За жал, се случува тоа и во нашата професија. Секој е мета, никој не е заштитен, но има една голема разлика. Во време кога важи правилото „седи дома“, (покрај здравствените работници, полицајците, војниците и други), новинарите се меѓу оние ретки категории што не го почитуваат тоа правило.
Не затоа што не сакаат, не затоа што самоволно или арогантно одбиваат, туку затоа што природата на работниот процес бара да бидат на секое место, во секое време, особено во време на пандемија за да ја сервисираат јавноста со неопходните информации. Слободно време за „седење дома“ речиси и не останува.
Нема да се навраќам на сите елементарни и други непогоди во кои новинарите биле на или зад првата линија бидејќи тоа е нужен дел од професијата: и кога станува збор за пожари, за поплави, за авионски и за други несреќи, за земјотреси, за вооружени конфликти…
Со ист интензитет работат и кога имаат навреме добиено плата и кога со месеци немаат видено ни денар. Новинарите се секаде од каде што јавноста очекува информации. Таков е новинарскиот повик, горчлив е новинарскиот леб. Малку рози, многу трње.
За жал, ова не е прв случај на новинар заболен од Ковид 19. Има и други случаи. Условно речено, „полесно“ е кога некој работи од дома, кога ризикот за трансмисија на вирусот на колега, здравствен работник или политичар, е помал или сведен на нула, па нема на итно тестирање да бидат повикани партиски лидери и цели редакции.
Во вакви случаи, во ризик се „само“ новинарските семејства, кои одамна се помирени со судбината да ги чувствуваат сите импликации од живеењето со претставник на оваа професија. За жал.
Ситуацијата е многу посложена кога се работи за медиумски куќи, во кои работниот процес на може да се одвива од дома. Телевизиите се типичен пример. И кога член на таков колектив е заболен од Ковид 19, како во овој случај, засегнати се сите вработени, бидејќи новинарската работа во телевизија опфаќа синџир на многу лица поврзани во процесот на создавање еден производ.
Драг колега, сево ова што го пишувам, тебе ти е сосема познато. И на твоите колеги. Ја имаш сета поддршка во битката со вирусот. На еден од претходните брифинзи во Владата видов дека носиш маска и ракавици. Веројатно, и тие не се секогаш доволни за заштита од она што некогаш е надвор од нашата моќ или внимание.
Сите сме мета и сите сме ранливи. Деновиве, во текст на еден психолог прочитав дека Кинезите го пишуваат зборот „криза“ со два знака: првиот означува опасност, а вториот – можност. Новинарите никогаш не се плашеле од опасности, во спротивно не би се занимавале со оваа професија.
Фокусирај се на можноста – што поскоро да ја напуштиш ГОБ „Осми септември“, да бидеш првиот што ќе нѐ извести од таму дека болничките кревети не се пополнуваат со нови заболени. А кога сево ова ќе помине, единствениот вирус од кој ќе останеме вечно заразени да биде професионализмот, објективноста и колегијалноста.
Да се видиме здрави и живи на некоја следна прес-конференција, каде што нема ништо да ги прашуваме политичарите, туку еднаш ќе се прашаме меѓу себе – како сме? И очекувам прв да кажеш: Одлично!