Еве, да кажеме дека ги разбирам причините, симболиката и мотивите да се постави бројчаник на Триумфалната капија, што наводно ќе ги бележи вратените и конфискуваните пари и кого го донираше премиерот Зоран Заев. Ама, не ги разбирам!
Демек, тоа било предизборно ветување! И? Па, што? Убеден сум дека избирачите немаше ни да забележат дека нема броило на врвот на она накарадно здание, ако се исполнуваа и исполнуваат посуштинските предизборни ветувања. Да се разбереме, во нив секако спаѓа и враќањето и конфискацијата на украдените јавни пари, но не спаѓа бројчаник дониран од премиерот на државата.
Или она уште пофлоскулно објаснување: „Граѓаните треба (имаат право) да знаат“! Кои граѓани? Оние што случајно ќе поминат крај Триумфалната капија? Или ќе се прават екскурзии на дневна основа од цела Македонија за да им се даде „меродавна“ информација на граѓаните.
Конечно, сфаќањето на транспарентноста на ваков пи-аровски начин, всушност, само ја потврдува тезата за руиниран медиумски простор, кој, ете, не е доволен да ги информира оние што треба и имаат право да знаат! Ете, како човек што сака да знае, поминав пред некој ден крај Триумфалната капија и, да бидам искрен, едвај го забележав бројчаникот. Претпоставувам дека е наменет само за делот од оние што треба да знаат, кој има беспрекорен вид.
Ако веќе Владата сака ефективна транспарентност, тогаш, бујрум, бројчаникот нека го бележи намалувањето на јавниот долг, на пример. Или на вкупната задолженост
Ако веќе Владата сака ефективна транспарентност и ако веќе монтирала бројчаник, тогаш, бујрум, нека го бележи бројчаникот намалувањето на јавниот долг, на пример. Или на вкупната задолженост. Таков потфат заслужува триумфализам за да се обелоденува на нешто што се нарекува Триумфална капија.
Иако, значи, станува збор за своевидна популистичка, односно повторно за пи-аровска одлука, самата донација носи извесни морални дилеми. Која беше потребата од донацијата на Заев? Белки не дека премиерот има пари. Тоа, конечно го знаевме и досега. Дека е дарежлив и дека нема каде попаметно да ги потроши своите пари? Дека бројчаникот е некое општо добро без кое државата не може да се замисли, а нема пари да го купи?
Следниот факт е маргинален и веројатно нема да биде консумиран (а можеби и ќе биде), ама не е на одмет да се знае дека за донација што се смета за општополезна работа (на пример, медицинска опрема), донаторот е ослободен од плаќање данок. А кој решава, да кажеме, дали бројчаникот е општополезна донација. Па, Владата која решила да го постави, а на чие чело е токму донаторот.
И, на крајот, кој ѓавол бара бројчаникот на врвот на Триумфалната капија? Што симболизира тоа? Зошто, по ѓаволите, не го ставеа на врвот на зградата на Владата, па барем самите владини службеници ќе можеа да ги гледаат ефектите од своите политики.
Да, Триумфалната капија е симбол на извитоперениот проект „Скопје 2014“, всушност симбол за перење (и крадење) пари, но токму тој дел најмногу ми пречи. Ми изгледа прилично перверзно кога еден ден на бројчаникот ќе се појават и парите, испрани токму преку изградбата на Триумфалната капија.
Не може она што треба да претставува симбол на чесност на една политичка гарнитура или на едно време да влегува во симбиоза од овој тип токму со симболот на организираниот криминал или на злото од некое друго време
Едноставно, не може она што треба да претставува симбол на чесност на една политичка гарнитура или на едно време, да влегува во симбиоза од овој тип токму со симболот на организираниот криминал или на злото од некое друго време. Или можеби со новото време и со „доаѓањето на животот“, Триумфалната капија добива некакво ново значење? Можеби навистина било грешка што Шарената револуција со големо задоволство ја боеше оваа чудовишна градба?
Од Владата велат дека за поставување на бројчаникот ја добиле целата документација, односно дека е легално поставен. А што навистина правиме со заклучоците на стручната комисија, која правеше ревизија на проектот „Скопје 2014“, според која, токму Триумфалната капија е дивоградба? Дали е тогаш бројчаникот надградба на дивоградбата?
Или во меѓувреме, наспроти целата транспарентност на Владата, Триумфалната капија е легализирана, без тоа да им биде соопштено на „оние што мора и треба да знаат“? Знаете, она – едно евро по квадратен метар. И кој ја платил легализацијата? Министерството за култура, во чија сопственост е Триумфалната капија и кое, патем речено, ја формираше комисијата која заклучи дека станува збор за дивоградба? Со донација од премиерот?
Колку е целата работа бесмислена, покажува и реакцијата на најголемата опозициска партија. ВМРО-ДПМНЕ, партија позната во последно време по лиферување соопштенија и држење прес-конференции буквално за сѐ и сешто, реагираше – никако! Просто, како да им е мило што еден од главните симболи на нивните баханалии станува дел од симболиката и на оваа Влада.
Не, не е бројчаникот клучното прашање на оваа држава и на оваа Влада и токму затоа што има многу поважни прашања, неговото поставување е толку илустративно за начинот на владеење на сегашната гарнитура. Барем преку бројчаникот да ги одбројуваа деновите до најзначајниот референдум во поновата историја на Македонија, тогаш и ВМРО-ДПМНЕ со сигурност ќе реагираше.