Пливај, без да се намокриш!

„Народот е за ЕУ и НАТО, но против капитулантскиот договор на Заев“. Ваквиот став на ВМРО-ДПМНЕ ги содржи сите атрибути на еден класичен оксиморон. Во превод, и тие би сакале да ја препливаат реката и да стигнат на европскиот брег, ама под услов да не се намократ. Можно ли е тоа? Се разбира дека не.

Што значи „капитулантски договор“? Кога две страни се решени да направат компромис, тоа значи дека двете се подготвени за отстапки, за да се најдат некаде на половина пат. Гледано од тој аспект, Договорот од Преспа не е „победнички“ за ниту една страна. Но, никако не може да се нарече „капитулантски“.

Таков можеби би бил некој друг, ако непромислено го отфрлиме овој. Да не заборавиме: хронологијата на разговорите за името покажа дека некои подобри предлози не сме ги искористиле навреме, токму затоа што биле претставувани како „капитулантски“. И дека секој следен би бил понеповолен од претходниот.

Што би бил идеален договор? Тоа е воопшто да немавме спор со Грција, и таа да не ни ги блокираше интеграциите. Такво нешто нема. Овој Договор не е идеален, но е максимално достоинствен од аспект на заштита и гаранција на клучните идентитетски прашања.

Затоа ме фаќа срам кога гледам странски политичари како ни ја објаснуваат важноста на Договорот и придобивките од ЕУ и НАТО, небаре тие не молат таму да се зачлениме, а не ние нив. И како сите јасно разбираат за што станува збор, освен ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат: „Да се поистовети несогласувањето со ваквиот штетен и капитулантски договор со неприфаќање на европските вредности е невидено потценување токму на македонскиит народ“.

Што би бил идеален договор? Тоа е воопшто да немавме спор со Грција, и таа да не ни ги блокираше интеграциите. Такво нешто нема

Ова се нарекува замена на тези. Прво ќе го наречеш договорот „капитулантски“, за да имаш алиби зошто одеднаш не си заинтересиран за членство во ЕУ и НАТО, и покрај тоа што таква желба декларираш речиси три децении.

Нема мистификации по ова прашање. Некои од ВМРО-ДПМНЕ направија политички кариери од „одбрана на името“ и ѝ подарија на Грција безброј аргументи за нашиот „иредентизам“. И не само што не чувствуваат грижа  што со тоа длабоко ги подрија и отежнаа преговарачките позиции, туку сакаат на истата приказна да се возат до пензија.

Се друго им буди страв од соочување со нивната одговорност, па во испробаниот национализам ја гледаат единствената шанса за политичко преживување. Да, тоа наликува на самоубиствен синдром, но во овој момент тоа им е единствена карта: да играат на се или ништо. Ризикуваат исчезнување од политичката сцена преку латентно внатрешно раслојување се до распад.

Најоптимистичката варијанта е длабоко да се маргинализираат. Тоа ќе значи дека барем преживеале. Нивниот коалициски капацитет две години е мртов како птицата Додо. Tешко ќе најдат партнер кој ќе ги прифати нивните националистички политики, па ќе бидат принудени да се закотват на дното. Тоа е она што не се гледа или некои од Белата палата не сакаат да го видат.

Но, тоа што опозицијата во клучен момент за државата се бламира и топи, е помал проблем од обидот нивната (дез)ориентација сите нас скапо да не чини –  политички, економски и во секој друг поглед. Не би рекла дека е до незнаење, бидејќи никој сериозен што се занимава со политика не би си дозволи да се позиционира на толку глупави позиции во овој момент.

Напротив, сметам дека е токму поради „знаење“ на некои клучни податоци. Дека на патот кон ЕУ, без разлика дали е тоа во фазата на скриннг или отворање на поглавја, не ќе може биде можно пазарење за слобода во судските процеси. Односно, дека случаите од висок политички профил мора да имаат судска разрешница.

Тоа што опозицијата во клучен момент за државата се бламира и топи, е помал проблем од обидот нивната (дез)ориентација сите нас скапо да не чини –  политички, економски и во секој друг поглед

Имено, и тие би оделе во ЕУ, ама ако се си функционира по старо. Не според европски, туку според стандарди фамилијата која и натаму би решавала за се. Затоа и не сакаат европски правила. Подготвени се иднината на Македонија да ја трампаат како правен панцир за некои лични интереси и слободи.

Оние членови на партијата кои немаат путер врз главата, оние кои сакаат Македонија да тргне напред, се прогласени за предавници во внатрешните редови. Диференцијацијата околу Договорот со Грција, не се прави според перспективите што тој ги отвора, туку според прогнозите за затворање на одредени политичари засеганати со судски процеси.

Според тоа, нивната наводна европска приказна е целосно артифицијална и се врти во јавниот дискурс во една целосно необврзувачка форма. Не е алиби тоа што е сместена во Статутот, ако не се подготвени на таа содржина да и дадат форма. По една деценија власт, оценета како аномалија на историјата, втора таква би можела да значи крај на историјата на земјата. Тоа би било капитулација, но токму во назадувањето на земјата тие гледаат победа за себе.      

За утеха е што во ВМРО-ДПМНЕ има членство на кое му е јасно какви игри се играат во моментов. Јасно им е и дека се работи за одлука со огромна важност за државата и дека рефрендумот не смее да се преспие. Без оглед со какво темпо ќе се одвива кампањата на ниво на политичка артикулација, секој граѓанин треба да биде свесен дека носи одлука за себе – во каква земја сака да живеат тој и неговото семејство: во перспективна и правна држава или во феуд на некоја фамилија, која стандардите ќе ги крои според свои лукративни потреби и интереси, а вистината наместо во медиумите ќе завршува на дробилица каде во прав ќе се уништуваат сите траги за „чесното владеење“.

Никој во светот денес не би покажал какво било разбирање за таков македонски пат кон изолација. Останувањето на една реактивна, јалова политика, типична за минатата деценија, значи отсуство на стратегија и на елементарна ориентација за потребите на земјата, а практикувањето на демократија на средновековен начин – натамошно губење енергија, време и доверба.

Македонија веќе изгуби 27 години. Таа негативна спирала годинава ќе запре, без оглед на опструкциите од оние кои сакаат да ја претворат Македонија во „конзерва“, за нивни црни денови.