Што им е заедничко на романите: „Сонцето повторно изгрева“ на Хемингвеј, „Разум и чувства“ на Џејн Остин, „Кери“ на Стивен Кинг, „Летот над кукавичкото гнездо“ на Кен Кејси, „Џејн Ејр“ на Шарлота Бронте, „Денот на црвот“ на Симона Јованоска, „Однесено со виорот“ на Маргарет Мичел, „Автостоперски водич низ галаксијата“ на Даглас Адамс, „Квака 22“ на Џозеф Хелер итн., освен што беа прилично добро примени од читателската и од критичарската јавност.
Заедничко им е тоа дека станува збор за први, односно дебитантски романи на посочените автори. Заедничко им е и уште тоа дека ако по некој случај нивните издавачи се раководеа по актуелните критериуми на годинашниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, веројатно никогаш немаше да бидат објавени.
Дискриминација
Имено, во конкурсот буквално пишува дека „дела на домашни автори кои имаат издадено едно книжевно дело или дебитираат со книжевно дело (проза, поезија, драма) или превод на литературни дела од преведувачи кои дебитираат со превод на книжевно дело“ ќе се финансираат со максимум 70.000 денари.
За недоволно упатените, во овие средства не влегува само авторскиот хонорар на авторот (всушност тој влегува можеби со најмала ставка), туку лектурата, техничкото уредување на книгата, насловната страница, печатењето и останатите трошоци што влегуваат во производството на оваа книга.
Станува збор за класична дискриминација, односно нарушување на принципот на еднаквост и еднакви шанси за сите. Првенствено се дискриминирани и буквално дестимулирани новите, најчесто млади автори
Се разбира дека овој „новитет“ во критериумите на Министерството е проблематичен од повеќе причини. Суштинската е дека Министерството се решило да ги финансира делата според квантитативни, а не квалитативни репери. Па, така имате цела скала на суми, (до) колку средства ќе се финансираат дела на автори што имаат до пет книги, па дела на автори со над пет книги итн. Најмногу средства се предвидени за монографии и научни трудови, податок што не е неважен за натамошната елаборација во овој текст.
Натаму, станува збор за класична дискриминација, односно нарушување на принципот на еднаквост и еднакви шанси за сите. Првенствено се дискриминирани и буквално дестимулирани новите, најчесто млади автори. Оваа моја забелешка не е ни малку наивна или бенигна. Можеби сега е моментот, Друштвото на писателите на Македонија остро да реагира, да го пријави случајот на она антидискриминаторна комисија, па ако треба и да потегне судски спор за заштита на правата на младите автори и дебитантите.
Проблематична е, се разбира, и предвидената сума. „Максимум до 70.000 денари“ најчесто значи дека таа ќе биде помала. И најчесто е и помала. Дури и да претпоставиме дека сите одбрани проекти ќе ја добијат максималната сума (што е речиси невозможно), таа, со постоечката инфлација, најблаго речено е недоволна еден издавач што држи до себе да произведе квалитетна книга во секој поглед.
Тоа ги става издавачите во прилично незавидна ситуација да ги одбиваат новите автори. Имено, бројот на проектите што еден издавач може да ги пријави на конкурсот е ограничен на десет изданија. Во таа ситуација, секоја нормална логика вели дека тој нема да ризикува да влегува во загуба со млад и можеби квалитетен автор, наспроти препораките да објавува автори што се можеби помалку квалитетни, ама затоа квантитативно се потентни.
Крив правец
Добро, јас ја знам мантрата на министерството, дека тоа не ги финансира целосно проектите, туку само ги помага, ама ајде еднаш да прекинеме да се лажеме. Издаваштвото и со финансиската помош на министерството едвај дише на жабри, а без оваа поддршка, сосема ќе исчезне. Ќе опстанат само оние што ќе објавуваат таканаречена комерцијална, главно преведена литература: „бестселери на Њујорк тајмс“, книги за самопомош од типот „Како да го заработиш првиот милион“ и слични љубовни и криминални палп романи.
Да не заборавиме, една од најпродаваните книги на сите времиња во Македонија од македонски автор беше „Крив правец“ на Димко Тасевски – Дитас. И? Каде е сега таа книга? Остави ли некаква трага во нашата култура? Ја збогати ли нашата литературна традиција? Смета ли министерството дека „правиот правец“ на македонското издаваштво е „кривиот правец“ на Дитас?
Едноставно е, ако државата Македонија сака да има култура, тогаш мора да ја купи. Културата чини пари, а квалитетната култура чини повеќе пари.
