Ангели на отпад

На многумина им е смачено да ги слушаат рефрените од ДУИ за „невиден“ или не знам каков отпор, ако се сменела точка или запирка во Законот за употреба на јазиците. Смачено им е да слушаат фаталистички сценарија за албанскиот јазик, какви што реално никогаш нема да се случат. И преку глава им е од петардите што оваа партија ги расфрла низ јавниот простор, само за да го сврти вниманието кон себе, не гледајќи дека оди од грешка во грешка.

„Не е важно што правиме, важно е како изгледа“. Ова е принципот што ДУИ ја донесе до почетокот на крајот. Во сите овие години, нив најбитна им беше перцепцијата што ќе ја изградат за себе. Не им беше толку битно дали има реформи, туку – колку долго тие може да зборуваат за потребата од нив. Не им беше битно колку ја оддалечуваат земјата од ЕУ, битно им беше да си ја насадат придавката „европски“ во името на коалицискиот фронт.

Кога беа критикувани дека нивни кадри се впуштени во криминал, Ахмети, слаткоречиво се правдаше – па не се сите ангели во ДУИ. Кога требаше некои од ѓаволчињата да се соочат со правдата – бараше ветинг. Имаат обичај во ДУИ, секогаш кога ќе стане густо, да ги прешалтаат работите од еден на друг колосек. Што ќе им е судски процес „во рака“, кога може да се возат со ветинг „на гранка“?

Шибицарски принцип

По две децении во власта, примери за такво лицемерие има многу. Тамам човек ќе помисли дека со паѓањето во опозиција можеби и ќе почне лекувањето од лошите навики, ете го Бујар Османи со полна торба докази, дека никогаш нема да се откажат од најомилениот шибицарски принцип.

Тој смета дека е грешка што во јавноста излегло видеото што открива дека неколку министри играат фудбал во кабинетот на Артан Груби. Ни Османи не бил против тоа видео да се објави, но отпосле признава дека тоа било грешка во проценката.

Значи, воопшто не е грешка тоа што неколку министерски суртуци аздисувале и играле фудбал во државна институција во работно време, туку грешка е што го објавиле видеото.

За ова зборувам, тоа е нивниот принцип – не е важно што правиме, важно е како изгледа. Да не го објавеа видеото, никој не би знаел како аздисуваат, и натаму ќе градеа перцепција дека тие се „ангелите на ДУИ“.

Кумановци би рекле – „да виду, да не верују“. Но, Бујар нѐ убедува – ете  тоа сме вистинските ние, жалиме само поради видеото, не за постапката.

Внимавај што посакуваш

Како што се ближи новогодишната ноќ, мислам дека политичките партии ќе бидат повнимателни во тоа што го посакуваат. Бидејќи желбата може да им се оствари. Како што ѝ се оствари на ДУИ. Сакаа да имаат неодминлив коалициски потенцијал. Го добија. Посакаа да го густираат во стилот „само небото ни е граница“. Го густираа. На крајот, нивниот коалициски потенцијал стана и нивно проклетство.

Еве како. Го парчосуваа секојдневно имиџот на социјалдемократите надолж и попреку, до степен тој да биде препознаван само по сервилноста кон Мала Речица. Во последните седум години, СДСМ само формално беше водечка партија во коалицијата, но ДУИ секогаш беше последна во „синџирот на исхрана“. Го глодаше и цицаше СДСМ, го истроши и го исуши до непрепознатливост, го остави да наликува на р’ѓосана школка од хаварисано возило.

Беа уверени дека тоа на ДУИ ќе ѝ носи нови политички дивиденди и шанса да привлече нови партнери во нејзината коалициска орбита. И додека подмолно ја сечеа гранката на социјалдемократите, не видоа дека тоа е истата гранка на која и ДУИ седи заедно со СДСМ. Затоа на крајот паднаа и двете.

Јас, па јас

Сега и двете се поразени во секаква смисла. Коалицискиот потенцијал на ДУИ си остана нивно проклетство, поткрепено со слики од аздисување. Најмалку мислам на фудбалот во владините кабинети или на нивна узурпација за партиски седенки и роденденски прослави за нивниот лидер. Тоа беше само површната манифестација на забегувањето.

Нејзините корени се многу подлабоки, нахранети и разгранети низ дведецинско градење кадровска мрежа (образовна, административна, обвинителска, судска) за потребите на партијата, а не за потребите на граѓаните и државата.

ДУИ никогаш не ја анализираше реалноста низ т.н. имагинативна идентификација, која се изразува низ способноста да се ставиш себеси на местото на другиот, да влезеш во туѓите обувки, да погледнеш од гледна точка на другиот и да видиш што е неопходно за функционален демократски систем.

Егоистичните изблици „Јас, па јас“ или „Никој како јас“ не се формули што водат кон успех. ДУИ занесена со своето „мисионерство“, ниту признаваше какви било грешки, ниту сакаше да се занимава со чистење на корумпираните во своите редови, за да не си го запали јорганот (имиџот на партијата) поради една-две болви. Ама сега не се толку.

Јорганот врие од болви. Овојпат ќе мора да го запалат. Само него. А сите други на кои ДУИ им се закнува со сенешто, ќе мора да имаат малку повисок праг на толеранција за тешките зборови што доаѓаат од Мала Речица, со оглед дека партијата веќе не е со сите, барем не со оние што до вчера и беа.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија