Дали го победивме фашизмот?

  • 2
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Пред многу, многу години, Могилата на непобедените во Прилеп послужи како кулиса, ако не се лажам, за театарската претстава „Сон на летната ноќ“, според Шекспир, а во режија на Сашо Миленковски. Костимираните актери со некои карневалски, хипер зголемени машки полови органи кружеа околу фигурите на меморијалниот комплекс на Богдан Богдановиќ.

По тој повод, во тогашните медиуми се појавија наслови од типот: „Ако го намочаме споменикот на Револуцијата, што ќе ни остане“. И, се разбира, изби скандал во кој секој најде за сходно да го осуди чинот на наводното сквернавење на светлите традиции од НОБ и Револуцијата. Ако мене ме прашувате, ефектот беше постигнат – сите зборуваа за претставата.

Се сетив на овој случај, поточно на оваа хајка при годинашната прослава на 11 Октомври, Денот на народното востание против фашизмот. И тоа со прилична доза на носталгија. Не затоа што тогаш бевме „млади и убави“ или дека тогаш се живееше поспокојно или побогато, туку затоа што тогаш во центарот на вниманието на јавноста можеше да влезе – една театарска претстава.

 Па, дури преку неа да се актуализира и значењето на 11 Октомври и фактот дека македонскиот народ застанал на вистинската страна на историјата, и тоа токму со чинот на кревањето на востанието. Денес театарот, благодарам на прашањето, е во длабока хибернација, а, ако ме држи сеќавањето, не беше во некоја особена форма ниту во периодот пред кризата со короната.

Следната асоцијација што произлегува од горенаведеното е фамозната реченица што му се припишува на Геринг: „Кога ќе се спомене зборот култура, јас веднаш се фаќам за пиштол“. Затоа изгледа умесно да си ја поставиме дилемата: да, македонскиот народ пред речиси осум децении се крена во борба против фашизмот, но дали навистина го победи?

Во суштина, самото поставување на ова прашање, еден век откога на тој 23 март 1919 година разочараниот италијански војник од Првата светска војна, Бенито Мусолини, го формираше движењето „Fasci Italiani di Combattimento“ (Италијански сноп на борбата), претставува сериозен пораз.

Се разбира, Мусолини не ги измисли милитаризмот, ксенофобијата, етноцентризмот и тоталитаризмот, ама користејќи ја онаа банална метафора за снопот (на италијански: фашо) му подари име на еден нов, специфичен и крајно влијателен облик на овој тип мислење, уверувања и однесување. Во ова меѓувреме, десетици држави имаа фашистички режими на власт, предизвикувајќи и една светска војна, чии жртви се бројат со десетици милиони.

За жал, фашизмот и нескриените неонацистички групи и денес наоѓаат плодна почва на европскиот континент, па и кај нас. Пред неколку дена, на една од скопските улици се појави нацртана свастика, тој злогласен нацистички симбол. Свастиката беше отстранета по интервенција на граѓаните, но не беше отстранет модусот на размислување. Впрочем, не е првпат да се појави свастиката по улиците и ѕидовите по овдешните населени места. Напротив. Речиси се навикнавме на овие ексцеси.

Самото поставување на ова прашање, еден век откога на тој 23 март 1919 година разочараниот италијански војник од Првата светска војна, Бенито Мусолини, го формираше движењето „Fasci Italiani di Combattimento“ (Италијански сноп на борбата), претставува сериозен пораз.

Пред извесно време бевме сведоци на беспризорно, прекумерно и бескруполозно полициско насилство врз Роми во Битола. Дури и полицискиот синдикат се обиде да ги брани овие очигледно расистички постапки на своите колеги. Пред извесно време, весниците објавија дека се фатени група Роми – дрвокрадци. И никому не му е чудно што етничката припадност на криминалците се истакнува само и исклучиво кога станува збор за Роми. Никогаш кога се во прашање Македонци, Албанци, Срби, Турци итн.

Наводно навивачката парола: „Мртов Шиптар – добар Шиптар“ веќе влезе во овдешниот фолклор, па се чини дека никој не гледа ништо спорно ниту во овој етноцентричен говор на омраза. За имагинарниот страв од емигрантите воопшто не треба да се зборува. Откога почна мигрантската криза, овдешните десничари „населија“ милиони и милиони „опасни“ мигранти и скриени „терористи“, а како бонус „изградија“ десетици бегалски населби и кампови.

Примери, се разбира, има безброј, но пострашно од нив е нашата индоленција кон овие појави. Еве, и сега го слушам читателот како негодува тврдејќи дека текстот ги преувеличува поединечните инциденти и дека овие појави се далеку од она што го познаваме како фашизам.

Да, првата асоцијација на фашизмот се оние стравични слики на холокаустот и оние германски политичари и генерали во испеглани „Хуго Бос“ униформи, од типот на Хитлер, Химлер, Геринг, Гебелс, Борман и останата банда. Значи, една кретенска екипа со смешни фризури и чудни фацијални мимики и со невообичаена патолошка фиксација врз Евреите. Но, германскиот нацизам е побргу исклучок, отколку правило за она што фашизмот навистина е.

Фашизмот, пред сѐ, е еден вирулентен, екстремен, десничарски, милитантен и хегемон етноцентризам. Тој е идеја и пракса за една монолитна нација на поданици, водени од цврстата рака на неприкосновениот авторитарен водач, следена со ксенофобичен и клерикален прогон на сите оние што се поинакви и поинаку мислат.

За фашизмот, демократијата е само уште еден пропаднат, јалов и наивен систем, а човековите права и слободи се само заговор на проклетите либерали. Фашизмот е систем што ги исправа „историските“, а не општествените неправди. И затоа затворањето очи пред појавите против кои се бореше победничката партизанска војска е поопасно од самите појави.

И каква врска тука има „Сонот на летната ноќ“ и културата воопшто со прославата на Денот на востанието, па и фашизмот, воопшто? Ако уште не го разбравте значењето на аргументираните дебати по овие теми и празнината што ја остава нивното отсуство, тогаш ништо. Одиме натаму.