Регион

Спомениците на „националните херои“, предизвикаа поделби во Црна Гора

Властите беа обвинети дека со својата двосмислена официјална политика на чување на сеќавањата, сакаат да остварат политичка корист

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во мултиетничка Црна Гора, во изминатите неколку месеци, спомениците станаа предмет на интензивна политичка полемика, при што се наведува дека откривањето на споменици на историски личности на албанската и на српската заедница, чии противници ги сметаат за неприфатливи, е провокација.

Тензиите околу ова прашање се заострија повторно во август, кога во општина Тузи, Црна Гора, беше откриен споменик на албанскиот националист, Дед Ѓо Лули, водач на востанието против Отоманската империја во 1911 година, што предизвика реакции на  опозицискиот просрпски сојуз во Црна Гора, Демократскиот фронт.

Да потсетиме, претставници на мнозинското албанско население во општина Тузи и на албанската дијаспора, открија споменик на Дед Ѓо Лули, пред неговиот поранешен дом во селото Бардај.

Дед Ѓо Лули го водел локално востание против владеењето на Османлиската империја на територија на Малесија во 1911 година, а бил учесник и во борбата од 1879 година, кога Плав и Гусиње, населени со бројни Албанци, станале дел од кнежеството Црна Гора.

Сепак, некои црногорски Срби, го опишаа поставувањето на споменикот како провокација, велејќи дека Лули се борел против Црногорците.

„Тој е познат, меѓу другото, и по тоа што се залагал, Плав и Гусиње, да не ѝ припаднат на Црна Гора“, се наведува на веб-страницата in4s, која се смета за блиска до опозициската партија, Демократски фронт.

Од друга страна, Никола Цамај, водач на албанската партија Демократски сојуз (ДС), изјави дека Лули е херој кој го заслужил своето место во историјата.

„Секој што се борел за албанската кауза е херој и патриот, а не контроверзна личност“, истакна Цамај.

Спор предизвика и поставувањето на споменик на албанскиот герилски водач, Јусуф Челај, во општина Вусање, во 2012 година.

Челај и неговите војници, заедно со нацистите, учествувале во масакрот во црногорското село Велика, во јули 1945 година, кога биле убиени 500 жени и деца.

Црногорскиот закон за споменици забранува чествување на соработници на окупаторските сили, на осудени воени злосторници, на фашисти и на личности кои ја негирале државноста на Црна Гора.

Демократскиот фронт побара од владата да го отстрани споменикот, но министерот за култура, Александар Богдановиќ, рече дека тој нема надлежност да го стори тоа.

Сепак, дозволите за поставување на споменици ги издава токму Министерството за култура, додека општините само ги извршуваат наредбите на Министерството за нивно отстранување, во случаите кога за поставувањето не е дадено потребно одобрение.

„Политичка злоупотреба“

Пуниша Рачиќ, српски пратеник и атентатор, фотографиран во 1926 година. Црногорските власти наредија да се отстрани неговиот споменик. Фото: Википедија комонс/ Државен архив на Бугарија.

Историчарот, Милош Вукановиќ, смета дека властите намерно дозволуваат да дојде до спор, кој создава тензии, кои ќе послужат за да се одвлече вниманието од социјалните и економските проблеми во земјата.

„Има политичка злоупотреба за секое прашање за кое има делумно несогласување во Црна Гора. Во повеќето случаи, ова нема никаква врска со споменикот, но Владата и опозицијата го префрлаат фокусот на јавноста од социо-економските теми, на теми актрактивни да го привлечат вниманието“, сугерира Вукановиќ.

Властите, исто така, водат нејасна политика во врска со поставувањето на споменици, за да не предизвикаат незадоволство кај националните малцинства, додава тој.

„Наместо јасно да ги објасни причините за поставување на секој споменик и да презентира научно објаснување, Владата одговара со задржан став“, потенцира тој.

Но, владата не беше резервирана кога во јули 2017 година ѝ нареди на општината Андријевица да го отстрани споменикот на Пуниша Рачиќ, српски пратеник од Црна Гора кој го уби хрватскиот лидер, Стјепан Радиќ, во југословенскиот парламент во 1928 година, отворајќи го патот, набрзо потоа, да дојде до потиснување на парламентарната демократија во Југославија.

Потомците на Рачиќ тврдеа дека споменикот е подигнат на приватно земјиште, но сепак го отстраниј пред властите да дојдат да го урнат.

Во 2003 година, власта со динамит го дигна во воздух подестот на споменикот на лидерот на четничкото движење во Црна Гора, Павле Ѓуришиќ, подигнат без дозвола во селото Заостро. На уривањето беа присутни припадници на специјалната полиција, заради стравување од евентуално насилство, со оглед на силното спротивставување на приврзаниците на Ѓуришиќ.

Поддржувачите на Ѓуришиќ тврдат дека тој бил антифашист и борец за ослободување на Црна Гора, но некои историчари велат дека тој лично ја водел четничката војска, во жестоки борби со партизаните во Црна Гора, во име на италијанската армија, која ја окупира земјата во 1941 година. Војниците на Ѓуришиќ се сметаат за одговорни за убиствата на стотици цивили во северниот дел на земјата.

„Двојни стандарди“

Контроверзниот споменик на Дед Ѓо Лули. Фото: БИРН

Пратеникот на Демократскиот фронт, Будимир Алексиќ, изјави дека Владата има двојни стандарди кога станува збор за спомениците, дека не реагира кога националните малцинства подигнуваат споменици на свои херои и оти истото им го забранува на Србите.

„Сè што сакаат малцинствата, властите им дозволуваат. Владата и не се прашува дали се работи за (споменик на) воен злосторник или контроверзна личност. Тие ги толерираат желбите на малцинствата, затоа што тие се дел од власта“, вели Алексиќ, алудирајќи на партиите на албанското, бошњачкото и хрватското малцинство, кои се дел од црногорската владејачка коалиција.

„Од друга страна, на Србите им е забрането да поставуваат споменици. Сето тоа е политика“, потенцира тој.

Црна Гора, со околу 630.000 жители, е мултиетничка држава при што е невообичаено тоа што ниту една заедница која живее на нејзина територија, не сочинува повеќе од половината од нејзиото население.

Околу 45% од населението се идентификуваат како Црногорци, околу 29% како Срби, 5% како Албанци, а Бошњаците и Хрватите сочинуваат помалку од 5 % од населението.

Тековниот спор околу спомениците доаѓа во време на дебата која се води за правата на националните малцинства во Црна Гора.

До ескалација на ситуацијата дојде минатиот месец, кога властите најавија покренување обвиненија против организаторите на два концерта, на кои се вееле албански, односно српски знамиња.

Иако во Црна Гора на националните малцинства не им е забрането поставувањето на нивните национални симболи, тие, покрај нив, се должни да го постават и црногорско знаме, инаку ќе се соочат со казна од 100 до 500 евра.

Минатата година, албански туристи беа казнети со парична казна во висина од 230 евра, поради веење на албанското знаме во Будва.