Ајде, да не се веселиме

Колумна на Ирена Цветковиќ

Зад ритуалот на размена на зборови на надеж и „подобра година“ со блиските, зад уверувањето дека старата година ја оставаме зад нас и дека во новата влегуваме со оптимистичката фантазија дека од оваа година, од денес, од јануари, работите магично ќе станат подобри, се крие опасна замка.

Токму тоа е есенцијата на честитањето како ритуал, да се увериме дека нештата ќе тргнат сами од себе, дека доволно е да се означи нов почеток за светот да се усогласи со нашите желби и потреби. Немам ништо против честитките, напротив, често и самата ги повторувам. Не затоа што верувам во кажаното, туку затоа што одбивањето да се учествува во овој колективен ритуал е социјално неприфатливо. Никој не сака да биде намќор, па човек ќе си рече: ајде, да се веселиме.

Со ваква надеж и оптимизам, јутјуберот Мајк Блек во 2020 година го почна својот социјален експеримент, кој го нарече Million Dollar Comeback Challenge. Накусо, Мајк Блек е познат јутјубер и претприемач, милионер, кој си зададе задача да се лиши од своите имоти и заштеди со цел за 12 месеци повторно самиот да заработи милион долари. Соочен со сериозни здравствени проблеми, силни социјални и телесни симптоми на пропаѓање, Мајк го прекина експериментот по 10 месеци, период во кој успеа да заработи едвај 60 илјади долари.

Овој неуспех на Мајк не ни покажува дека успехот е невозможен, туку дека успехот во рамки на неолибералниот систем е условен, а не заслужен, дека неуспехот е структурен, а не морален, но и дека надежта, кога е приватизирана, станува технологија на владеење.

Незадоволството е разбрано како негативност, а критикувањето станува непристојно…послушните граѓани слават и се радуваат, а непослушните, просто се талогот на општеството, кои не знаат да се радуваат

Тоа е токму скриената идеја во повиците на нашиот премиер да се веселиме и да мислиме на позитивните работи за време на празниците, а богами и потоа. На ист начин како што милионерскиот предизвик има за цел да нè увери дека системот функционира, само ние треба да се трудиме доволно, така и Мицкоски нè уверува дека системот функционира, само ние треба да гледаме на него поинаку, попозитивно. И во двата случаи, одговорноста за успех е индивидуализирана, надежта е приватизирана, а нашата потчинетост е стабилизирана токму преку менаџирање на очекувањата наместо промена на условите.

Двата обида, и претприемачкиот проект на Блек, и политичките наративи на Мицкоски, оперираат низ истиот афективен механизам, кој бара од луѓето да останат приврзани на желбите и очекувањата, кои, всушност, го задушуваат нашиот потенцијал и живот. Лорен Берлан, тоа го нарекува суров оптимизам. Споделеното инвестирање во овој суров оптимизам не значи верување во лаги. Тоа значи останување апсолутно лојални на системот дури и кога сме свесни дека тој е нефункционален затоа што напуштањето на оваа идеја би значело дестабилизација.

Владеењето на Мицкоски е токму низ овие стратегии. Кога премиерот нè повикува да се фокусираме на позитивните работи, да ги прославиме изолираните подобрувања или да ги одложиме критиките за по празниците, тој, всушност, нè повикува да се инвестираме во суров оптимизам. Тој не ја негира кризата што ја живееме, тој е посветен на менаџирање на начините на кои оваа криза граѓаните ја чувствуваат.

Па така, власта нè повикува да останеме емоционално „закачени“ на идејата дека токму во овој систем, работите, сепак, се движат нанапред. Незадоволството е разбрано како негативност, а критикувањето станува непристојно, во незгодно време или штетно. Со други зборови, послушните граѓани слават и се радуваат, а непослушните, просто се талогот на општеството, кои не знаат да се радуваат.

Кога Мицкоски бара од нас да бидеме позитивни, тој не зборува од позиција на грижлив човек, туку од позиција на премиер, кој си дозволува да управува со јавните емоции. Тоа управување не е неутрално, тоа е длабоко класно. Притисокот да се остане позитивен не се распределува рамномерно. Привилегираните можат да си го дозволат оптимизмот затоа што системот, по правило, им ги исполнува очекувањата. Од прекаријатот, пак, се бара да перформира оптимизам спротивно на сопственото искуство, да верува во ветувања што реалноста постојано ги изневерува.

Ако си лут, тогаш си непрофесионален, ако си критичен, тогаш си токсичен намќор, ако си изморен, тогаш си слабак, ако си песимистичен, тогаш си неодговорен

Она што Блек го инсценира како експеримент, Мицкоски го институционализира како политика на расположение. Неуспехот на јутјуберот се третира како изолиран исклучок, додека веселоста на Мицкоски, системските тешкотии на луѓето ги сведува на привремен шум, наводно продуциран од опозицијата и од некои „зли луѓе.“ Во двата случаи, издржливоста и трпеливоста морално се возвишуваат, критиката се дискредитира како непотребен песимизам, а колективната одговорност се распарчува и се префрла во сферата на индивидуалниот став.

На тој начин, нееднаквоста се трансформира во психолошка хиерархија. Успешни се оние што се дисциплинирани, позитивни и послушни, а неуспешни се оние што се огорчени, лути, негативни. Резултатот од овој маневар е преозначување на структурната критика како лична патологија. Одеднаш, позитивното мислење станува обврска.

Во неолибералниот свет, ние повеќе не сме охрабрени да се надеваме, туку сме одговорни за сопствената емоционална ориентираност кон светот што нè опкружува. Што инаку значи барањето да се веселиме и да мислиме позитивно, освен без приговор да ја прифатиме реалноста што нè исцрпува, да ги апсорбираме сите разочарувања без многу кукање и системскиот неуспех магично да го претвориме во лична мотивација. Колку и на прв поглед тоа да изгледа просто како една психолошка состојба, тоа е несомнено труд.

Емоционалното менаџирање на кое сме присилени е истовремено и илузија, и неплатен труд.

Кога оптимизмот станува задолжителен, луѓето постојано мора да ги регулираат фрустрациите, да ја потиснуваат лутината, да го неутрализираат очајот и да се претстават себеси пред светот како благодарни и задоволни. Тоа е емоционален труд, кој како секој труд, во рамки на неолибералните системи, е нееднакво дистрибуиран, скриен и експлоатиран најмногу кај тие што имаат најмалку моќ.

Oдбивањето да се веселиме по наредба е мал, но значаен гест, тоа е прв чекор кон емоционална и политичка непослушност кон системот што бара да сме насмеани додека нè гази

Во таков систем, самите емоции стануваат продуктивна сила. Оптимизмот ги стабилизира институциите, го намалува потенцијалниот отпор, нè држи функционални, дури и во најсуровите услови. Не попусто владата и премиерот инвестираат толку во јазикот што мотивира, во идејата за издржливост и резилиентност, во „позитивните мисли.“ Кога позитивноста станува обврска и труд, тогаш оние што не ја перформираат, стануваат самите виновни за личната и колективната пропаст.

Ако си лут, тогаш си непрофесионален, ако си критичен, тогаш си токсичен намќор, ако си изморен, тогаш си слабак, ако си песимистичен, тогаш си неодговорен. Структурното насилство така станува емоционална некомпетентност. Па така, не само што од нас се очекува да работиме повредно, туку и да се чувствуваме подобро, да се смееме почесто, да веруваме долго токму во она што постојано нè изневерува.

И во експериментот на Блек и во политичките пораки на Мицкоски, оптимизмот престанува да биде чувство и станува труд, еден вид наметната обврска емоционално да се компензира за систем што одбива да се промени. Токму затоа, одбивањето да се веселиме по наредба е мал, но значаен гест, тоа е прв чекор кон емоционална и политичка непослушност кон системот што бара да сме насмеани додека нè гази.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија