притвор нивните шест пратеници, како и дел од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“ и други лица кои партијата ги смета невини.
Мицкоски мора да знае дека улицата кон судството не е двонасочна. Таа мора да биде еднонасочна. Има знак „стоп“ за секаков вид „сообраќај“ што би дошол од страна на законодавната или извршната власт
А Мицкоски и тогаш не беше случајна личност туку Генерален секретар на партијата, кога стигнаа ламентации дека е изречена казна затвор за „обично кубење за коса“ или за притворот на лица од т.н. македонски патриотски здруженија. Па сега е создадена прилично голема конфузија по прашањето – за кои лица Мицкоски не би имал против да бидат судени за насилство, а за кои би се спротивставил со партиска неконструктивност?!
Ваквото мешање во (судски) „штипки“ е ужасна политичка грешка, нешто што претходно ја доведе Македонија на работ на изолација. Иванов може подетаљно да му раскаже за тоа. А продолжувањето на таков маскиран шаманистички пристап преку нови митови за патриотски, а не за кривични дела, е под очекуваниот етички минимум и нова релативизација на насилството, за кое ЈО има собрано обемен доказен материјал.
Со пристапoт – „ајде да го заборавиме тоа за некои“, тој се прикажува како приврзаник на една методологија која е многу опасна за создавање на јавното мислење во Македонија, а кое потоа повеќе нема да може да излезе од основната грешка на одговорноста. Не станува збор за исклучок, за нешто небитно, туку за обид за тотално и масовно цементирање на принципот на неказнивност и на културата на заборав, што во јавниот дискурс ќе произведе манир за постојано отсуство на одговорност, како галопирачка метастаза на општеството.
Од друга страна, тој ги поддржува заложбите за интеграција во ЕУ и НАТО. Но, во овој контекст, тоа е исто како да се залага за „дрвено железо“, бидејќи без владеење на правото, Македонија ќе остане да егзистира (прашење е колку) како некаква егзотична територија во која законите се илиберален украс, некакви легислативни венци со исушени листови врз главите на партиските поглавици, додека во практика владеат други правила условени од конјуктурата на потребната опозициска конструктивност или коалициски интереси. Таквата аномија секогаш ќе произведува нови нарации, кои ќе ја прикриваат вистинската причина зошто земјата не може да се одлепи од лошите политички практики.
Партиски претседател, кој ги осознал грешките што партијата ја довеле до тотален крах (а притоа одби јавно и транспарентно да го соопшти идентификуваниот удел на претходното раководство во грешките), не може со апологетско-приспивна песна да го започне планираното систематско освестување на партијата.
Токму по оставката на Груевски, Мицкоски има неповторлива прилика за радикално храбар чекор во ребрендирање, реструктуирање и демократизирање на партијата, во морална, политичка и еманципаторска смисла. Но во првото интервју тој не даде јасни сигнали дека е свесен за таквата можност.
Наместо лично да се заложи за воспоставување на правната и морална рамнотежа кои со насилство беа длабоко нарушени, тој како да се труди да не дојде до тоа, односно да не се случи вистинскиот катарзичен ефект на осуда. Таквиот „трн“ по правило останува во ногата на оние кои преку игнорирање и заборав сакаат да ги „решаваат“ проблемите.
Ако не направи искрен, храбар и јасен исчекор од досегашните грешки во партиското дејствување, негов „бренд нејм“ може да стане само поговорката што во првото интервју неколкупати ја повтори, не знам дали како излив на потсвесното или на пророштвото: „Ни атер крши, ни работа врши“.