Македонскиот парадокс

Во принцип, казната затвор за политичарите, без оглед на криминалите што ги направиле, по автоматизам би требало да биде заменета со таканаречената општествено полезна работа. И тоа во некоја дупла мерка. На пример, двегодишна затворска казна се менува со четиригодишна општествено полезна работа, десетгодишна со 20-годишна, а 20-годишна со доживотна општествено корисна работа. Се разбира, неплатена.

Додуша, на тој начин ќе дојдеме до своевиден парадокс, кого, со мирно срце, можеме да го наречеме „македонски политички парадокс“ – политичарот мора да биде криминалец за да ја работи работата за која што е платен. Имено, политичарот и онака е платен за да работи за јавно, односно општо добро. Во случај на злоупотреба на својата привилегирана положба, тоа значи дека не работел за општо, туку исклучиво за сопствено добро. И за тоа бил платен од народни пари. Затоа мислам дека е фер да го одработи она за што бил платен, односно конечно да почне да работи општествено корисна работа.

Иако, морам да признам дека и во овој случај ќе има извесни проблеми. Каква општествено полезна работа може да му се додели, на пример, на Никола Груевски? Да се грижи за стари и изнемоштени лица? Па, тие ако се стари и изнемоштени, не значи дека се останати без трошка ум во главата. Кој, воопшто својата судбина ќе ја препушти во рацете на Груевски? И зошто? Отприлика една деценија целата држава му ја препушти својата судбина, па видовме како заврши тоа.

Ако затворските казни на политичарите им ги заменувавме со општествено полезна работа, тогаш излегува дека политичарот мора да биде криминалец за да може да почне да го работи она за што бил платен – односно да работи во полза на јавното добро

Или која општествено полезна работа ќе му ја дадеш на Сашо Мијалков? Да работи на телефонска централа? За Миле Јанакиески е веќе полесна работата – нему доволно е да му ставите лопата во рака и да почне да копа темели наоколу. Ако веќе нема нешто особено за градење – гледаме како актуелната влада (не) ги користи капиталните инвестиции – тогаш може да копа септички јами. И онака најголемиот дел од државата не е покриен со фекална канализација.

Всушност, копањето септички јами и поставувањето канализациона мрежа се можеби најдобрите инвестиции за сите политичари и функционери што го прекршиле законот. Како што сега стојат работите, се чини најдобро знаат да го насочуваат токму – општествениот измет! За волја на вистината, и тука постои одреден ризик за разлевање на канализациската суштина и содржина. Впрочем, искуството нѐ учи дека секогаш кога политичарите се зафатиле со средување на човечките испрдоци, ние дефинитивно се гушиме во нив.

Но, од друга страна, останува надежта дека општествено полезната работа, сепак, ќе има некаков ефект. Прво, политичарите ќе имаат шанса да научат дека освен во итроштините да се исцицуваат пари од државниот буџет, може да постои извесно задоволство и во тоа твојата работа некому да му го олесни животот. Второ, во културата во која „не работи ништо, а прима плата“ е синоним за успех, веројатно најголемото понижување за еден неприкосновен моќник е да се најде на улица со метлата в рака, и тоа пред очите на неговите довчерашни поданици.

Тоа е во секој случај поголема казна отколку лицитирањето во која ВИП затворска ќелија ќе ја одлежува својата евентуална казна. И, трето, јавноста ако веќе не можеше да види некаква општа корист од нивното владеење, барем ќе биде поштедена од оваа шпанска сапуница, наречена „истерување на правдата во Македонија“.

Во најновата епизода во овој бескраен и бескрајно здодевен серијал се обработува темата на појавата на главниот јунак, во случајот извесен Никола Груевски, на отслужување на неговата затворска казна. Како и во секоја серија од овој тип, главните прашања се дали, кога и зошто нема Груевски да се појави во затвор. Односно дали како оној Горан Грујоски со некаков бугарски пасош и под некое чудно име ќе замине во соседството, кај Далаверски, на пример.

Во суштина е сосема сеедно дали Груевски ќе заврши во Шутка, во затворот во Куманово или на некоја плажа во Белизе. Дури и дали претседателот Ѓорге Иванов ќе го аболира. Резултатот од која било од овие можни разврски ќе биде некаква морална сатисфакција. И ништо повеќе од тоа. Меѓутоа, ако Груевски беше казнет со присилно или задолжително вршење на општествено полезна работа, освен споменатата сатисфакција, ќе можевме да видиме и некаков ќар.

Затоа предлагам оној несреќен бројчаник на премиерот Зоран Заев, што никако да проработи, наместо да ги брои парите што никако да се вратат во буџетот на државата, да почне да брои кој и колку од обвинетите политичари вратил во државната каса со својот труд.

Во меѓувреме, додека не ја видиме разврската од епизодата „Тенк“, публиката ќе се забавува со судбината на споредните, но секако важни ликови во целата приказна, од типот на Орце Камчев. Ах, колку тек тука има општествено полезна работа. Човек просто да помисли дека со ваквиот квантитет на обвиненија ќе го уживаме шведскиот стандард во социјални и јавни услуги. Ете, просто, да посака човек што повеќе политичари и тајкуни да крадат за да можеме и ние да ги почувствуваме придобивките од нивната работа.