Дајте уште една тура!

Да беше Црна Река вино, не ќе мораше да бидат ангажирани нуркачи за да утврдат каква е состојбата со столбовите на железничкиот мост над неа, во близина на Стоби.

Да си беше Црна Река црно вино, секој вински визиониран политичар ќе ја испиеше до дно, ќе ѝ го исушеше коритото, па ќе можеше убаво да се види дереџето на столбовите. Откако Црна ќе се испие „на екс“, ќе ни се покаже на суво целиот вистински лом, не само оној од песната на Харис Џиновиќ, низ чии звуци полесно се отвораат шишиња вино отколку проекти во „Отворен Балкан“.

Сепак, не е сè толку црно како мостот на Црна. Еве денеска беше потпишан Меморандум за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси (!), која треба да ги поврзе Атина-Солун-Скопје-Ниш-Белград-Загреб-Љубљана-Салзбург, и да има крак кон Будимпешта.

Таа навистина би била мрежа со високи перформанси. Ама како од меморандум да се стигне до реализација, кога сегашната железничка инфраструктура низ Македонија е класична црна дупка, исто како што се нарекува и врелото на Црна Река, во атарот на селото Железнец.

Пред пет години беше укинат експресниот воз Скопје – Битола. Пред две години „паднаа“ возовите од Скопје до Кичево, Кочани и Приштина и обратно, а од годинава и до Табановце.

Вучиќ и да пие, и да пее, и редовно да објавува снимки како премиерите од регионот се веселат со кренати раце додека тој е најпристоен на масата, тој итрец барем има со што да се пофали на планот на железничка (ама и патна) инфраструктура.

Ние во моментов немаме дури ни железнички сообраќај со ниски перформанси. И товарниот и патничкиот наликуваат на железнички музеј на отворено. Сѐ уште се вози по железнички прагови од времето на Тито.

Најстарите прагови датираат од 1965 година, а по декларација нивната употреба треба да биде 20 години. До скоро, брзината на возовите ни беше слична со брзината на славното вовче „Киро” со кое до 1965 година се патувало од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга до Ташмаруништа, за време од 19 до 24 часа!

Денес, секој од возовите што ги имаме, со право може да се нарече „Киро“. А не останаа многу, ни возови, ни линии. Пред пет години беше укинат експресниот воз Скопје – Битола. Пред две години „паднаа“ возовите од Скопје до Кичево, Кочани и Приштина и обратно, а од годинава и до Табановце.

На крајот на октомври годинава, во возниот ред остана само еден воз на релација Битола-Скопје-Битола. Сега, поради напукнатиот столб на железничкиот мост на Црна Река, товарниот железнички сообраќај воопшто не се одвива, а патничкиот кон Гевгелија се одвива нецелосно, бидејќи кај Градско, патниците се преземаат со автобуси. „Гордоста“ на патничкиот транспорт се одржува на релација Скопје – Велес, а во зависност од околностите и патувањето на тие 50-тина километри, понекогаш трае и повеќе од два часа.

Веројатно, не е лесно да се подготвуваш да говориш за железница на 21 век, а да знаеш дека дома имаш железница од 19 век. И во себе да се прашуваш – нив ги лажам или себеси се лажам?

Целиот железнички систем е во распад, а премиерот Ковачевски, од Белград ни зборува за пруга на територијата на Македонија во должина од околу 50 км, која треба да се изгради во прва фаза, додека намерата била Коридорот 10 комплетно да се изгради со нова пруга од Скопје до Солун, потоа од Солун до Пиреја и Атина.

Кој не би го сакал тоа? Ама пругата сама не се гради. Три децении ја градиме пругата кон Бугарија, па и баба Ванѓа да беше жива, не ќе можеше да предвиди дали некогаш таа воопшто ќе биде завршена.

За тоа каква е нашата агилност кон обврските, доволно говори податокот дека по цели пет години, дури сега е завршена десната лента на автопатската делница Петровец-Катланово, во должина од пет километри. Во просек се градело по километар годишно. Сега треба да чекаме и левата лента да биде завршена. За патот Кичево-Охрид не вреди ни да се трошат зборови.

А во април годинава одбележавме 150 години на македонските железници, од денот (9 април 1873 година), кога во Велес пристигнал првиот воз од Солун. Денес, 150 години подоцна, во европски и реформски настроена Македонија, нема ни внатрешен, а камоли меѓународен патнички превоз до првите соседи – Солун, Приштина, Белград…

А имаме вкупна должина на пруги од 699 километри, или во превод – 699 проблеми, со оглед дека целата железничка инфраструктура плаче за ремонт, вклучително и железничката станица во Скопје, која наликува на сцена од хорор-филм.

По ова, некако и треба да се има разбирање, ако нашиве политичари на винскиот саем во Белград посакале некоја чашка плус. Веројатно, не е лесно да се подготвуваш да говориш за железница на 21 век, а да знаеш дека дома имаш железница од 19 век. И во себе да се прашуваш – нив ги лажам или себеси се лажам? Не, воопшто не е лесно.

Дајте уште една тура!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија