Политиката кај нас, долго време е перцепирана како нечесен пазар и професија, која би требало во широк лак да ја заобиколува секој човек што се грижи за својот интегритет. Ваквата перцепција не им прави нелагодност на политичарите. Напротив, таквиот наратив индиректно најмногу ги штити нивните веќе освоени и запоседнати позиции, од една проста причина: колку повеќе се ревитализира тоа грдо лице на политиката, толку повеќе ги одвраќа и ги обесхрабрува да влезат во неа тие што мислат дека многу нешта може и треба да се променат.
Неслучајно, во домашниот политички излог, доминантните продукти се жолчни битки за власт, поткопување на опонентот, местенки, кавги, политички отстрели… Нема нешто што досега не е видено во таа практика. Сме имале и министер за еден ден, ќе имаме премиер на сто дена на крајот од владиниот мандат, а ќе имаме и „прв вицепремиер“ – некој што ќе биде поеднаков од другите тројца вицепремиери. Каде е предвидено ова во нашата регулатива? Никаде. Но, станува можно.
Во моментов точно знаеме кога на чело на владата ќе застане премиер Албанец, ама не знаеме кога ќе почне учебната година. Не знаеме дали ќе се отворат градинките. Не знаеме колку од учениците што треба да ја следат наставата онлајн имаат компјутери, интернет и други предуслови за тој процес.
А слушаме ветувања за правна држава. Не може да има правна држава со неправни решенија извлечени од шеширот на партиските пазари. Ваквите планови спакувани во убав консензуален целофан може дури и да поминат кај дел од граѓаните, но само ако политичарите се исто толку временски прецизни и ефикасни и за прашања што не се поврзани само со поделбата на власта.
На пример, во моментов точно знаеме кога на чело на владата ќе застане премиер Албанец, ама не знаеме кога ќе почне учебната година. Не знаеме дали ќе се отворат градинките. Не знаеме колку од учениците што треба да ја следат наставата онлајн имаат компјутери, интернет и други предуслови за тој процес. Десетина дена пред први септември не можеме да предвидиме кога ќе се формира владата, и кога Собранието ќе ги усвои законските измени за наставните часови.
А, според шпекулациите, изборот на владата може да зависи и од начинот на кој ќе бидат решени одредени партиски несогласувања со министерските предлози на ДУИ. Сево ова не се случува во некое мирно лето, туку во време кога лидерите бараа што поскоро да профункционираат институциите, за подготвено да пресретнат нов бран на Ковид-19, да донесат нови мерки за ублажување на економските последици од корона-кризата, да се подготват за преговорите со ЕУ…
И додека Министерството за образование ги чека законските измени, небаре им е забрането да преземат други активности што не зависат од регулативата, туку од посветеноста, кавадарчанецот Борче Стаменов им одржа лекција на сите: досега донираше 200 компјутери на деца од социјално ранливите семејства, со цел да бидат подготвени за онлајн-настава. Тоа го прави веќе четири години.
Додека едни бројат функции и привилегии, тој брои стотици и стотици работни часови поминати во средување на компјутерите што ги донира. Кога ќе се појави ваков лик, тој со своите активности само ја потенцира карикатуралноста на тие што се платени од буџетот да ги решаваат овие проблеми. Борче не го прави тоа со цел да посрамоти или да делегитимира некого. Го прави тоа за радост и за потребите на децата, на свој трошок, и уште поскромно вели дека трошокот (за карго-превоз) е занемарлив. Напоменува дека отпадот прописно го одложува за да се заштити околината од електронскиот отпад. Во една „наставна програма“ дава две клучни лекции: и за хуманост, и за заштита на животната средина.
Подигањето на свеста, без сомнение, е многу потежок процес од рутинското кревање на погледот кон огледалото, за да се види дали вратоврската им соодветствува со костумот. Потешко е да се види дали одлуките што ги носат се соодветни на потребите и интересите на граѓаните.
Зошто примерот на Стаменов и други слични не стануваат најшироко посочувани модели на однесување? Зошто главни фаци во земјава стануваат батки со скапи возила, куси вратови, златни синџири и бело на носот, со биографии во кои главниот учинок е мерење мускули, размена на боксови, посредништва и услуги за подземно-надземни коалиции? Немаат ли партиите когнитивен капацитет да ја увидат разликата меѓу каколот и житото? Имаат, но прашањето е дали сакаат.
Тешко е да се откажат од навиките, во кои главниот чалам е кај нив, без разлика дали оствариле учинок или не. Подигањето на свеста, без сомнение, е многу потежок процес од рутинското кревање на погледот кон огледалото, за да се види дали вратоврската им соодветствува со костумот. Потешко е да се види дали одлуките што ги носат се соодветни на потребите и интересите на граѓаните.
Дилемата на политичарите е секогаш иста: зошто мирот да им го нарушуваат нови урнеци на однесување, ако тоа значи дека од корен мора да се реформираат, кога ним најмногу им одговара „реформа“ во услови контролирани од нив. Интензивното насочување на вниманието кон позитивни примери ги соочува со многу политички си-вија „богати“ со празни кариерни места, со кои се окупирани ешалоните на власта.
Затоа и актуелните внатрешни бунтови против „вечни партиски кадри“ најчесто не тргнуваат од некакви повисоки принципи, туку од намерата за ротирање на Курто и Мурто. Практично, сето тоа се бранувања во еден затворен круг, кој нема врска со интересите на граѓаните, иако сѐ се прави божем во нивно име.
Еден закон не може да дејствува сам по себе доколку не е посредуван од волја, исто како што и со волја се суспендира. И политичарот не може да ја оправда својата функција ако таа не е посредувана од интересите на граѓаните. Тогаш се сведува на персонална дивоградба, отуѓена од оние на кои треба им служи. А ако збир од повеќе такви примери ја сочинат владата, навистина нема да биде битно кој стои на нејзиното чело, ни сто дена ни четири години.