Кога станува збор за македонските семејства, Мицкоски навистина има широк простор да фантазира и да замислува. Македонското семејство расте и се намалува според потребите на владата во еден своевиден политичко-магионичарски манир.
Во април годинава, во своето обраќање пред Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Мицкоски изјави дека многудетните семејства се патриотска должност и дека она „јас, мама и тато“ ќе се дополни со „и дада и бато“. Во истиов месец, истиот тој премиер ни соопшти дека минималната потрошувачка кошничка ќе се пресметува за тричлено, а не како досега, за четиричлено семејство. Овој потег на македонскиот Худини нѐ остави со подзинати усти. Каде исчезнаа дада и бато?
Изгледа за ДПМНЕ, индоктринација е секоја идеја што се коси со нивната идеологија, а нивните, дури и апсолутно глупави, иницијативи за промена на учебници се очигледно еден вид екологија – садење и наводнување исклучиво идеи
За да провериме како исчезнаа нашите роднини, прво мора да дознаеме како и кога се појавија во нашите семејства. Изјавата за „јас, мама, тато, дада и бато“ е дел од говорот на Мицкоски пред неговите млади партиски членови. Говорејќи за демографскиот предизвик со кој се соочува нашата земја, Мицкоски го откри решението за овој глобален проблем. Тој ќе рече:
„Се обиделе многу држави во светот преку материјална стимулација да ја зголемат стапката на фертилитет – не успеале… Но, доколку уште во најраната младост, уште во прво одделение се всади кај секое дете дека семејството не се јас, мама и тато, туку во семејството, покрај мама и тато, се и дада и бато, тогаш многу поверојатно е дека тоа ќе влијае врз понатамошниот развој на секое едно дете кога ќе стане млад човек и поверојатно е дека тој млад човек многу порано ќе формира семејство…“
Она што ни го соопшти Мицкоски е дека за раст на наталитетот не се потребни економски политики, односно не се потребни достоинствени плати, финансиска и социјална поддршка, достапни градинки, развиено здравство и силна социјална заштита. Според Мицкоски, потребно е единствено всадување идеја во главата на децата или перење мозок. Овој тип стратегии се својствени за лидери на секти и култови, а не на политичка власт во една држава.
Изгледа Мицкоски одамна не отворил учебник за да види дека и сега нашите читанки се полни и со мама и тато, и со дада и бато, и со стрини и стриковци, и со вујни и вујковци, и со чичковци и тетки. Многучлените семејства се дел од учебникарскиот фолклор со децении и види богати нашата стапка на фертилитет, и покрај тоа, континуирано опаѓа, паралелно со масовното иселување, кое нема намера да сопре. Тоа е и сликата за нашето образование – многу општи места и малку знаења и вештини.
Особено е чудно што владата што ги обвинуваше здруженијата на граѓани дека наводно шират идеологија во училиштата, сега јавно изразува намери за индоктринација на деца преку содржини во читанките. Што значи тоа „всадување во глава на децата уште од најрана возраст“ ако не индоктринација? Изгледа за ДПМНЕ, индоктринација е секоја идеја што се коси со нивната идеологија, а нивните, дури и апсолутно глупави, иницијативи за промена на учебници се очигледно еден вид екологија – садење и наводнување исклучиво идеи.
Мицкоски и неговите министри го дефинирале луксузот со одмор во странство, цигари и со алкохол. Тамам работа, јас, мама и тато да се опуштиме, да отпатуваме или да запалиме цигара со кафето
Зошто велам само идеи? Затоа што набргу по овој крик за „дада и бато“, Мицкоски и неговата влада донесоа одлука, минималната потрошувачка кошничка повеќе да не се пресметува за четиричлено семејство, туку за семејство што брои три члена, или со зборовите на Мицкоски, за мене, мама и тато. За дада и бато имате брзи кредити или обложувалници, па нека ви е со среќа.
Дури и оваа потрошувачка кошничка само за нас тројца е прилично стеснета, односно од неа е извадено она што Мицкоски и неговите министри го дефинирале за луксуз – одмор во странство, цигари и алкохол. Тамам работа, јас, мама и тато да се опуштиме, да отпатуваме или да запалиме цигара со кафето. Тие „мали радости“ треба да останат реалност само за тие што ја имаат привилегијата да нѐ пребројуваат како ќе им текне.
За другите, оние со обврска да ги создадат дада и бато, ене им го Дојран, пола кило леб и по некоја салама. Ако се погоди сезоната, може да каснеме по некое овошје, ама без претерување зашто здравјето е важно само за оние чиј живот е вреден да се продолжи.
Кога првиот човек на владата во нашата земја го третира образованието како центар за дресура, кога ги разбира толку тесно демографските политики, сведувајќи ги единствено на личен избор, кога ја третира економијата како игра без правила и конзистентност, тогаш не може да нѐ изненади тоа што ќе продолжиме да живееме во земја со неадекватен образовен систем, одлив на луѓе и сиромаштија. Да бидам искрена, во ваква држава не би им посакала да живеат ни фиктивните дада и бато.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија