Дебатирање за дебатите

Идејата за јавноста првенствено се однесува на јавната сфера, каде што јавното користење на разумот, односно јавната расправа меѓу слободни и еднакви граѓани, резултира со формирање и изразување на јавното мислење. Уште тоа да го научиме.

Читателот ќе ми ја прости дрскоста што во елаборацијата на оваа тема ќе искористам еден пример од мојата неодамнешна новинарска практика. Станува збор за одбиено интервју.

Се разбира, во новинарството одбивање интервју не е ништо ново и ништо необично. Впрочем, и во мојата нешто повеќе од тридецениска професионална кариера одбивањето интервјуа не било ретка и невообичаена појава. Најнедостапни за разговор пред јавноста секогаш се оние што својот авторитет го црпат од функцијата (најчесто бирократска) што ја вршат (министри, директори и слично). Одбивања се случуваат и затоа што соговорникот проценува дека во тој момент нема повод или нема ништо важно да ѝ каже на јавноста. Има и такви случаи кога соговорникот не сака да даде интервју на одреден новинар или за одреден медиум или, ете, едноставно, нема време или воопшто не сака да дава интервјуа.

Сепак, случајов што сакам да го споделам тука е поинаков и по многу нешта специфичен, за денес и сигнификантен. Интервјуто со мојот соговорник (еден македонски уметник) беше веќе договорено, а потоа откажано. Откога му беа доставени прашањата! А тоа, барем, во моето искуство е единствен пример. Уметникот се сложи интервјуто да го направиме писмено (бидејќи беше наменето за еден пишан медиум што дозволува ваква форма), но откога ги доби прашањата одби да одговори со образложение дека – прашањата не му се допаѓале! И уште дека припаѓам на старата опозиција, приврзана за Бранко Црвенковски (!), дека новата опозиција на Зоран Заев треба првин да расчисти со мене и моите пријатели (?) и дека дошле нови времиња на кои, ете, јас и моите пријатели (!?) не можеме да се прилагодиме. Сите тие квалификации, веројатно за да добијат на тежина, беа објавени на Фејсбук профилот на нашиот уметник.

Овој пример, значи, не го спомнувам затоа што интервјуто не е реализирано, ниту да ги задоволам нашите суети (мојата и на уметникот), ниту, пак, затоа што јавноста е ускратена за неговите размислувања (или барем читателите на медиумот за кој штоинтервјуто беше наменето), туку најмногу за „новото“ сфаќање на јавноста и улогата на медиумите во неа. Поточно за разбирањето на јавноста како средство за манипулација за постигнување некаква розова слика за улогата што јавната личност ја има (или треба да ја има) во нејзиното разубавување.

Ако, по некој случај, медиумот и новинарот не се подготвени да ѝ „излезат во пресрет“ на сопствената идеја за себе, тогаш тие дефинитивно се од „другата страна“, односно се етикетираат како општествени, а со самото тоа и лични непријатели (бидејќи „ние“ сме вистинските репрезенти на јавноста).

Појавата на манипулирање со медиумите и новинарите, односно на препарирање на јавноста е веќе доминантна, па тоа е поривот да се обидеме уште еднаш: јавноста, значи, е вид на социјално групирање, вонинституционален, но препознатлив колективитет. Таа не е ниту толпа, маса или публика, иако и тие се облици на „преодни форми на социјална организација“. Основната разлика помеѓу јавноста и толпата е во тоа што јавноста се формира како реакција на „проблем“, а толпата е одговор на заедничка емоција. Во таа смисла, јавноста се одликува со дебата и рационална дискусија. Таа, по дефиниција, е критичка и контролна, а со самото тоа и стабилизирачка.

steve_l

Фото: steve_l / Foter

Јавноста, самата по себе, е своевиден медиум кој посредува меѓу јавните дејности. Општествениот принцип на отвореност/публицитет подразбира транспарентност на општествениот ангажман, што значи дека процедурите и начините на извршувањето на јавната работа се утврдени, а последиците видливи, поради што, всушност, и постојат новинарските жанрови, како што е интервјуто, на пример.

Современата демократија вообичаено се смета за продукт на просветителството, период кога јавноста се става на пиедестал на фундаментален морален принцип. Кант ја дефинира јавноста како „Јавно користење на разумот“, односно како фундаментален и универзален принцип на човековото дејствување, а Бентем зборува за публицитет кој е основа на јавното мислење и на народниот суверенитет – своевидна заштите на јавната доверба во владетелите (во сите сфери), но и гаранција дека тие ќе ги исполнуваат своите должности.

Бидејќи принципот на јавноста има смисла само во контекстот на комуникација со повисок облик од интерперсоналната интеракција, природата на јавното, односно јавноста, не може да постои без временските и просторните хоризонти на комуникацијата што ја овозможуваат медиумите. Во современите демократии, идејата за јавноста првенствено се однесува на јавната сфера, каде што јавното користење на разумот, односно јавната расправа меѓу слободни и еднакви граѓани резултира со формирање и изразување на јавното мислење.

Се разбира дека нашиот уметник, според функцијата на работата со која се занимава, е фактор на јавноста кој не мора да ги знае теориските постулати за јавноста, јавната сфера, одговорноста, дебатата и медиумите,.. но секако мора да знае дека на овој или оној начин го креира демократскиот амбиент во таа иста јавна сфера во која постои и дејствува.

Поентата е во тоа дека ако таканаречените „културњаци“, односно творците во сферата на уметноста кои по дефиниција се корифеи на слободата, воспоставуваат принципи на замолчување на јавната дебата („некои прашања не заслужуваат одговор“, да го цитираме веќе „инкриминираниот“ Црвенковски, кога сме веќе инкриминирани), тогаш што може да се очекува од политичките елити на кои во длабок интерес им е избегнување на одговорноста.