Десет Нобелови години

Европската Унија доби Нобелова награда за мир во 2012 година поради шестдеценискиот придонес за ширење на мирот, помирувањето, демократијата и човековите права, како најуспешен мировен проект по Втората светска војна.

Тогаш силно беше поздравена храброста што ЕУ ја покажала во надминувањето на историските непријателства и успехот на цивилизациската мисија за проширување на Унијата.

Во образложението за наградата, во неколку наврати беше упатен апел таа да преземе чекори кон што поголема европска интеграција. По напорите во текот на 1980-тите, со приемот на Грција, Шпанија и Португалија, а по 1990-тите и со земјите од Источна Европа, пораката беше дека истото треба да се случи и со земјите од Балканот.

Поминаа десет години откако ЕУ ја доби престижната награда. И девет години откако Хрватска последна влезе во ЕУ. Оттогаш до денес, проширувањето е „мртво море“.

Почетокот на преговори со Албанија и начинот на кој е истретирана и условена Македонија за реално да ги почне преговорите, не говори во прилог на очекувањата од вака опишаната нобеловка.

Унијата, во изминатата деценија воопшто и не се обидуваше да ги скрие симптомите на едно самозадоволно друштво, кое си дозволуваше да фрли поглед кон европската периферија пригодно и поводно, кога требаше да се промовира континентално единство „за“ некого или „против“ нешто.

Оваа наша западнобалканска периферија, во таквите моменти силно беше тапкана по рамо, за потоа повторно да биде оставена во заборав до некој следен повод или потреба.

Она што остана овде од имиџот на ЕУ, сѐ уште најмногу се должи на визната либерализација, чекорот што ги урна визните бариери за слобода на движење, патување, студиски и работен престој во земјите на Унијата. За запознавањето на ЕУ многу повеќе придонесоа и сопствениците на приватни нискобуџетни авиокомпании, кои патувањето до европските престолнини го направија достапно и за луѓето од периферијата, отколку сите оние блескави ЕУ инфо-центри претрупани со брошури, упатства, гломазни процедури и мирис на бирократија.

Поминаа десет години откако ЕУ ја доби престижната награда. И девет години откако Хрватска последна влезе во ЕУ. Оттогаш до денес, проширувањето е „мртво море“

Таткото на Европа, Роберт Шуман, до денес не доби наследници од негов габарит, ниту барем приближно. Многу седи глави продефилираа на одлучувачки позиции во ЕУ, ама никој не се запиша меѓу мудрите и визионерите.

Папата лани го одобри указот за признавање на „херојските доблести“ на Шуман, што е рана фаза на процес, кој може да доведе до канонизација. Досега неколку папи ја пофалија улогата на Шуман, во обидот да се прекине циклусот на војни во Европа.

Денес на европско тло има војна. Во Заедницата, која израсна врз договорот за јаглен и челик, денеска најмногу се дебатира за нафта, струја, гас… На периферијата се дебатира за јаглен. Кај нас – и за достоинство.

Не говорам за патетики, за парадна гордост, за конјуктурни и квази патриотизми. Мислам на оправданите реакции поради условувањата, со кои ЕУ покажаа дека некои земји секогаш се поеднакви од другите. Мислам на непочитта на ЕУ кон многуте компромиси што ги направи Македонија само заради европска интеграција.

Токму Унијата ги нахрани со аргументи сите што сметаа дека дијалогот, жртвите за европска иднина и компромисот се неисплатлива работа. Максимално ги зајакна националистичките наративи и впечатокот дека сме биле и сме восприемани најмногу како „привремен вратар“, тогаш кога миграциски бранови ќе го вознемират елитниот клуб.

Па, дури и со таа важна вратарска улога во еден многу фреквентен миграциски наплив, не успеавме да потпишеме договор со Фронтекс – поради непризнавањето на македонскиот јазик од страна на Бугарија. И сега, потишувањето на еден таков договор, колку важен за нас, толку и за ЕУ, ни се прикажува како јагода на шлагот и своевидна потврда на едно идентитетско обележје. Тоа е исто како да се трудиме да добиеме сметка за струја за да докажеме дека имаме адреса.

И по ваквиот „успех“ со вкус на пораз, не само наш, туку и на принципите на ЕУ, Брисел се однесува како домашните реакции да се само партиски, а не граѓански. СДСМ ликува што Верхеји ѝ одржал лекција на ВМРО-ДПМНЕ, небаре во земјава сè мора да е поделено и подредено меѓу власта и опозиција и не смее да има незадоволство на граѓани надвор од радарот и атарот на партиите.

Да биде чувството уште попоразително, едни претставници на МАНУ се впуштија во дистописки прогнози, а други ја насочија темата до сфери со меѓуетнички предзнак. Дали е ова вистинскиот пат по кој треба да оди едно, во моментов поделено и демотивирано општество?

За илустрација, кај источниот сосед каде што постои општ заклучок дека дипломатијата за нив одлично си ја завршила работата, сепак  националистите решија на следните парламентарни избори, главната изборна тема да им биде Македонија.

Во време на сет од кризи и сеопшта апатија, не се на цена нови поделби, ниту отпорот на елитите за континуирано созревање, а уште помалку поттикнувањето национални стравови од исчезнување

На таа основа, националистичката ВМРО ќе бара да се обедини со бившите партнери од Националниот фронт за спас на Бугарија (НФСБ), со „Има таков народ“ на Слави Трифонов, со „Бугарски подем“ на бившиот технички премиер Стефан Јанев и „со сите други патриотски партии“. За таа цел, партијата ќе организира голем форум во првата седмица од август.

Она што може да биде најголем подарок за овие националистички партии, е радикализирање на поделбите. Особено ако претстојниот Илинден кај нас биде одбележан со сите манири типични за поделено општество, препукувања и недостоинствено однесување.

 Власта, според која сè е бело, и опозицијата според која сè е црно, мора да најдат сили и начин да избегнат вакво сценарио, кое нема да биде корист за никого, а најмалку со додадена вредност за земјата.

Потребна е рационалност, студена глава и однесување без антагонизми. Ако може барем еден ден. И онака тешката тема ќе биде присутна 24/365 и допрва ќе треба да се бараат решенија за справување со замките.

Политичарите денес ќе мора да се разликуваат спoред нивната суверена политичка волја, а не според степенот на увид во нивната политичка немоќ. 

Тоа е потребно за да не се најдат во една неповолна позиција, која почнува со „војна“, во надеж дека на едниот ќе му биде подобро, а на другиот ќе му биде полошо, зашто на крајот се соочуваат со фактот дека и на двете страни им е лошо.

Затоа, не треба да трошат време енергија и ресурси во вечно повторување на вакви циклуси. Граѓаните ќе го дадат нивниот суд за сечие поведение на следните избори и ќе ги имаат предвид сите искуства што ќе се генерираат дотогаш.

Во време на сет од кризи и сеопшта апатија, не се на цена нови поделби, ниту отпорот на елитите за континуирано созревање, а уште помалку поттикнувањето национални стравови од исчезнување.

Предизвици имало и ќе има, но сите наши Илиндени се историски потсетници дека Македонија била и ќе остане исклучиво синоним за непокор и опстојување. Честит Илинден!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија