Сите, и оние што се „за“ и оние што се „против“, дури и оние од Самоубиствениот вод на #бојкотирам, знаат дека на 30 септември државава треба да помине преку мост. Знаат дека на другата страна, отаде мостот, има некаква шанса за нормалност. Знаат дека на оваа страна нема таква шанса и оти веќе четврт век се давиме во мочуриште. Знаат дека нема друг, алтернативен пат.
Зошто тогаш има толку многу минери-лудаци меѓу нас кои тој мост сакаат да го разнесат и тоа додека и самите стојат на него? Зошто и некој фин процент, макар биле и малцинство според анкетите, се спремни да се израдуваат на уривањето на мостот, и тоа во моментот кога два милиона луѓе се сообраќаат по него во очајнички обид да си ја сменат реалноста без да мора да ги сменат пасошот и државата?
Мост, како и секој друг, си има своја статика. Ако статиката му е лоша, ќе падне. Ако во конструкцијата, наместо железо се прошверцува цела арматура од лаги, не мора ни да се минира, не мора да го акне ниту ГРОМ на Стевчо, сам ќе падне сосе сите два милиона луѓе.
Но, зошто? Зошто тоа некој би го правел, а некој друг доброволно би учествувал во таквиот терористички чин за тотално себеуништување до конечно себеистребување?
Мислам дека не станува збор за хомогена група луѓе, по ниедна основа. Генерално, тоа се три групи луѓе.
Потоа има една друга поголема група луѓе кои ги шират лагите. Главно станува збор за луѓе заболени од вирусот западнонилска или македонска треска, односно тоа се единки и групи убедени дека сè што е западно и северно од Нил е Македонија со Александрија како главен град, а тие како припадници на библиската македонска раса која од завист ја мрази целиот свет, но благодарение на нивната национална и расна самосвест, никој ништо не ни може, особено сега кога имаме држава распослана на неверојатни 25.713 квадратни километри.
Се делат на повеќе подвидови: цидари-мајстори, масони, припадници на разни ложи, особено на „задња десна ложа“,антички комити, независни патриоти, интелектуалци, квазиинтелектуалци и замалцеинтелектуалци, дијаспора, вљубеници во убавините на Скопје 2014 и новопеченистарословени убедени дека кога Путин сабајле се чеша за јајцата, всушност загрижено размислува за Македонија.
И конечно, тука се оној широкораспространет трет круг на луѓе, кои лагите си ги голтаат како поп сарма, зашто не сакаат да се замараат со политика и носат немирен хејтерски дух во себе.
Кои се лагите што се обидуваат да ги „учукаат“ во арматурата на мостот? Еве ги десетте најголеми:
1.Ако го урнеме овој договор, ќе има подобар. Ќе има нов договор на Куково лето. Можеби и малку порано, ако се смени власта побрзо. Да, ако оваа слободољубива патриотична мисла победи, ќе биде урнат Договорот од Мала Преспа. По што, еден ден, во мала Преспа ќе седнат Мицкоски и Мицотакис, и ќе направат подобар. Особено подобар за Македонија. Затоа што грчките националисти од Нова демократија едвај чекаат да ѝ помогнат на Македонија да ја тргне географската одредница и да нè ослободат од обврската за ерга омнес. Стварно треба да се биде имбецил и да се верува во ова, но не велам дека нема такви.
2.Со масовен бојкот договорот ќе пропадне. Тикви ќе пропадне. Ако бојкотираш, оставаш друг да одлучи. Ако не одлучат граѓаните, нема да остане неодлучено, туку ќе одлучи Собранието. Така што да се бојкотира е легитимно, но сè што е легитимно не и паметно, зашто има секакви будали и којзнае што може да решат место тебе.
3.Ако останеме надвор од евроатлантските интеграции, ништо битно нема да се смени. Прво, дури и да не е лага, проблем е ако во една ваква скапаница од држава, руинирана по сите основи, без вистински институции, инфраструктура и со срозен здравствен, образовен, културен систем, не знам колку е добро ништо битно да не се смени. Второ, лага е. Ќе се сменат многу работи. Криминалот, корупцијата и лошиот животен стандард ќе ескалираат ако се откажеме од евроатлантските перспективи, а македонската економија долгорочно ќе остане закована во ковчегот наречен македонски пазар.
