Сакам и се обидувам да „влезам во чевлите“ на жената што пријави непостоечко исчезнување на непостоечко петмесечно бебе. Што ја натерало да измисли една таква неверојатна, па и монструозна лага? Мислела ли дека ќе помине такво нешто без посериозни последици? Или можеби сега чувствува некој вид олеснување откога не мора повеќе и самата да живее во лага.
Надри-психијатрите од мој маштаб, „на прва топка“ би рекле дека се работи за психопатологија, некоја дијагноза, која бара сериозен медицински третман. Можеби би биле во право, но јас сум склон да поверувам дека не се работи за исклучок, туку за појава која влегува во општествената, а не во индивидуалната патологија. Тоа, се разбира, не ја исклучува можноста општествената патологија да влијае и врз индивидуалното здравје. Напротив. И тоа како влијае. Или што би рекле нашите северни соседи: „Кој тука нема да полуди, тој не е нормален“.
Значи, можам да претпоставам дека силни причини ја натерале жената да пријави лажна бременост. Можам лесно да претпоставам дека заднината може да биде барање излез од семејното психичко и физичко насилство.
Останува фактот дека само жената е приведена за лажно пријавување. И само таа ќе го носи жигот што ќе ѝ го залепи ова општество. Мажот ќе биде сожалуван. Тој е жртвата
Можам да претпоставам дека во македонското доминантно примитивно општество постои сериозен притисок и бесрамно жигосување на жените што немаат деца. Сведочам дека „традиционалните вредности“, олицетворени во „идеалот“ на семејството што го сочинуваат маж, жена и најмалку едно дете, никогаш не биле на толку висока цена како што се денес. Знам дека ако тој „идеал“ не се оствари од кои било причини, по правило вината паѓа на жената. Таа е „јалова“ и како таква безвредна, односно вредна само за презир. Таа е „нереализирана“, и како таква е суштество од долен вид.
Видливоста на општествениот притисок врз мажот во вакви случаи е далеку помала. Но, тој и тоа како постои. Мажот е предмет на сожалување. Тој е „квалитетниот“, ама, ете, таа не му раѓа деца. А времето на „безгрешни“ зачнувања (кои зачнувања се грешни?) е одамна поминато. Што треба мажот да стори за да се „социјализира“ со средината, односно да ја излечи сопствената фрустрација дека не е „ист како другите“? Да ја презре сопствената сопруга? Да ја остави како искината кондура и да побара некоја нова која „ќе му роди деца“? А што ако и таа другата „не му роди деца“? Да ги менува додека некоја не му се погоди?
Лесно ми е да замислам во една ситуација, каде што притисокот на средината и поширокото семејство е уште поинтензивен и поболен од оној што јас можам да го опишам, единствениот или барем „најлесниот“ излез е во – лагата!
Со лагата дека жената е бремена се купува мир барем неколку месеци. Меѓутоа, потоа почнува да се врти маѓепсаниот круг на лажниот живот. Во еден момент следи лажно породување, па лажно бебе, па лажна болест на лажното бебе, сѐ до лажното исчезнување.
Од оние парчиња што можев да ги пофаќам по медиумите, исчезнатото дете го пријавиле двајцата родители, меѓутоа приведена е само „мајката“ за лажно пријавување. Претпоставувам дека МВР заклучило дека и „таткото“ е жртва на измамата на неговата партнерка. Зошто? Бил доведен во заблуда дека има дете, а немал!
Самиот факт дека жената успеала да одглуми цела бременост, потоа породување, плус дека пет месеци е мајка, а нејзиниот партнер да не забележи ништо, доволно говори за нашите „традиционални вредности“. Без намера да осудувам кого било (реков веќе дека сакам да им „влезам во чевлите“), тоа може да значи дека „таткото“ ниту еднаш не отишол со неговата партнерка на преглед. Дека не отишол да ја види по породувањето. Дека во пет месеци не отишол да го посети бебето во болница… Еве, да кажеме дека бил отсутен од земјата или од кои било други причини не можел да го направи тоа, сепак е претпоставка дека ќе покаже интерес барем преку своите роднини и блиски пријатели за здравјето на партнерката и на неговото бебе. Или можеби бил склопен цел заговор за да биде тој прелажан?
Но, сепак, останува фактот дека само жената е приведена за лажно пријавување. И само таа ќе го носи жигот што ќе ѝ го залепи ова општество. Мажот ќе биде сожалуван. Тој е жртвата.
Самиот факт дека жената успеала да одглуми цела бременост, потоа породување, плус дека пет месеци е мајка, а нејзиниот партнер да не забележи ништо, доволно говори за нашите „традиционални вредности“
Ако сакаме да се погледнеме во огледало, ова е една од бројните шанси. Во ова општество сите – лажат. Лажат политичарите, лажат медиумите, лажат институциите, лажат трговците, лажат олигарсите, лажат судиите, лажат педагозите, лажат историчарите, лажат лекарите, лажат пациентите… Лагата тука, всушност, е нормалност.
Да не одам подалеку од сопствениот пример. Кој ќе ја приведе државата затоа што ме довела во заблуда дека ми издала важечки документи, а тие сега не важат. Кој ќе одговара затоа што не се реализира закажаниот термин за фотографирање за истите тие документи, затоа што ме „немало во системот“. Па, затоа „системот“ ме упати да чекам ред во оние пунктови без закажан термин. Бидејќи, ако сакам да влезам во „системот“, тоа ќе можам да го сторам некаде во втората половина на септември следната година. Затоа што „системот“ така функционира. Лаже токму онолку колку што лажела несреќната жена.
Прашање од милион долари е кој ќе ми ја надомести мене материјалната штета за изгубеното време? И нематеријалната за изгубените нерви? И целото тормозење затоа што бев излажан дека имам валидни документи?
Се разбира, станува збор за „дозволени“ и општествено прифатливи измами затоа што се прават од позиција на моќ. Недозволени измами, оние кои ефикасно се решаваат, се само измамите направени од позиција на немоќ, од некаква потреба или едноставно за преживување во општеството, кое и самото се темели на бројни лаги.
Ние, едноставно, сме склони да ги прифатиме, па дури и да ги пофалиме оние што лажат за да се искачат повисоко на општественото скалило. Склони сме дури и да им се восхитуваме. Тие успеале во животот.
Но, уште повеќе сме склони да ги осудиме и жигосаме оние што самите себе се казниле да живеат во лага само за да преживеат.
Не, не можам да ја осудам жената што создала цел еден лажен свет само за да опстои во оваа средина. Се надевам, поточно знам дека, без оглед на епилогот, сега ѝ е полесно. Ѝ падна од душата големиот товар на лагата.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија