Да си гризнете од колбасот

Колумна на Сашо Кокаланов

Господинот Сосис беше најден во контејнер 1998 година. Претепан, во многу тешка состојба. Беа неопходни неколку операции за да биде кренат на нозе. Долги осум месеци лежеше, пред да се насели во домот на писателот на детективски романи Серж Сото.

Сото толку се инспирира од Господинот Сосис што го направи главен херој на неговите романи кои преку ноќ го претворија во еден од најпознатите жители на Марсеј. Во 2000 година доби еден мал плоштад во градот, а потоа популарноста толку многу му се зголеми што тој се обиде да ја материјализира на локалните избори следната година.

За жал, поради некои формални пречки, не можеше сам да создаде партија, па во негово име тоа го направија група граѓани, кои партијата ја нарекоа според него – СОСИС (секоја сличност со провладината организација СОС овој пат навистина е случајна). На изборите доби 4,5 проценти од гласовите.

Дотука, ова е една сосема обична политичка приказна од европското секојдневие. Добро, не се стасува толку брзо од контејнер до плоштад, но има такви преседани. Тоа што, сепак, ќе ја направи приказнава необична е фактот дека господинот Сосис е куче.

Сосис на француски значи „колбас“. Многу му ги јадел колбасите на писателот Сото, па затоа му дал такво вкусно име. Луѓето сакаат колбаси. Го сакаат и Сосис, поради неговата моќ да решава необични проблеми и загатки, додуша главно детективски, и додуша главно во романи, но тоа ти е народ – кога ќе те засака – те сака, не му е важно дали си пес, овца или пастир. Едноставно те сака.

Ако на избори се одлучува дека тешки криминалци не треба да одат во затвор, тогаш нема смисла една сиромашна држава да се става на трошок за вакви скапи установи и во нив да сместува крадачи на ќебапи и продавачи на чорапи од пазарите без фискална сметка

Тарашкајќи си така по Фејсбукот наш непресушен, наидов на следниов пост: „Жбогар вели дека не било битно кој ќе ја формирал Владата на РМ… Тогаш зошто избори? Зошто гласање? Зошто победник?..“ Ова и уште неколку реченици обвиткани со мачен траор и плачлив тон, полни со чемер и гнев, споделил со нас пратеникот Илија Димовски.

Читајќи го постов на Иле, се сетив на приказната со Сосис. Тие 4,5 проценти од гласачите на Марсеј, а тоа не се малку луѓе, всушност го сфатиле најголемиот заговор на светската политика, најголемата светска тајна до која на болен начин дојдоа и Димовски со колегите – изборите се само колку да се забавља народот, а власта потоа ја избира Џорџ Сорос со помош на уреди слични на ХААРП, преку кои тој директно влијае како на климатските промени, така и на промените на влади.

Овие што гласале за колбасот, кренале раце. Да се надеваме дека Иле и компанија нема толку лесно да се предадат, па на следните избори да ни ги кандидираат козите на Миленко, туку истрајно, комитски, до последниот атом ќе се борат против ХААРП-от на Сорос за да ја спасат честа на овој народ. Ако притоа спасат и некој долар од украдените пари – супер за нив – но тоа е второстепено, Македонија е на прво место.

Се разбира дека никој не ви брани да верувате во овие приказни. Оваа за колбасот е вистинита, можете и да проверите. Оваа со Сорос веројатно е вистинита, штом така тврди раководството, а тоа никогаш ве нема излажано. Освен тие неколку пати, ама ајде да не цепидлачиме сега.

Ако ја тргнеме иронијата настрана, не може човек да не почувствува емпатија, дури и сочувство со болката од загубата на моќта (моите симпатии се секогаш поетски наклонети кон губитниците), но исто така не може да се порекне ниту легитимноста на прашањето на Иле. Нема зошто да водиме иле – да, изборите постојат за некој да победи и да формира влада. И да, тој некој треба да има 61 пратеник во Собранието, таа влада за да биде изгласана.

Нејсе, длабоко потресен од ова легитимно прашање упатено кон Жбогар, се охрабрив и јас да поставам некои прашања што ме измачуваат сиве овие години, а се водат од сосема истата логичка матрица од која во синото Фејсбук-море заплови дилемата на Иле. Еве неколку, за кои верувам дека Иле и Жбогар ги знаат одговорите:

Зошто ни се затвори, ако криминалците ни се на слобода? Ако на избори се одлучува дека тешки криминалци не треба да одат во затвор, тогаш нема смисла една сиромашна држава да се става на трошок за вакви скапи установи и во нив да сместува крадачи на ќебапи и продавачи на чорапи од пазарите без фискална сметка.

Од ова произлегува и следново прашање: Зошто ни е судство, кога има тефтери со пресуди? Правосудниот систем нѐ чини уште повеќе од затворите, тоа е еден огромен апарат што го прехрануваме за џабе. Со една плата на судија можеш да ѝ купиш 500 тефтери на Горде.