4.Е да бе, Швајцарија и Норвешка на референдуми решиле да останат надвор од ЕУ, па ене ги, супер им е стандардот. Да, точно, супер им е. Така што, ако веруваш дека Македонија е исто што и Швајцарија или Норвешка, со референдумот си океј, провери си се само дали си океј со здравјето.
5.Британците излегоа од ЕУ, глупо е ние сега да влегуваме, само што не се распаднале. Да, точно е ЕУ само што не се распаднала. Инаку, ти добар си? Децата во Германија како се, се јавуваат? Ќе одиш годинава на сезонска работа во Италија или ќе береш портокали во Грција?
6.Сами ќе си ги одбраниме независноста, суверенитетот, границите… Не, Македонија не е онаа истата од времето на Александар Македонски кога ги прошири границите на три континенти, како што ве научија професорите по историја. Вистината е дека капацитетите на оваа денешнава Македонија се прилично мали и таа тешко би можела самата да се заштити од надворешна или од внатрешна агресија. Ако стане матна сфера на интереси, со заматена евроатлантска ориентација од референдумското изјаснување, влегува во континуирана безбедносна опасност со отворена можност да послужи за разни геополитички поткусурувања (и ова се случувало, зар не, го има во истите учебници по историја, се разбира ако не ве интересира единствено антика). Освен тоа, денешна Македонија е брак од интерес на двете најголеми етнички заедници. Заедничкиот интерес им се ЕУ и НАТО. Без нив, бракот нема да опстои. Нема дури да опстои ниту бракот на „прозападните“ и „антизападните’ Македонци, и тој ќе се растури. Знаете како се растураат вакви бракови? Ако не знаете, отворете Гугл, и изгуглајте го зборот „Syria“.
7.Ако помине договорот, идентитетот е загубен. Лага. Тешка лага. Идентитетот не може да се загуби со договор, тоа е она со што се идентификуваш. Кога сме немале татковина, јазикот бил нашата татковина, затоа што сме се идентификувале преку јазикот. Македонскиот јазик не е загрозен, барем не со овој договор, а освен тоа имаме и татковина. Идентитетот на Македонците може да исчезне само ако Македонците исчезнат. Вистината е брутално јасна – поголема шанса тоа да се случи е ако останеме надвор од ЕУ и НАТО. Ова ќе ви го признае дури и вмровец уште пред втората испиена ракија. Тогаш чуму лаги дека идентитетот е во опасност?
8.Ќе станеме Северномакедонци. Нема.Ќе бидеме Македонци од Северна Македонија. Како што не станавме ни фиромци додека државава ни беше со привремено име. Како што сме биле Македонци од разни држави во кои сме живееле. Јас се родив како Македонец од Југославија, баба ми и дедо ми биле Македонци од СХС, нивните баби и дедовци Македонци од Отоманската Империја итн…
9.Ако гласам против, ќе го казнам Шилегов за комарците. Да, кога ќе те касне комарец знае да биде непријатно. Ако сте алергични ко мене, може да ви се подуе кожата на местото на убодот. И да, Град Скопје прилично дилетантски се однесува кон банални проблеми и ги нервира луѓето. И да, уште поидиотски е да се крадат државни пари. И да, ова со иновациите и со тендериве смрди на корупција, корне. И да, стварно е моронски да се оди на одмор со полициски џип. Но, додека си ги чешате убодите од комарците, почешајте си ја главата. Поставете си едно едноставно прашање: дали од лоши политики и политичари, па и од комарци, полесно ќе се одбраниме ако станеме нормална држава или ако останеме мочуриште.
10. Одбирањето на помалото зло, сепак, е одбирање зло. (академик Ќулавкова) Ова не е лага само по себе, вистина е дека и помалото зло, сепак, е зло… Но, сепак ваквите тези, содржат една мала бела лага во себе, односно едно мало премолчување. Имено, не кажуваме што избираме кога го избираме поголемото зло. Во контекст на референдумот, сите, а особено интелектуалците се должни да кажат по нешто и за големото зло, не само за помалото. Да се надеваме дека ќе се најде храбар академик да го соопшти другиот дел од вистината, односно да ни каже што избираме ако го избереме поголемото зло. Инаку, да, МАНУ, се разбира дека нема никаква вина што денес избираме меѓу две зла.