Брз тест за Гоце

Пред очи ни се случува историја, по која светот никогаш повеќе нема да биде ист. Еден вирус тотално ја измени динамиката на планетата, искреира дистанци во секаква смисла, ги засили разликите меѓу богатите и сиромашните, рапидно ги топи националните буџети, ги вивнува до небо задолжувањата.

Голем дел од бизнисите одат во неврат, дел од професиите умираат, дел ги менуваат начините на дејствување, културата наликува на примање инфузија – капка по капка.

Луѓе и цели семејства ја губат битката со болеста, здравствените системи пукаат по сите рабови поради преоптоварените капацитети, а тоа многу бргу ќе ги доведе лекарите пред несакан и најтежок избор – кого да го лекуваат, а кого не. Болничкото легло станува поскапо од злато. Состојбата е крајно сериозна секаде во светот. Исклучок од тоа не се ни Македонија, ни Бугарија.

Бугарија, наместо да поведе крупни чекори кон долгорочно пријателство, се реши да заигра ситно и подло, да ја стави земјава пред брзи тестови, кои треба да ја потврдат нејзината верзија за ДНК на нашиот јазик и историја

И што се случува меѓу нив во ова време-невреме? Тотална хаварија. А што е првото што би му паднало на ум на секој добронамерен човек кога ќе помисли на комуникацијате меѓу две соседни земји, кои волјата за добрососедство ја заверија и со договор? Дека максимално ќе се почитуваат, помагаат и соработуваат. Во некоја најскромна варијанта, тоа значи дека барем нема да си ја отежнуваат состојбата, која и онака е претешка поради факторот ковид-19.

Замислете колку добро би изгледало кога стручни тимови од двете земји би размениле посети и искуства овде и таму, и наместо да се пенават за заедничка историја, да говорат за заедничката сегашност, за проекти, истражувања, за помагање со знаење и ресурси, бидејќи – во мака се познаваат пријателите. Тој филм не го видовме.

Бугарија, наместо да поведе крупни чекори кон долгорочно пријателство, се реши да заигра ситно и подло, да ја стави земјава пред брзи тестови, кои треба да ја потврдат нејзината верзија за ДНК на нашиот јазик и историја. Брзи тестови за Гоце, за целата плејада историски ликови. 

Загледани во историските витрини, гребат по коските на хероите од минатото, собираат брисеви, нарачуваат реобдукции за да ја докажат единствената и „вистинска вистина“ – бугарската, и крадење на нивната историја од наша страна.

„Омразата е како корона вирусот – продира и во клетките на мислењето“, вели бугарскиот филолог Бојан Биолчев, автор на книгата „Државата Урарија“, наречена така поради манирот постојано да се вреска или „уаа“, или „ура“.

Ние од Бугарија ги доживеавме и двете: „уаа“ на денешниот состанок на амбасадорско ниво за преговарачката рамка, и „ура“ за истиот непромислен потег. Иако сега не е пресуден, ако тој став опстои до крај во ставовите на Бугарија, ќе ја поништи драгоцената ризница на она што реално ги спојува двата народа – желба и потреба за пријателство и соработка. Тоа сега е засенето од партиотскиот велесаем пред бугарските избори.

Не велам дека ние сме сосема чисти. Ако нешто сме „украле“ од Бугарија, но не од далечното, туку од блиското минато, тоа сигурно е фамозниот „бугарски воз“. А тоа е навистина чиста бугарска „направија“, која стана и своевиден супститут за непостоењето вистинска железница меѓу нас и синоним за возење на изборната волја. Накусо – тоа е името за најлошите практики на балканските политики.

Од бугарскиот воз и неговите деривати треба да се откаже и самата Бугарија, ако се имаат предвид забелешките на ЕУ за нејзините демократски и правни перформанси, кои му создаваат главоболки на Брисел. Но, тоа е нејзина работа.  

Ваквиот однос на Бугарија сигурно нема да направи непријатели меѓу граѓаните од двете земји, но ќе направи штета на траекторијата на нашата земја, која еден ден требаше да се сретне на иста европска кота со бугарската

Она што нас нѐ засега, доколку Бугарија нè блокира, е дека сите шанси за соработка ќе бидат погребани како жртва од корона, длабоко и во лимен сандак. Да не заборавиме дека по потпишувањето на Договорот имаше вистинска егзалтација на двете страни од границата, олеснување дека е тргната голема пречка и дека е отворена нова современа страница.

Такво нешто не се постигнува преку преговори и критериуми во ЕУ-поглавја. Тоа или се чувствува и случува, или не се случува меѓу граѓаните. Но, бугарските власти сега покажуваат дека тие се тие што немаат сила и волја да преминат на другата страна од улицата.

Бараат брзи резултати од заедничката Комисија за историски прашања, ја ставаат под притисок, инсистираат на признанија со кои ќе се согласиме дека сè што имаме им припаѓа ним – од историја, до идентитет. Дека ние не сме ние. Нема човек што би прифатил такви услови, ни заради ЕУ, ни заради света ЕУ. 

Ваквиот однос на Бугарија сигурно нема да направи непријатели меѓу граѓаните од двете земји, но ќе направи штета на траекторијата на нашата земја, која еден ден требаше да се сретне на иста европска кота со бугарската. Но, евентуалната блокада ќе ги направи граѓаните повешти во демаскирањето на игрите на политичките елити.

Бугарските граѓани многу појасно ќе го прочитаат обидот на разни каракачановци да си обезбедат рејтинг и нова фотелја во власта, да си го тераат бизнисот со паспорти, а сите ние да бидеме заложници на нивните политички апетити.

Деновиве, токму од такви кругови се шират едни те исти вицови за Македонците, а најдоминантни се на темата историја. Најбенигниот меѓу нив гласи:

„Заедничка македонско-бугарска лотарија „Самуил“: на секои 100 ливчиња едно е добитно“.

Претстојното „ливче“, колку што е добитно за Македонија, толку е и добитно и за Бугарија, која се обврза дека ќе ја поддржува нашата интеграција во ЕУ. Hic Rhodus, hic salta. Сè друго може да биде пат од кој нема враќање.