Следно прашање: Зошто ни е плурализам на медиуми, ако сите објавуваат исти вести? Отворете тајм.мк или некој друг генератор на вести и ќе видите стотици идентични наслови, напишани од еден ист автор, а објавени во едночудо медиуми. Чуму тоа? Дајте да се држиме до принципот: еден автор – еден медиум, поевтино е.

Или ако сакате да се држиме до парламентарната демократија за која расправа Димовски, тогаш прашањето е: Зошто постои мандат и преговори за коалиција ако победникот мора да е премиер?

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со години имаа апсолутна власт во државава, ова можеа да го решат и системски, со закон да се уреди дека победниците кај Македонците и кај Албанците автоматски се во владата, треба само да ги распределат министерските места.

Добро, ова бара мала интервенција и на гласачкото ливче – гласачот би морал да заокружи и етничка припадност за да се знае кој победил кај Македонците, а кој кај Албанците. Сè можеше со време системски да се реши и да нè спасат нас, а особено себеси, од овие маки.

Но, не го решиле тоа така. Пројде возот. И сега што? Вие ќе бегате, океј, ама што ќе правиме ние Македонците, ако Чилимановиот сос што треба да ни го спаси колбасот не ги даде очекуваните резултати и ХААРП-от на Сорос не биде уништен до последната антена?

Моменталната ментална состојба во која се наоѓа вмровецот во предвечерјето на новата влада најдобро се опишува со оној вицот во кој малиот Коле стои пред еден влез на зграда и се обидува да заѕвони на еден домофон. Го гледа тоа еден полицаец, му приоѓа, па го прашува „Извини, малечок, како да ти помогнам?“ „Плитисни тли“, му одговара малиот. Притиснал полицаецот, па прашал: „И што сега?“ „Сеа да бегаме!“, му рекол малиот.

Што ќе правиме ние Македонците, ако Чилимановиот сос што треба да ни го спаси колбасот не ги даде очекуваните резултати и ХААРП-от на Сорос не биде уништен до последната антена?

Кога би ја имале привилегијата да влезат во белиот дворец и да се сретнат со својот неприкосновен вожд, многумина од членството на ВМРО-ДПМНЕ би имале да постават само едно прашање – „и ш’о сега“, на што, кога вождот бил искрен, би добиле само еден одговор: „сеа да бегаме“. Многу „кога би“ во реченицава.

Се разбира, во дворецот не може да се влезе толку лесно. Таму дури ни новинарите што известуваат не ги пуштаат да влезат за да одат во ве-це ако прво не докажат дека веќе не можат да стискаат и дека пуштиле малку во гаќите. Не, пак, некој обичен смртник од некојси општински комитет. Не е дворец за обична раја, па макар бил и седиште на партија што се декларира како народна. Затоа, привилегијата да знаат дека сега е време да се бега ќе остане само за делот од посадата кој смее да влезе во дворецот.

Баш како полицаецот од вицот, така денес се чувствува целиот втор, а богами и поневажниот дел од првиот ешалон на ВМРО-ДПМНЕ. Третиот ешалон не се чувствува никако, тие веќе ги избришаа сите слики и статуси со Никола Груевски и сега кога ќе се спомене името на партијата во која до вчера се колнеа и за која сечеа рака, можеби и колбас, главно одговараат со прашањето: „Ш’о ВМРО?“. И нема зошто да им се лутат. Груевски токму ним им ја префрли вината за изборната катастрофа и најави проветрување не во врвот од каде што смрди, туку во третиот ешалон, на опашката. Ова е природна реакција на опашката. Додека имаше колбаси, таа вредно ги бркаше мувите околу изметот, сега, мерси, не треба. Но сосис, но пасаран.

Народот е расипана стока, поранешен премиере. Сè добро што си направил за нив, ќе ти заборават, само лошото ќе ти го памтат. По десет години робија, никој веќе нема да ти ги помни ниту трите врби што успеавте да ни ги засадите во Вардар, ниту осумте милијарди инвестиции што успеавте да ги изнесете од Македонија, ниту мерцедесот што им го оставивте за скапи државни гости.

Сè добро ќе ви заборават! Утре некој друг ќе го изгради Клинички центар, а луѓето ќе заборават дека тој, всушност, беше ваша идеја, за која вие толку многу се залагавте и неколкупати им ја ветувавте.

Немам зборови на утеха, не знам ниту на Иле како да му одговорам зошто избори и зошто нема 63 пратеници за ВМРО-ДПМНЕ на нив. Неблагодарен народ. Злопамтила. Ќе крадеш вредно за нивно добро, а тие ќе потрчаат по првата коска што ќе им ја фрли Сорос. Да си гризне човек од колбасот од мака. Сосис веројатно на ова би додал и некоја поговорка: Рани куче, да те лае.