Триумфалната капија конечно ја доби својата смисла. Американската војска и официјално помина под неа. На тој начин Скопје и Македонија влегоа во списокот на најважните европски градови и држави низ чии триумфални капии поминале американските војници, а поминале низ сите. Или барем низ најважните.
За волја на вистината, и не беше некоја војска, 20 најмногу 30 војници. А и не беше некоја механизација, 6-7 оклопници, меѓу кои и еден багер. Да бидам искрен, мене многу повеќе ме импресионираше механизацијата што на улиците ја вадеа протестантите „за заедничка Македонија“, отколку оваа што ја изложи најмоќната армија на светот.
Од некои објективни околности, задоцнив на импровизираното презентирање на американскиот авто-парк, односно стасав на самиот крај, кога возилата полека маневрираа за да ја напуштат локацијата. Возачите на оклопниците тоа го правеа со повеќекратна асистенција на останатите војници, што значи дека не делуваа премногу убедливо во своите вештини.
Убеден сум дека луѓето од „Трансмет“ многу повешто би ги извеле овие маневри. Токму затоа, кога разбрав дека имало некоја група која протестирала против НАТО и против оваа презентација, бев сигурен дека протестирале луѓето од „Трансмет“ или во најмала рака Борис Дамовски и Богдан Илиевски.
Конечно, и тие нешто се обидуваа со механизацијата во контекст на Триумфалната капија. Не видов, велам, ама разбрав дека полицијата интервенирала во духот на овдешната традиција на полициска држава – употребила секира онаму каде што работите се решаваат со скалпел.
Како и да е, лично мислам дека градоначалникот Коце Трајановски треба и официјално да побара од САД да ги откупи изложените експонати. Тие одлично се вклопија во целиот амбиент на централниот плоштад во Скопје. Заедно со она вовче кое непрекинато вртеше крукчиња во непосредна близина и онаа чеза ли е, пајтон ли е, со оние два кутри коња, како основна овдешна туристичка атракција.
А најдобро се вклопуваа со оној импровизиран луна-парк пред зградата на Телеком. Конечно на американските возила најмногу им се израдуваа – децата. И „Дестан“ од каде што американските војници купуваа гајби кока-кола и вода за пиење. На тој начин „Дестан“ оствари директен извоз во САД на дел од својот асортиман.
Да бидам искрен, мене многу повеќе ме импресионираше механизацијата што на улиците ја вадеа протестантите „за заедничка Македонија“, отколку оваа што ја изложи најмоќната армија на светот
Поради фактот дека, слично на Никола Груевски, и јас редовно доцнам на најголемите настани во македонската историја, не видов дали американската војска беше пречекана со цвеќиња и знаменца, како што тоа тука вообичаено се прави кога парадира странска војска. Видов само две-три балончиња, наместени на стратешките места на тротоарот како латентна терористичка опасност за американската војска.
Веројатно затоа пукањето на еден од тие балони предизвика вистинска узбуна кај припадниците на македонската полиција, кои очигледно имаа известување за евентуални напади и инстинктивно реагираа на секое поочигледно движење во малубројната публика. За разлика од 27 април, на пример.
Мислам дека не е случајно дека оваа шарада се приредува во пресрет на 2 Август, најголемиот празник на македонската самобитност, и во пресрет на 1 август, денот на потпишувањето на Договорот за соработка и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Кога Американците веќе не стасаа во таа 1903 година или барем на 13 ноември 1944, веројатно ни сега не е доцна да се претстават како ослободители.
Претпоставувам дека тогаш не дошле до тука, затоа што разбрале дека немаме Триумфална капија, па мотивацијата драстично опаднала. Од друга страна, ова е порака и до нашите бугарски пријатели – каде е, бре, бугарската војска триумфално да прошета под Триумфалната капија.
Американската воена презентација има сериозен позитивен ефект за Триумфалната капија во Скопје. Ако поради ништо друго, тогаш поради очекуваниот ефект на превртување на цревата на идејниот творец на овој кич-мастерпис на монструозното Скопје 2014
Ајде сега малку посериозно. Американската презентација во Скопје не беше воена парада. Ако не сте гледале на телевизија како изгледа воена парада, прашајте ги постарите. Тие помнат какви паради, дури и во Скопје, правеше тогашната ЈНА, армијата на државата чие знаме го носеа анти-НАТО протестантите токму на оваа презентација.
Се разбира, не беше ниту воена вежба, затоа што никој не вежбаше ништо и затоа што, повторно велам, постарите искусиле што значи воена вежба, дури и цивилите во таканаречените „Сите во одбрана и заштита“ – вежби, повторно во земјата, означена со споменатото знаме. Не беше ни демонстрација на сила, затоа што немаше никакви манифестации на сила (освен кај македонската полиција).
Ова, едноставно, беше приредба од американската естрадна политика, во смисла, демек, „Запознајте ја американската армија“ како нормални и пријателски луѓе, кои се подготвени да се дружат со резидентите и со овдешните деца. Единствениот проблем е што слухот за американската воена естрада не е секаде идентичен, односно не е ист како оној што го има просечниот Американец. Да не кажеме дека ни симпатиите во светот кон американските војници не се исти како симпатиите што ги има американскиот даночен обврзник кон нив.
Сепак, значајно е што оваа презентација е токму во пресрет на Илинден и значајно е дека ќе прошета низ Републиката. Значајно е затоа што се вклопува во основните идеи на Крушевската република. Без оглед на тоа дали Крушевскиот манифест е историски фалсификат, како што тврдат некои, тој прецизно го отсликува духот на Крушевската република.
Хипотетички гледано, денес Крушевската република би ги имала истите евро-атлантски аспирации и би се стремела да влезе во НАТО, а американската воена презентација е токму тоа – потврда на македонските аспирации за НАТО. А дали би го потпишала македонско-бугарскиот договор? Се разбира дека ова е реторичко прашање. И се разбира дека ќе го потпишат.
Но, не се откажувам од тврдењето за позитивното значење што американската воена презентација го има за Триумфалната капија во Скопје. Ако поради ништо друго, тогаш поради очекуваниот ефект на превртување на цревата на идејниот творец на овој кич-мастерпис на монструозното Скопје 2014. Претпоставувам дека најмалку очекувал американски оклопници да минуваат под неа.