Ја следев (и уште ја следам) дебатата во соседна Србија околу организирањето (и одржувањето) на големата ретроспективна изложба на Марина Абрамовиќ во Белград. Дебатата веројатно и немаше да (ми) биде толку интересна, ако всушност не се однесуваше на односот на политиката (онаа дневната) и уметноста.
Имено, власта е нападната дека во суштина ја организира оваа изложба само како (скап) маркетиншки потег во пресрет на следните избори. Како аргумент се користи фактот дека целата изложба чини нешто повеќе од годишниот буџет на тамошниот Музеј на современата уметност, кој, патем речено, по речиси една деценија реновирање неодамна повторно ги отвори вратите за публиката.
Натаму, српската премиерка Ана Брнабиќ е „обвинета“ дека е главен иницијатор за одржување на оваа изложба (односно дека се издвоени додатни јавни средства, надвор од буџетот наменет за култура), што веројатно треба да значи дека изложбата има политички предзнак. На овој впечаток, на некој начин кумува и самата уметница, која во бројните интервјуа, избегнува да дава оценки за политичката ситуација во Србија, а од друга страна практично прави ревизија на нејзиниот „комунистички“ период од живеењето во Белград (до нејзината 29-та година), оценувајќи го како „пуст“, „црн“, „беден“ итн.
Но, сето ова, нам, како луѓе што живееме „од онаа страна на светот“, ова не ни е битно и не мора да ни биде битно. Како што, впрочем, не ни се битни ниту перформансите на Абрамовиќ, ниту, пак, концептуалната уметност. Всушност, не ни е битна никаква уметност.
Министрите за култура се најчесто партиски апаратчици, ставени на тоа место да ги спроведуваат политиките што од нив ги очекува партијата, а не луѓе со стратегија за креативните индустрии и уште повеќе со сфаќање на овој сегмент на човековото живеење
Велам, ги следам полемиките и контроверзиите околу ликот и делото на Марина Абрамовиќ и – завидувам. Во мојот не толку кус професионален новинарски живот во областа на културата, ете, не можам да се сетам на една барем малку посериозна дебата што би ги зачнала прашањата на односот на уметникот и политиката кај нас. Сѐ се сведува на чаршиски оговарања и зошто Дарко Лешоски беше поставен за претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. И кој писател ќе биде следен во отстрелот во онаа несреќна лустрација.
А потоа се ослободивме и врвот на нашиот систем на вредности го лоциравме кај Цеци, Брени, Лукаси… И после Боки 13 ни е виновен! Е, па, виновен е!
Значи, не се сеќавам кој било премиер во овие речиси три децении независност да покажал каков било афинитет кон уметноста, освен евентуално како некаков преамбициозен и фрустриран неимар (таканареченото „Скопје 2014“, но не се мисли само на овој монструозен проект).
Министрите за култура се најчесто партиски апаратчици, ставени на тоа место да ги спроведуваат политиките што од нив ги очекува партијата, а не луѓе со стратегија за креативните индустрии и уште повеќе со сфаќање на овој сегмент на човековото живеење.
Имаше такви потези на власта, ама во она некое време на „црниот“, социјализам, кога овдешниот Музеј на современа уметност беше „лидер во регионот“,а потоа се ослободивме и врвот на нашиот систем на вредности го лоциравме кај Цеци, Брени, Лукаси
Тука е време да ставиме една фуснота: Во Словенија егзистира нешто што се вика Центар за вселенски уметности. Негова задача е да ги испитува можностите за создавање уметност во вселената и за нејзиното влијание врз вселенските патници. И уште нешто што никако не е небитно, буџетот на Центарот се брои во цифри со шест нули во евра, главно финансиран од европските фондови.
Но, да не се разбереме погрешно. Уметноста не е одвоена од другите општествени сегменти. Се прават и тука некакви мали исчекори, како впрочем и во другите делови на општественото живеење, главно врз напори на ентузијазмот на некои поединци. И со сесрден обид на државата да ги намалува средствата токму на полињата каде што се направени овие исчекори.
Резултатот е познат: протекуваат тајни документи од обвинителствата, се појавуваат безбројни компромитирачки телефонски снимки, премиери ни се во бегство, корупцијата е начин на живот, масовното иселување не прекинува, главните дебати се водат околу тоа дали пропагандните портали смеат да објавуваат факсимили од тајните документи или не, во јавниот говор е доминантна омразата, Собранието е неспособно да донесе еден нормален закон…
Некој ќе каже дека уметноста нема никаква врска со погоре наброените карактеристики. И таа констатација ќе биде уште еден производ на нашата стварност. Култивирани општества не живеат како нас. Бидете во тоа убедени.
И каде е одговорот на оваа состојба? Токму тука – во недостигот на одговорот. Во отсуството, во дистанцата и во баналните детали. Во нашите животи.