Едноставно е, ако државата Македонија сака да има култура, тогаш мора да ја купи. Културата чини пари, а квалитетната култура чини повеќе пари. На крајот на краиштата, не се издавачите виновни за издавачката клима во земјата, туку токму државата со својата (не)грижа за оваа дејност, во која толку се колне.
Порано постоеше институтот „откуп на книги“, што беше своевидна поддршка и за издавачите што не го поминале конкурсот или за книгите што воопшто не учествувале на него. Тие книги главно завршуваа во библиотеките. Денес издавачот, ако добие поддршка од Министерството (макар и тие до 70.000 денари) е должен педесет примероци да отстапи на НУБ „Св. Климент Охридски“, кои наводно завршуваат во библиотеките.
Библиотеките, пак, ако воопшто добијат средства за откуп на книги, најчесто ги набавуваат оние што „читателите ги бараат“ (погоренаведените примери на палп литература). Јас не го знам законот за библиотечна дејност, ама бидејќи се јавни институции, сѐ нешто мислам дека секоја нивна набавка, па и набавка на книги треба да оди преку јавен тендер.
Да не грешам душа, можеби и постојат такви тендери, само што јас немам видено ниту еден. Според моите разговори со издавачите, и оние ретки откупи се случуваат во директен договор меѓу библиотеките и издавачите со кои се во „пријателски односи“.
И тука доаѓаме до уште една ставка во конкурсот на Министерството за култура, ставена во графата „приоритети“. Таму се вели: „Публикации на издавачки куќи со конзистентна издавачка политика, кои имаат свој план за дистрибуција на изданијата (преку своја дистрибутивна мрежа или преку договори за дистрибуција со постојните мрежи)“.
Дистрибуција
Мојата прва реакција на ова писание беше идентична на онаа на актерот Зоран Радмиловиќ во филмот „Маратонците го трчаат почесниот круг“. Реков само: „Ајдеее“. Мене барем ми пресуши мастилото, пишувајќи дека државата не прави ништо за дистрибуција на културните добра.
Се случувало во Македонија да се снимат повеќе филмови, отколку што има киносали, на пример. Слична е состојбата и со книжарниците. Знае ли министерството колку градови во Македонија воопшто немаат книжарници? И што прави на тоа поле? Или тоа е таа „самоодржливост“, наместо книжарница да направиш „џиџимиџарница“. Или Министерството за култура смета дека бензинските пумпи на „Макпетрол“ и трговските синџири на „Тинекс“ и „Веро“ се соодветна дистрибутивна мрежа за книги.
Знае ли министерството колку градови во Македонија воопшто немаат книжарници? … Или Министерството за култура смета дека бензинските пумпи на „Макпетрол“ и трговските синџири на „Тинекс“ и „Веро“ се соодветна дистрибутивна мрежа за книги
Најголемиот дел од оние издавачи што имаат книжарници, главно имаат една. Некаква (каква-таква) книжарска мрежа имаат „Просветно дело“ (ориентиран на лектирни изданија и школски прибор и ранци, произведени во Кина) и „Арс Ламина“. Донекаде и „Три“ со трите книжарници во Скопје.
Не можам да се оттргнам од впечатокот дека овој приоритет значи потврда на неолибералната политика на ВМРО-ДПМНЕ – да им се даде на оние што веќе имаат, односно на издавачките олигарси, а малите издавачи нека ги – нема. И тука доаѓам до „најценетите дела“ според конкурсот на министерството. Односно до монографиите и научните трудови.
Се разбира дека единствените сериозно способни да изведат вакви (луксузни, а непрофитни) потфати се токму „Арс Ламина“ и Македонската академија на науките и уметностите. Тоа е тој неолиберален „закон на големите бројки“. Ако имаш, ќе имаш повеќе.
Речиси целиот мој професионален век се занимавам со културните политики во земјава. И речиси секоја година го коментирам конкурсот на министерството. Како да е некоја „црна клетва“ врз македонското творештво.
Што значи тоа? Тоа значи дека речиси секоја година се воведуваат некакви „новитети“ во тој конкурс. И тие никогаш, ама баш никогаш не се засновани врз некаков дијалог, врз разговор со засегнатите страни, врз јавни расправи или барем некакви дебати.
Државната администрација има кохерентна политика во однос на нивните плати и привилегии. За разлика од нив, на оние што живеат од конзистентноста на културните политики, на оние што цела година се подготвуваат за овој конкурс, буквално им следува изненадување секоја година и престројување во момент.
Простете, дебитанти. Годинава нема за вас место во македонската култура.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија