Изминативе денови, како што веќе е познато, изби голем корупциски скандал во драмската уметност, со епски димензии и сериозни реперкусии по иднината на македонската култура „како таква“, но и пошироко, познат уште како аферата „Гроздан“. Како директен учесник во скандалот, решив да признам пред целата јавност како течеше заговорот против буџетот на Република Македонија од самиот почеток па сѐ до неговиот неславен крај.
Едно мрачно есенско попладне добив повик од лицето Ѕвездан Георгиевски, оттука натаму означено со иницијалите Ѕ.Г. заради пресумција на невиност, со кого признавам дека одамна се познавам, дури сме соработувале и во разни други операции против државата. Ѕ.Г. ме праша дали можам да поминам од кафеаната „Јоле“.
И самата локација веќе навестуваше некаква сомнителна зделка, зашто таа е добро затскриена од очите на широката јавност и е место на кое се случувале безброј писателско-криминални договорања и во минатото. Прашав што е целта на средбата, а Ѕ.Г. преку шифри ми одговори дека станува збор за драматизација. Морници ми го полазија телото од страв.
Како што е познато, јас по професија сум автомеханичар и се изненадив зошто некој би ме барал за драматизација на роман. Овде нешто смрдеше, но ни на крај памет не ми беше дека се готви опасен корупциски заговор против буџетот на Република Македонија.
Кога пристигнав во „Јоле“, Ѕвездан беше веќе седнат. Освен традиционалниот карафиндл кој секогаш е на масата на која седи Ѕ., а ретко го употребува, зашто не оди со пиво, забележав дека не е сам, туку со некој човек, за кој се испостави дека е режисерот Филип Херин, понатаму во текстот само Ф.Х. заради пресумција на невиност.
Како што е познато, јас по професија сум автомеханичар и се изненадив зошто некој би ме барал за драматизација на роман. Овде нешто смрдеше, но ни на крај памет не ми беше дека се готви опасен корупциски заговор против буџетот на Република Македонија
Ме прашаа најдиректно, без срам и перде: Дали би бил драматург на претставата „Недела дена од животот и смртта на Гроздан“ според истоимениот роман? Без да размислам подобро во каква авантура се впуштам, се согласив. Така станав соработник на театарски проект со длабока корупциска позадина.
Е сега, зошто не врбувале некој од комисијата за драмска дејност, каде што се конкурира со театарски проекти? Па, протресете си ја малку главата! – за да не падне ништо сомнително. Колку итро, да не речам подло од лицата Ѕ.Г. и Ф.Х. Какви криминални умови, сѐ уште не ми се верува. А ти ги мислиш најобични уметници, едниот дури и со години се претставува како новинар.
Дури не ми ни кажаа за своите сознанија за мојата иднина, па јас останав и понатаму зачуден зошто токму мене, автомеханичар, ми се обратија за една таква субверзивна дејност каква што е драматизација на роман.
За пари на таа прва (додуша и последна средба) многу не се разговараше, поради присуството на невообичаено голем број луѓе во кафеаната, и тоа за време на ручек, кога обично кафеаните се празни. Но, тоа не значи дека не постоел план. Планот бил да се украдат неколку десетици милиони евра од буџетот на Република Македонија. Но, по кратка дебата, аплицирале за 15.000 евра, со идеја да добијат барем четири. Имено, како што јавноста добро знае, овој проект токму толку пари подоцна и добил од комисијата за драмска дејност.
Како требало да се дели пленот? Откако ќе се платат просторот во Кино Култура, светлото, звукот, актерите, инспициентот и суфлерот, планот беше парите што ќе останат, вкупно околу петстотини евра, режисерот Ф.Х., авторот Ѕ.Г. и мојата маленкост, драматургот С.К., да ги скријат во шише, да ги прикажат како хонорари, да побегнеме тројцата на некој рајски остров, каде што сакавме да отвориме оф-шор компанија, да ги испереме, да ги поделиме по сто и педесет евра по човек, а потоа да се вратиме како културни олигарси во земјава.
Но, будното око на македонското независно истражувачко новинарство ја откри навреме аферата и целата работа пропадна. Сега се очекува Антикорупциската комисија и другите надлежни органи да постапат по случајот и оваа афера да се документира како еден од најголемите успеси на македонското истражувачко новинарство.
Ова, во кратки и во долги црти, е аферата „Гроздан“. Барем она во што би сакале да веруваат душегрижниците од Фејсбук и неколкуте портали кои ја презедоа на себе тешката задача да бидат шарена инквизиција – куче чувар да не некој од членовите на славната Шарена револуција застрани од својот пат и реши да стане криминалец.
Ги молам сите антикорупциски органи во земјава и секако почитуваната шарена инквизиција да продолжат будно да ја следат состојбата, да не случајно се премислам и да фатам да го драматизирам Гроздана, а потоа со парите од хонорарот и со фалсификуван пасош да избегам во непознат правец
Вистината, додуша, е малку поинаква. Како што веќе напишав и на светите страници на Фејсбук, никогаш во животот не сум добил пари од Министерство за култура, ни за роман, ни за театарска претстава, ни за филм. И за Гроздан се откажав, се разбира. Во секој театар во Македонија има барем по тројца вработени драматурзи, без проблем ќе најдат замена. Особено за таа пара, хе-хе-хе.
Романите „Самецот“, „Ноќ на железничката станица во Розендал“, „Изабела, Исмаела и јас“ (2003 и 2004, време есдеесовско) и „Ние сме лудаци“ (2016, време вмровско) сум ги издал со пари од свој џеб, односно, во последниов случај – со заеднички влог со издавачката куќа „Или-или“.
Што се однесува до театарските претстави, единствената досега – „Крвта не е вода“ (2011, Драмски театар) исто така беше приватен проект, без поддршка од Министерството за култура, а јас бев единствениот од екипата кој работев без никаков хонорар, од љубов.
За жал, ете, не сум автомеханичар. Петнаесет години објавувам романи и драми, дури и сум поминувал на комисии, но потоа „од повисоко“ ме чкртале како неподобен. Овојпат ја имав честа да си се чкртнам сам од списокот уште истиот ден кога станав член на комисијата.
Како е да се биде член на комисија за издаваштво? Читањето ракописи, рецензии и биографии (1.300 проекти годинава) е мачна работа, но интересно искуство. Финансиски, не само што не е исплатливо туку е мазохистичка работа, или како што би напишал генијалниот Кишон: Помози свету, на своју штету!
Давај си пари од џеб за приватни изданија и лапај си корупциски скандали! Кој го тоа може, дами и господа? Жена ми вели – само будала како тебе.
Има, сепак, уште една придобивка од сево ова. Човек може да разбере, на пример, дека ние не сме лудаци, туку сме многу расипани.
П.С. И покрај овој мој исказ, ги молам сите антикорупциски органи во земјава и секако почитуваната шарена инквизиција да продолжат будно да ја следат состојбата, да не случајно се премислам и да фатам да го драматизирам Гроздана, а потоа со парите од хонорарот и со фалсификуван пасош да избегам во непознат правец.